Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Санчез доби подршка од Каталонците

Esteban Martinena/Bigstoc.com

Санчез доби подршка од Каталонците

Шпанскиот премиер Педро Санчез, лидер на Социјалистичката партија (ПСОЕ) која на два пати одржаните избори добива мнозинство гласови, но недоволно за да формира стабилен владин кабинет,  се наоѓа на чекор да формира влада после ноемвриските избори и така да ја прекине политичката криза во земјата, која трае повеќе од една година. Според медиумите во Мадрид, владата ќе биде коалициона и тоа ќе биде за прв пат после 40 години од воведувањето на шпанската демократијаќ

Ваквиот пробив во надминување на кризата се очекува да се направи откако Санчез ја доби поддршката од најголемата каталонска партија- Каталонската републиканска левица (Esquerra Republicana de Catalunya) – ERC, која сега е водечка каталонска сепаратистичка партија.

Лидерот на шпанските социјалисти постигна договор со Каталонците да ја подржат (сега) малцинската лево-центристичка коалиција меѓу ПСОЕ и партијата Подемос, на тој начин што при клучното гласање за добивање доверба во Парламентот, кое се очекува на 7 јануари, ќе се воздржи од гласање. Тоа значи дека нема да гласа против,  како што тоа го правеше досега  и на тој начин ќе овозможи Шпанија, конечно, да добие влада.

Прв пат преговори за Каталонија

Цената за ваквиот расплет на шпанската политичка криза е согласноста на Педро Санчез, како мандатор и на раководството на ЕРЦ , за прв пат досега,  да отворат дијалог за иднината (и за идниот статус) на Каталонија.

Барцелона, протести за независност на Каталонија

Тоа би било голем напредок, затоа што   гласањето за претходните избори, помина во сенката на ситуацијата во овој автономен шпански регион, во североисточниот дел на земјата и под притисокот на тамошното силно сепаратистичко движење кое бара отцепување од Шпанија.

Претходната малцинска влада, под водството на Санчез, која постоеше од јуни 2018 до април 2019 година, беше соборена, па мораше да се оди на нови предвремени избори затоа што не ја доби поддршката за буџетот на земјата и тоа затоа што против беа и пратениците на оваа каталонска, левичарска партија. Тогаш ЕРЦ бараше од Санчез да се согласи со организирање  референдум за независност на Каталонија, односно бараше „благослов“ од Мадрид за ваквото изјаснување, за да тоа не биде нелегално и антиуставно. Ваквото барање беше одбиено.

„Свиткување кичма“

Сега, меѓутоа, двете страни имаат направено отстапки од своите претходни позиции. Санчез со тоа што, конечно, некој во Мадрид се согласува да се разговара ( преговара) за иднината на регионот, а партијата ЕРЦ со тоа што не инсистира на согласноста за референдум.

Според македонските антиевропски националисти, собрани во и околу овдешната опозиција, Педро Санчез „ свиткал кичма“ , како што тоа во Скопје му се припишува на Зоран Заев, околу историскиот договор со Грција, па сега и шпанскиот политичар сака да го затвори каталонското прашање низ правење договор со сепаратистите во Каталонија- согласувајќи се да се преговара- без претходни условувања. Пред Заев и Санчез, тоа го има направено и Тони Блер кој за да го затвори северноирското прашање и за да се воспостави мир во британската покраина на ирскиот остров, се согласи да преговара со „ смртниот непријател“ Џери Адамс и неговата Шин Феин.

Заев ( со Ципрас) дојде до договорот од Преспа, а Блер , на крајот од деведесетите години на 20 век, до спогодбата од Велики Петок. Сега останува да се види што ќе постигне Санчез кој претходно треба да формира влада на Шпанија, а потоа (доколку сепаратистите останат на договорот) да почне да преговара за Каталонија.

Прифаќање  на реалноста

Преговорите на Мадрид со регионалната влада треба да овозможат избегнување на сегашниот ќор-сокак и политички конфликт околу каталонската иднина и нејзиниот статус, што треба да се содржат во завршниот текст- резолуција за кој граѓаните на Каталонија би се изјасниле на еден референдум.

„Сето ова е компликувано патување, но ние мислиме дека вреди да го преземеме„- изјавил во Барселона Пере Арагонес, потпретседател на Каталонија, по постигнатиот договор – ЕРЦ да ја подржи владата на шпанскиот мандатор за премиер, со воздржување од гласањето за доверба!

Прашањето сега е- дали Санчез ризикува премногу во еден ваков дил со сепаратистите кои од  психолошка точка, на стартот имаат извојувано победа. Или, едноставно, е првиот шпански политичар кој ја согледува реалната состојба на теренот и заканата каталонскиот случај да ја потресе повеќе и на подолг  рок цела Шпанија.

Сепак, ниту лидерот на ПСОЕ не е наивен затоа што знае дека во сите досегашни анкети, па и во последната, направена од еден каталонски институт за испитување на јавното мислење, мнозинството од Каталонците се определуваат за останување во рамките на Шпанија. Дури и меѓу сепаратистички настроените гласачи, не се малку оние кои би прифатиле засилување на сегашниот автономен статус на регионот, за сметка на отцепувањето.

Исчекување и во Македонија

Тоа го знаат и раководството на Каталонската републиканска левица (ЕРЦ) кои се најстарата сепаратистичка партија во Каталонија и на ноемвриските парламентарни избори, освои најмногу гласови, оставајќи ја зад себе десно-центристичката сепаратистичка партија на поранешниот каталонски претседател, а сега бегалец Карлес Пуџдемон.  Затоа и ЕРЦ овој пат направија отстапи од својот тврд став, иако во затвор, се наоѓа нивниот лидер Ориол Жугуерас кој е осуден на 13 години затвор за покренување бунт, со спроведување на референдумот од 2017 година, иако Мадрид и шпанскиот Уставен суд го прогласија за илегален.

Во едни такви околности, Педро Санчез очекува да има влада. Тоа не им е важно само на Шпанците, туку и нам во Македонија, за заокружувањето на ратификацијата на договорот за членството во НАТО, бидејќи тој не е ратификуван само од Шпанија, токму поради сите овие состојби и проблеми во земјата.

Санчез на Самитот на НАТО во Лондон, од декември,  на кој Македонија за прв пат рамноправно учествуваше, на средбата со Заев му има ветено на тогаш македонскиот премиер, дека веднаш по конституирањето на владата, Мадрид ќе го ратификува договорот, но сега му треба потврда на ветувањата што му ги имаат дадено неколкуте мали партии во шпанскиот Парламент дека ќе застанат зад левиот блок за избор на нова коалициона влада.

Гласање во два круга

Шпанската социјалистичка партија (ПСОЕ) , заедно со левиот граѓански блок, партијата Подемос имаат 155 пратенички места. Во Парламент од 350 пратеници, на Санчез му се потребни барем 176 пратенички гласови за нова влада. Тие мора да ги обезбеди од неколкуте мали партии кои по ноемвриските избори се во парламентарниот состав.

Покрај поддршката од ЕРЦ и нејзините 13 пратеници, мандаторот Санчез , изгледа, ќе ја има поддршката и од баскиската левица.

Според Уставот на Шпанија, гласањето за доверба на нова владата се изведува во два круга, доколку владата не ја добие довербата веќе во првото гласање.

Политички експерти во Мадрид предвидуваат, во првиот круг Санчез да не добие поддршка, зашто не може обезбеди 176 гласови. Но во вториот круг, кога тоа не се бара, туку е потребно само повеќето од пратениците да се изјаснат со „ за“ новата влада, со помошта од ЕРЦ, за кои  се очекува да останат на договорот и да не гласаат против, Педро Санчез и Шпанија ( конечно) ќе имаат влада.

(Б.М.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе