Поврзете се со нас

Skopje Global

Парите (навистина) се отепувачка

Европа/ЕУ

Парите (навистина) се отепувачка

photosvit/BigStock.com

Парите (навистина) се отепувачка

Нашите луѓе знаат да речат дека парите можат да бидат и отепувачка, кога ќе се појават одеднаш, неочекувано, во многу поголем износ од редовниот.

На пример, како главна премија на некоја игра на среќа. Можат целосно да ги изменат луѓето – најчесто за добро – зголемувајќи им го стандардот, подобрувајќи им ја живејачката и вкупната благосостојба.

Не е реткост, меѓутоа, ваквата неочекувана пара, да ги „расипе“ луѓето и да ги поремети односите во семејствата, па дури и да им го уништи целосно дотогашниот живот, скромен но мирен и без потреси.

Во Британија, на пример, тоа обично се нарекува како – клетвата на парите – или уште попрецизно – клетвата на лотаријата и играта на среќа.

По тоа, Британците многу не се разликуваат од нас, во Македонија, само што парите и добивките, па според тоа и „шоковите“ за добитниците се многу поголеми.

Во такви прилики, луѓето купуваат скапи куќи, луксузни автомобили, фрлаат пари за облека каква дотогаш не носеле, зашто не можеле да си дозволат да ја купат, или заминувале на патувања каде и не сонувале дека може да отпатуваат.

Рекордерот Колин

Но, посебно кога станува збор за британските прилики, парите добиени како главна премија и среќата да се „улови“ џек-пот, без разлика на висината на парите (иако тоа не е безначајно), не секогаш носат и повеќе среќа. И не само тоа, не е мал бројот на примери кога добитниците целосно си ја прокоцкале среќата и сега тагуваат за времето пред да станат милионери.

Деновиве веста за смртта на еден „обичен“ Шкотланѓанец стана вест во сите тамошни весници и ја објавија сите британски медиуми.

Веста е дека во малото место Ларгс, во северен Ајршир, во Шкотска починал 71 годишниот Колин Вир.

Овој поранешен камерман, починал за многу кусо време, но тој не е познат по својата поранешна професија, туку по тоа што во 2011 година, стана добитник на главната премија на лотариската игра „Еуромилион“ од 161 милион фунти (околу 193 милиони евра). До октомври годинава, Вир беше добитник на највисоката лотариска премија во Британија.

Тоа направи, неговата смрт, да ја одбележат сите, потсетувајќи се дека тој со тогашната сопруга веднаш се искачија на листата на 1000 најбогати во Британија, на „Сандеј Тајмс“, а особено по тоа што како редовни гости на локалниот паб оделе да испијат по една пинта пиво, и вечерта, откако разбрале дека станале екстра богати, не се откажале од навиката. Овој пат, само нарачале уште и едно шише шампањско.

Пари, политика, развод

Работите потоа, со парите со кои „можеле да си купат се што ќе посакаат“, тргнале во друга насока. Брачната двојка Вир останала во Ајршир, Колин кој бил запален навивач на малиот локален фудбалски клуб вложил пари во клубот, станал брзо главен акционер во клуб каде не се вртат пари, а уште им ги ветил половината од акциите на навивачите.

Формирал и хуманитарна фондација, а се замешал и во политиката, па еден милион фунти дал за кампањата за референдумот за независност на Шкотска, па од тогаш станал и редовен донатор за Шкотската национална партија (СНП).

Не се знае како на сето ова распределување на парите реагирала сопругата, но во септември, само три месеци пред да почине, Колин и Кристина Вир се развеле, после цели 38 години брачен живот.

Не се знае зошто, но лондонските таблоиди веруваат дека разводот бил поради парите, инсистирајќи дека и во овој случај „клетвата на парите од лотаријата“ ја имаат определено судбината на еден до пред осум години мирен живот и стабилен и среќен брак.

Случајот со Колин, натера повеќе весници во Лондон да потсетат дека случајот на брачната двојка Вир не е осамен, а дека ваквите неочекувани богатства се отепувачка.

„Како дојдоа, така и си отидоа“

Кали Роџерс која во 2003 година, како 16 годишна добила на британско Лото 1,8 милиони фунти, сега не само што нема ништо од парите, туку како мајка на три деца работи по цел ден, за да го одржува семејството.

„Како што дојдоа парите, така и си заминаа“- им изјавила на репортерите на „Дејли Мирор“.

А трошела за се што не треба – дури 250 илјади фунти за кокаин и дрога (станала наркоман), над 30 илјади за разна облека, за 18 илјади и не знае каде отишле, а вели половина милион фунти раздавала за семејството и за пријатели кои барале позајмување. Дури и ја натепале во тоа време, па сега на 32 години се уште чувствува последици.

Адријан и Гилијан Бејфорд, пред седум години имаат добиено 148 милиони фунти на „Еуромилион“, но наместо парите да им го разубават животот, се од тогаш им тргнало наопаку.

Прво, не се повеќе во брак. Разведени се неколку години. Таа е на суд затоа што (наводно) натепала еден свој „дечко“.

Сега е премажена за поранешен осуденик за измама и за фалсификат, откако за својата втора венчавка потрошила (велат) многу пари! Ниту сопругот не стои подобро на тој план, двете врски со две различни жени пропаднале – еднаш тој ја набркал жената со која живеел, а во другиот случај му побегнала партнерката.

Милионер без пари

Слична судбина има и кај Роџер и Лора Грифитс. Иако тие на домашната лотарија имаат заработено многу помала премија (1,8 милони фунти) не само што се развеле набргу по добиениот џек-пот, туку и натаму се обвинуваат за тој кој е повеќе виновен за лесно прокоцканите пари.

Некои добитници им признаваат на новинарите дека „лотаријата им го уништила животот“ затоа што пред тоа животот, сепак, бил поубав.

Џон Мекгинис, на пример, заработувал само 150 фунти неделно, како вратар во една болница, кога во 1997 година има добиено 10 милиони фунти. Дваесет години подоцна- нема ништо од тоа богатство.

Прво, затоа што се расфрлал со парите – скапи автомобили, скапи летувања и патувања и скап развод. А, потоа и зашто се покажал лош играч со вложувањето на својот капитал. Вложил четири милиони фунти во еден шкотски фудбалски клуб и се загубил, кога клубот банкротирал. Сега живее со родителите, во еден мал стан и многу често нема пари ниту за храна.

„Клетвата“ на премијата

Искуствата на бројните добитници на игрите на среќа во Британија, покажува дека колкава и да е висока премијата, во кризата што потоа настанува, бракот и брачната врски, први страдаат.

Џејсон и Викторија Џонс биле само едем месец венчани кога добиле 2,3 милиони фунти, во 2004 година. Сега признаваат дека овие пари им ги уништиле животите. Не помогнале ниту раскошната куќа, ниту автомобилот од над 70 илјади фунти, ниту купените имоти. Набргу по добиената премија, таа го оставила сопругот, сега признавајќи дека „целосно се изгубила од парите“.

Викторија вели – почнав да ги гледам луѓето поинаку, не забележувајќи дека и тие на мене гледаат со други очи.

„Премијата за мене беше како клетва и сега признавам – подобро да ги немаше тие пари“.

Лондонските медиуми не ретко се навраќаат на оваа тема, изнесувајќи вакви случаи за кои луѓето – добитници на лотариски премии, самите раскажуваат.

Не ги сокриваат од јавноста.

Не се ниту срамуваат да зборуваат за тоа, верувајќи дека нивните искуства може да бидат поучни за оние кои допрва може да станат добитници на богати премии.

Можеби и затоа, добитникот на рекордните 170 милиони фунти (околу 200 милиони евра), во октомври годинава, се уште се сокрива и одбива да се идентификува.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе