Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Папа Франциско: Оставете ги мобилките и разговарајте!

palinchak/BigStock.com

Папа Франциско: Оставете ги мобилките и разговарајте!

Поглаварот на Католичката црква, папата Франциско им порача на верниците да ги тргнат настрана мобилните телефони и наместо да гледаат во нив, да разговараат меѓу себе, кога се собираат за ручек, или вечера во семејствата.

При тоа, тој им го посочил примерот на Исус, на Марија Богородица и на Јосиф за кои рекол дека разговарале меѓу себе кога ќе се нашле заедно.

Тие се молеле, работеле и разговарале

…им рекол папата на верниците, собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

„Се прашувам, дали сега разговарате, кога како семејство ќе се соберете дома, или пак и вие, како што прават децата, сте загледани во мобилните телефони. Тогаш навистина има тишина, како во црквите, за време на миса, но нема никаква комуникација„

…ги прекорил Франциско верниците.

Според папата, заедничка задача – на црквата и на верниците – е да се обнови комуникацијата во семејствата и при тоа ги повикал родителите, бабите и дедовците, како и сестрите и браќата да го послушаат неговото укажување.

Не само во семејствата, туку и надвор од дома, посебно младите, повеќе време трошат гледајќи во мобилните телефони, отколку што учествуваат во меѓусебни разговори, а тоа се случува кога седат во кафулиња, кога одат во посета кај некого, дури и кога се на работа, каде ако ништо друго би требало да работат.

Антисемитски графити низ Лондон

Антисемитски графити и пароли осамнале низ Лондон, за време на еврејскиот празник Ханука. Британската полиција ги има откриено на зградите на еврејските верски објекти, синагоги, на кафулиња и пабови и на излозите на продавници.

Најчесто се среќаваат пречкртана „давидова ѕвезда“, или бројките „9/11/“ симболизирајќи го датумот (како што се пишува во Британија) на терористичките напади во Њујорк и Вашингтон, што исламистички терористи го извршија на 11 септември 2001 година, убивајќи над три илјади луѓе. Овој датум се исцртува според антисемитската теорија за наводен „еврејски заговор“ во најголемиот и најубиствениот терористички напад врз САД.

Британската полиција соопшти дека графитите и паролите низ Лондон се расистички мотивирани, со цел за поттикнување расна и верска омраза.

Случувањата во британскиот главен град доаѓаат (меѓу другите) и по грубиот напад на Руди Џулијани, личен адвокат на претседателот Доналд Трамп, врз американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, инаку Евреин по потекло. Џулијани, по враќањето од Украина, каде „копа„ настојувајќи да најде докази против демократскиот претендент за претседател Џо Бајден, во едно интервју го оквалификува Сорос како „еврејски заговорник“.

Луѓе умираат од студ во Бангладеш

Во големиот студен бран што го има зафатено Бангладеш, каде главно преовладува тропската, влажна клима, досега умреле над 50 лица – соопштија здравствените власти во оваа држава.

Невообичаениот студ за тамошното поднебје, со температури кои се спуштаат до 4 степени Целзиусови, предизвикуваат луѓето, најчесто, да заболуваат од тешки инфекции на органите за дишење.

Луѓето во Бангладеш многу често живеат по улиците, на отворено, или во импровизирани објекти што може да ги заштитуваат од тамошните нормални временски услови. Освен тоа, тие немаат никаква облека за зима и за студено време, па лесно заболуваат од грип, тешки и компликувани настинки и од воспаление на белите дробови. Најголем број од жртвите се стари луѓе и деца – и едните и другите – од сиромашните слоеви на општеството.

Лошото време, со студени ветрови и магли се предвидува да трае до после Нова година.

Петиција против огнометот во Сиднеј

Повеќе од 250 илјади луѓе се имаат потпишано на петицијата со која се бара од властите во Сиднеј, во оваа новогодишна ноќ да не се одржи традиционалниот и во целиот свет познат, огромен огномет на мостот во најголемиот австралиски град.

Со петицијата се бара парите кои треба да се потрошат за огнометот, да се пренасочат за одбраната и заштитата на градот што од сите страни е опкружен со пожарите кои со недели беснеат во тој дел од Австралија. Градот се уште не е директно загрозен, но иницијаторите на акцијата за откажување на огнометот сметаат дека властите во Сиднеј треба да имаат и разбирање за луѓето кои страдаат, или веќе имаат настрадано од огнената стихија која никако не може да се запре.

„Доста ни е веќе од чад во воздухот“ – пишува на еден голем транспарент истакнат во Сиднеј, порачувајќи им при тоа на властите дека луѓето веќе долго имаат и гледаат експлозии и огнови.

Градоначалникот на градот кој за Нова година угостува милиони туристи и гости, меѓутоа, ја отфрли петицијата. „Имам разбирање за луѓето и за маките со кои се соочуваат, но огнометот, сепак, ќе се одржи.

Новогодишниот огномет го чини Сиднеј над четири милиони американски долари.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе