Хрватска со нов претседател
На претседателските избори во Хрватска, што во два круга се одржаа на преминот од старата, во новата година, по второто гласање на почетокот на јануари, хрватските гласачи се определија за поранешниот премиер Зоран Милановиќ. Овој 53 годишен политичар и екс лидер на лево-центристичката Социјалдемократска партија, на крајот излезе дека уверливо ја порази досегашната претседателка Колинда Грабар-Китаревиќ, која беше фаворит во изборната трка и силно фаворизирана во домашната конзервативна и силно национално определена хрватска јавност.
Милановиќ освои најмногу гласови во првиот круг ( 48,1 отсто) , за да веднаш по тоа неговиот рејтинг и поддршката во јавноста за неговата кандидатура постојано се зголемуваат. На изборите од 5 јануари тој доби 53, додека Грабар-Китаревиќ 47 отсто од гласовите. Се покажа дека не беа точни ниту една од прогнозите, а и сценаријата на владеачката партија ХДЗ за тоа дека по неуспехот во првиот, гласачите во вториот круг ќе се свртат кон Колинда, обезбедувајќи и на тој начин уште еден петгодишен мандат.
Тоа не се случи, па досегашната, прва жена претседател во Хрватска, со насолзени очи и длабока разочарана, мораше да му честита на политичкиот противник дека заслужено победил.
„Победа на другата Хрватска“
Победата на Милановиќ, во хрватската политичка јавност, во ЕУ и на регионот, меѓутоа, не претставува само пораз на навивачки определените анкети, туку што е многу поважно, победа на една “ друга Хрватска“ над десничарската, националистичка и популистичка ориентација по која досега чекореше земјата, гледана низ изјавите и однесувањето на досегашниот шеф на државата. Целата изборна кампања и се водеше меѓу тоа каде да се определат гласачите – за иднината на државата, опција што ја пропагираше Миловановиќ, или за останување во минатото, на што инсистираше Китаревиќ.
И затоа, проценките се дека како за земјата, така и за регионот, а посебно за државите од Западен Балкан, се дека е многу добро што хрватските гласачи се определија за една поинаква иднина.
„ Мојата победа означува надеж и верба за Хрватска. Јас како претседател нема да правам разлика меѓу хрватските жители, а посебно кога ќе станува збор за чувствителните прашања„- рекол новиот претседател во првата изјава по изборната победа.
Конзервативизмот на Китаревиќ
Китаревиќ својата изборна кампања ја имаше насочено за, како што најчесто има зборувано- вистинска Хрватска- што независни аналитичари и низа домашни политичари, ја сметаа како опасна за државата.
Нејзината „ тврдо-хрватска“ позиција од почетокот беше упатена кон најтврдокорните националистички кругови во тамошното општество чии гласови ги посакуваше, како и кон т.н. бранители ( учесниците во борбите на тлото на екс Југославија за осамостојувањето на Хрватска). Таа и својот последен предизборен говор го одржа во Вуковар, при што ги бранеше своите силно национално изразени ставови, уште и заканувајќи и се на соседна Србија , со блокада од Загреб, на српскиот пат кон ЕУ.
Не само од Миловановиќ туку и од политичарите кои беа надвор од изборниот процес, таа беше критикувана што на почетокот од третата деценија на 21 век, брани конзервативни и католички вредности за хрватското општество. Врв на таквата нејзина определба беа обвинувањата што ги има испратено кон гласачите од регионот на Кварнер и Риека, од каде и самата потекнува, дека не се вистински Хрвати!
Бегство од национализмот?
Миловановиќ беше премиер меѓу 2011 и 2015 година и во текот на својот мандат заговараше силна борба со домашната корупција. По губењето на власта, тој ја обвинуваше сегашната владеачка гарнитура на ХДЗ дека не само што не ја намалиле корупцијата, туку и ја зголемиле. Шефот на државата во Хрватска, како и во најголемиот број западни демократии, претседателот нема никаква извршна функција, освен што има определени надлежности во надворешната политика и во работите поврзани со безбедноста.
Тој ја презема функцијата на 19 февруари. Во првите месеци како претседател на државата Миловановиќ, до 1 јули, ќе има и нешто повисока позиција од онаа што ја имаше неговата претходничка, затоа што во првата половина од 2020 година Хрватска претседава со ЕУ, како досега најмладата земја членка на Унијата, што ја имала оваа позиција.
Во Загреб, на поразот на Китаревиќ се гледа и од една друга позиција- за тоа дека определувањето за Милановиќ, би можела да се означи и како почеток на процес на дистанцирање на гласачите од ХДЗ.
Поразот на кандидатот на владеачката партија, секако, значи неуспех и за неа и за премиерот Андреја Пленковиќ. Тоа добива на тежина кога се знае дека, подоцна оваа година, во Хрватска ќе има парламентарни избори.
„Шпигел“- Против популизмот на Истокот
Во својата прва реакција Китаревиќ , свесно, ја прекори својата партија за поразот, порачувајќи им и на ХДЗ и на Пленковиќ ( без да ги споменува) да се престојат- и тоа што е можно побрзо.
Тоа може да значи, прегрупирање на партијата ( евентуално) кон политичкиот центар, иако, пак, тоа малку личи на неа, затоа што досегашната претседателка изминатите пет години, дејствуваше сосема спротивно. Нејзината политика, во основа, беше против дистанцирањето на ХДЗ од крајната десница, која без разлика што формално не е на власт, има доминантно влијание врз внатрешната политика на земјата, што во Европа се означува како националистичка, популистичка и десничарска.
Угледниот германски неделник „ Шпигел“ , затоа, победата на Милановиќ ја гледа од поширок, европски агол. За него тоа значи и „ свртување на грбот на популистичките сили во сите земји- членки на ЕУ“.
Според весникот, резултатот од Хрватска е добар и носи симболика, како за оваа земја, така и за Унијата , затоа што тоа значи дека популистите на европскиот Исток повеќе не се во мода. „ Победи она што е и треба да биде нормално“- пишува „ Шпигел“, потсетувајќи дека популистите и националистите ( претходно) загубија и во Словачка, Романија и Унгарија.
(З.Х.)