Телеком компанија плаќала рекет на терористи
Најголемиот африкански мобилен оператор МТН, телеком компанија од Јужна Африка, е обвинет за плаќање рекет-мито на исламистичките милитанти и терористички групи во Авганистан за заштита на својата оперативна мрежа!
Ваквото обвинување доаѓа откако еден федерален суд во САД покрена постапка за повреда на американските анти-терористички закони. Постапката била отворена за заштита на интересите на семејствата на Американците, загинати во Авганистан. Компанијата МТН, засега, одбива да ја коментира покренатата постапка, освен што објави дека „го испитува обвинувањето“.
Во него, меѓутоа, американската страна обвинува дека МТН плаќала рекет и ги подмитувала терористичките и џихадистичките дружини на Ал Каеда и на талибанците за да спречи дополнителни инвестиции во скапото обезбедување на нивните преносни кули.
Според обвинувањето со тие и такви пари, јужноафриканската телеком компанија, практично, го финансирала вооружувањето и нападите на талибанските џихадисти во период од осум години, меѓу 2009 и 2017 година. Таквото однесување на компанијата се оценува дека не е само неморална, туку е во директна спротивност со законите за борба со тероризмот во САД.
МТН е најголема африканска телекомуникациска компанија, како и оператор кој опслужува 240 милиони претплатници.
Тоа ја прави МТН да биде рангирана како една од осумте најголеми вакви компании во светот.
Ова не е прв пат, јужноафриканската компанија да се соочува со суд и судење, па во 2015 година МТН беше казнета со пет милијарди долари од властите во Нигерија, затоа што нејзиниот мобилен оператор не престанал да оперира со нерегистрирани СИМ картички. Казната била подоцна намалена на 1,7 милијарди долари, но откако во правниот спор, директно се замешал тогашниот претседател на Јужна Африка, Џејкоб Зума.
Во февруари оваа година, еден поранешен јужноафрикански амбасадор во Иран, бил уапсен во Преторија, со обвинување дека примал поткуп од МТН, за да помогне оваа компанија да добие лиценца за работа на големиот ирански пазар.
Според медиумските сознанија, зделката со Иран изнесувала 31,6 милијарди долари.