Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Москва: Нема нафта за Белорусија

Aikon/BigStock.com

Москва: Нема нафта за Белорусија

Русија ја прекина испораката на нафта за Белорусија, откако двете сојузнички држави не успеаја да се усогласат околу обновата на договорот за снабдување со нафта, во рамките на долгите и контроверзни преговори за „унапредување на економските врски“.

Белоруската државна компанија за нафта и гас соопшти дека Русија го прекинала снабдувањето, известувајќи го Минск дека тоа ќе трае се додека не биде постигнат нов договор.

Двете рафинерии во земјата сега работеле со половината од своите производствени капацитети, трошејќи ги резервите од сурова нафта.

Руската нафтена компанија „Трансњефт“ потврди дека повеќе не испорачува нафта за оваа земја.

Братска привилегија

Повеќе од 25 години, или од распадот на поранешниот Советски Сојуз, во кој Белорусија беше една од советските републики, по стекнувањето на независноста, земјата се потпира врз евтината руска нафта, користејќи ги при тоа и другите енергенси, по ниски цени, како и евтините државни кредити што Москва му ги дава на Минск.

Тоа силно ја помага белоруската економија и државата која е сиромашна со суровини, но ја прави економски и политички зависна од Русија и ја тера да мора да биде максимално лојална на Москва и на нејзините интереси.

Се смета дека сегашното прекинување на испораката на нафта е дел од актуелната „игра“ меѓу двете, инаку блиски сојузнички држави кои до скоро својата блискост ја означуваа како „братска“.

Таа „игра“ на Москва со Минск по малку наликува на ситуацијата која се создаваше меѓу Русија и Украина, пред настаните на плоштадот Мајдан во Киев, иако ситуацијата на теренот е различна.

Поцврста интеграција

Прво, Белорусија, предводена од „последниот европски диктатор“ Александар Лукашенко, не најавува промена на својот надворешно политички и економски курс, што ќе рече свртување кон Западот, наместо верноста кон рускиот Исток.

А, второ, колку што се знае, Минск не бара ниту членство во ЕУ, ниту најавува правење посебна спогодба (економска) со Унијата, како што тоа го покрена Киев на почетокот во 2014 година, што беше проследено со силното руско спротивставување.

Властите во Минск, само бараат продолжување на привилегијата што до сега ја имаа – да добиваат нафта и гас по цени за руските потрошувачи, а не според руските извозни цени кои и онака не се еднакви за сите купувачи во странство.

Москва од поодамна ги користи нафтата и гасот за политички цели, па после она што и се случи во Украина, пред повеќе од пет години, многу е веројатно дека сега по никоја цена не сака реприза на украинските случувања.

Затоа и од пред извесно време Русија врши притисок врз Лукашенко и Минск за зацврстување на економските (и политичките) врски.

Всушност, од Белорусија се бара да се согласи за „поцврста економска интеграција“ доколку сака и натаму да добива нафта и гас по цените наменети за рускиот домашен пазар.

Притисок од Москва

Преговори за ваков договор се водат подолго време, во длабока сенка, а вестите од таму се различни, во зависност од тоа кој ги испорачува. Па, така еднаш се јавува дека „нема напредок“, додека друг пат дека „преговорите добро напредуваат“.

Така или не, Белорусија остана без руската нафта, приморана да ги користи последните резерви. Наводно, додека не се направи нов договор, но вакво прекинување на испораката, среде зима и додека траат преговори, досега немало.

Москва еднаш веќе ја зголеми цената на нафтата што ја испорачува за Белорусија, а и ги укина субвенциите за Минск.

Белоруската страна, пак, одолговлекува со преговорите за поцврста интеграција, а уште есеноска обелодени дека не се согласила за уредување на две руски воени бази на нејзина територија.

Независни европски аналитичари засега се резервирани околу оценувањето на белоруско-руските односи. Не се верува дека станува збор за вистинска криза, туку дека станува збор за политичка игра, која многу повеќе му е потребна на Лукашенко, за внатрешни потреби.

Она што може да се нарече опозиција во оваа земја, каде во домашниот Парламент нема ниту еден опозициски пратеник, смета дека Русија сака да ја анектира Белорусија, како што тоа го направи со Крим.

Според нив, поцврста интеграција е „само маска за исчезнувањето на земјата како независна држава“. Лукашенко, од своја страна, уверува дека без разлика на „братските односи“ со Москва, нема да има припојување на Белорусија кон ниту една земја, па ниту кон Русија.

(М.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе