Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Џулијани сега го обвинува и Сорос!?

andykatz/BigStock.com

Џулијани сега го обвинува и Сорос!?

Рудолф (Руди) Џулијани поранешен успешен градоначалник на Њујорк, а пред тоа (велат) и добар државен обвинител на Менхетен, за покренатата пресметка со локалната мафија и со организираниот криминал, едно време важеше за републикански адут за влез во Белата куќа, како првиот Американец од италијанско потекло што требаше да се искачи до самиот врв на американска политика.

Самиот Џулијани се вклучи еднаш во трката за номинација на Републиканската партија, како кандидат за претседател, но не остана долго во неа и се повлече, откако тој и неговиот изборен штаб утврдија дека ја нема потребната поддршка. По тој неуспех, одлучи, како правник и адвокат целосно да и се посвети на професијата.

Таму и остана до појавувањето на њујоршкиот милијардер со политички амбиции, Доналд Трамп и неговото влегување во изборната трка за изборите во ноември 2016 година.

Приватно-службено

На почетокот како дел од бројниот и „шарен“ советнички тим околу Трамп, со кого се блиски уште од времето кога Џулијани беше градоначалник. Подоцна, тој се повеќе му се приближува на Трамп, стекнувајќи ја неговата доверба, па, иако не ја доби функцијата државен секретар во Стејт департментот, која многу ја посакувал, остана лојален и близок со новиот претседател.

Откако Трамп почна да запаѓа во проблеми, посебно со „украинскиот случај“ за кој беше покрената и постапката за импичмент, претседателот го одбра токму Руди Џулијани да му биде негов личен правен застапник (адвокат).

Самата позиција, во основа, треба да е приватна, но овој американски Италијанец, ја направи да биде и службена, па е речиси постојано во јавноста, најчесто како своевиден обвинител на Џо Бајден, копајќи за докази и за вина за таткото и синот Бајден – повеќе за да бидат политички дисквалификувани, отколку за некаква кривична одговорност, која засега, никој нема откриено дека таа воопшто и постои.

Како и да е, тој обвинува и јавно деградира низа други личности од американската политика, сите блиски до демократите, не трудејќи се при тоа да понуди докази за своите тврдења.

Впечаток е дека единствено му е битно во оваа, во основа валкана работа што ја обавува, „на тапет’ да се најдат сите кои не се согласуваат со Трамп и кои го осудуваат во случајот со Украина, за кој на претседателот ќе му се суди во Сенатот.

Во служба на претседателот

Застапувајќи го Трамп на јавната сцена во САД, низ изјави и интервјуа, главно во прорепубликански и десно ориентирани медиуми, Џулијани својата функција ја направи толку службена што делува како да е член на администрацијата, иако претседателот и натаму тврди дека тој му е само адвокат.

За него во една прилика има речено дека не знаел за патот на Џулијани во Киев, ниту за разговорите што претходно ги има водено во Виена и Будимпешта, со Украинци кои инаку го обвинуваат Бајден и кои ги напаѓаат демократите, но тогаш претседателот има речено – „Руди многу добро си ја знае работата, во гонењето криминалци“ – и дека верува оти ќе ги ископа потребните докази!

Малкумина Американци, затоа, веруваат дека личниот адвокат на Трамп, работи сам и на своја рака, со цел да обезбеди докази што ќе треба да ги „уништат“ шансите на Џо Бајден да му се спротивстави на актуелниот претседател во неговото настојување да добие уште еден мандат во Белата куќа. Како што не веруваат и во неговиот сегашен, (не)очекуван груб, напад врз милијардерот Џорџ Сорос.

„Филантроп и заговорник“

За човекот што го има преживеано Холокаустот, адвокатот на Трамп рекол дека „тешко е да се рече дека (Сорос) е Евреин“, додавајќи при тоа дека тој (Џулијани) е повеќе Евреин од него.

Во разговор за „Њујорк магазин“ овој италијански Американец рекол дека…

Сорос ниту оди во црква, нити влегува во синагога, а и никогаш не го подржува Израел и дури е и негов непријател“.

Меѓутоа, главнината на нападот е дека Сорос „тајно“ има вработено агенти на ФБИ (Федералното биро за истраги), како и амбасадори за да бидат вклучени во разни теории за заговор (!?) што, наводно, се извршуваат под контрола на овој филантроп. Па, така и се дошло до тоа да бидат избрани осуммина (негови) регионални државни обвинители во САД, што Руди ги дисквалификува како „анархисти“, додека за самиот Сорос рекол дека е „едно ужасно суштество“!

Медиумите во САД, останале шокирани од ваквиот напад и посебно од ваквиот јазик на човек кој има извршувано јавни функции, кој велат се нема откажано од влегувањето во директната политика и кој сега е толку блиску до американскиот претседател.

Гневни диктатори

А, „страшниот“ Сорос, по бегството од неговата родна Унгарија, се префрла во САД и се вклучува во светот на финансиите, како инвеститор на берзите. Има успешно создадено неколку хеџ-фондови и станува мошне богат човек.

При тоа, не мал дел од своето лично богатство го има насочено во заштитата и одбраната на човековите права, во одбраната на демократијата и во заложбата кон изградба на либерални општества, како во земјите од посткомунизмот во Европа, така и насекаде низ светот.

Но, со тоа го навлекува на себе гневот на разните диктатори и на авторитарни режими, затоа што го нудеше и го популаризира отвореното општество, во кое треба да има место за сите.

Таквата работа на Сорос, ги има налутено дури и оние на кои им има помагано во развојот на демократските процеси, во посткомунистичката транзиција, како на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој со парите на ЕУ води воинствена кампања против Сорос кој, инаку, му го има платено дошколувањето во странство.

Лутината кон Сорос низ Европа, претходно тргна од Русија, кога тамошниот, еднаш премиер, па потоа претседател, па пак премиер и одново претседател, што е веќе 20 години на власт, откри „зло и таен заговор“ во соросовото руско Отворено општество, па нареди да се затвори.

Салвини и македонските националисти

Дисквалификации има и на Западот, кај сите ултра-десничарски политичари, а најгласен беше Матео Салвини, новокомпонираниот италијански „дуче“ кој војува со либералната демократија.

Лажните осудувања се појавија и во Македонија, кога вмровскиот режим се соочи со својот пад, откако беше соголен како криминален, корумпиран и управуван од еден деспот, иако токму луѓе од ова националистичко друштво имаат добиено пари од македонскиот дел на Отворено општество, на кое очигледно, веќе му е потребно едно силно проветрување од оние кои со децении го имаат претворено во своја фирма.

Во САД, пак, на Сорос почнаа да му се закануваат кога стана јасно дека тој застана зад кандидатурата на Хилари Клинтон, а не зад Трамп.

Самиот тој, како претседател и веќе како деклариран популист и политичар на десницата, кој не го поднесува либерализмот, не го сокриваше своето несогласување со линијата која ја застапуваат Сорос и неговото Отворено општество.

Во својот дом во Њујорк, Сорос еднаш доби и писмо-бомба, што не предизвика никаква штета, а полицијата откри дека такви писма и закани имало на неколку адреси и дека ги има испратено еден осамен американски ултра-десничар.

„Демонизирање на Сорос“

На сегашните обвинувања на Руди Џулијани реагираше Лора Силбер, висок претставник на фондацијата Отворено општество. Таа ги оквалификува како отровна кампања, од која еден човек, како што е адвокатот на претседателот, треба да се засрами.

За она што го има изречено за Сорос, Силбер рекла дека тие зборови се „одраз на неговата отровна кампања за креирање дезинформации и за лажни вести, со единствена цел да му помогне на Трамп – да го одврати вниманието на јавноста од тешките обвинувања со кои се соочува претседателот“.

Разни еврејски организации од САД исто така остро реагираа на изјавата на Џулијани, тврдејќи дека обвинувањата за наводната „контрола“ врз амбасадори и божемното вработување агенти на ФБИ, има за цел да се демонизира Сорос, дека намерата е да се замајува јавноста и едноставно да се навредува еден филантроп.

„Она што го прави адвокатот на Трамп е само продолжување на веќе долгогодишната пракса за инсистирањето на наводните бројни антисемитски теории за заговори. Сите тие тргнуваат од тоа дека постои еврејска контрола и дека се манипулира со разни држави и со светските настани. Затоа, Руди Џулијани треба да се извини и да ги повлече сите свои вакви коментари, освен ако неговата намера не е да им се даде сигнал на најтврдиот антисемитизам и белата супериорност, кои единствени може да веруваат во ваквото ѓубре„

…се вели во соопштението на американската Anti-defamation Liga (ADL).

Цел – да му се напакости на Бајден

Дел од домашните аналитичари тврдат дека со сите свои вакви настапи, со јазикот кој притоа го употребува, како и со дисквалификацијата на поранешната амбасадорка на САД, Мари Јованович која сведочеше во пред импичмент постапката, третирајќи ја како „непријател“, се знак дека Џулијани сака да се јави како застапник на Трамп во текот на судењето во Сенатот, прикажувајќи се јавно како негов најблизок и најлојален сојузник.

Други, меѓутоа, велат дека Руди е „на чекор до тоа – самиот себе да се стави во затвор“, бидејќи никој од опкружувањето на претседателот и од неговата администрација, се нема толку многу внесено себе си во целата афера околу Украина, околу блокадата на воената помош и уцената таа да се одмрзне, доколку властите во Киев прифатат да покренат истрага со која се сака да му се напакости на Џо Бајден.

„Како тргнал за да се ископа нешто што ќе му наштети на политичкиот противник, притискајќи при тоа врз разни, бивши украински функционери, изгледа дека нему повеќе ќе му треба добар адвокат, отколку на претседателот Трамп“

…вели за весниците поранешниот американски конгресмен Бакари Селерс, коментирајќи го однесувањето и работењето на Џулијани.

Украински „доушници“

Прво, со тргањето на екс амбасадорката Јованович, за што самиот се има пофалено, дека тој има одиграно клучна улога.

Токму Џулијани ја има означено како „пречка за да се покрене истрага за Бајден во Киев“, затоа што, како што рекол, не им издавала визи за влез во САД на Украинци кои (наводно) самите сакале да дојдат во Америка за да, како што рекол, ја објаснат корупцијата на демократите (американски), мислејќи при тоа на таткото и синот Бајден.

Второ, со обвинувањето дека Јованович, практично, извршила „попречување спроведување на правдата“ (што е кривично дело) и трето што со него низ Европа и во Украина патувал (и му служел како советник) поранешен украински дипломат кој едно време бил на работа во Вашингтон, во амбасадата на Украина.

А тој се јавува како „водител“ на Џулијани во неговото „копање“ во Киев за да се дојде до докази за да се обвини (наклевети) Џо Бајден.

Конечно, токму овој Украинец е и првиот од целото ова друштво кој се нафрли врз Џорџ Сорос, обвинувајќи го милијардерот и филантроп дека преку „свои врски“ му го попречува неговиот влез во САД!?

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе