Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Шпанија (конечно) има премиер

StockPhotoAstur/BigStock.com

Шпанија (конечно) има премиер

Парламентот во Мадрид му изгласа доверба на премиерот Педро Санчез, лидер на шпанската Социјалистичка партија (ПСОЕ), па Шпанија, конечно, го заврши речиси едногодишниот период на политичка криза.

Санчез кој и досега, на два пати беше премиер, пратениците го избраа со тесно мнозинство. За него гласаа 167, а против беа 165 пратеници. Вкупно 18 беа воздржани при гласањето, а токму тие, со своето негласање овозможија Санчез да биде избран за премиер.

Во првиот круг гласање тој не успеа да ги добие потребните, минимум, 176 гласови, па после 48 часови се гласаше по втор пат. Овој пат му беше потребно т.н. просто мнозинството, или еден глас повеќе од половината од 350 пратеници во Парламентот. За да се случи тоа, требаше оние 18 пратеници од малите партии да не гласаат против владата, туку барем да бидат воздржани.

Главнината од овој блок ја сочинуваат каталонските левичарски, републикански сепаратисти кои овој пат прифатија да го поддржат Санчез, откако тој се согласи да се отвори дијалог (преговори) меѓу централната влада во Мадрид и регионалната влада во Барселона, за иднината на Каталонија.

Претходно, тој и неговите социјалисти мораа да склопат коалициски сојуз со левичарската партија Унидас Подемос (Обединети можеме) на Пабло Иглесијас.

Санчез и ПСОЕ освојуваа најмногу гласови на вонредните избори во април и во ноември 2019 година, но недоволно за добивање мандат за состав на влада. Заедно со Подемос, социјалистичката ПСОЕ имаше 155 пратеници, 21 пратеници помалку од потребниот минимум, па Санчез мораше да прави бројни коалициски и партнерски спогодби за да може да стане премиер.

Конечното разрешување на политичката криза во Шпанија е поздравена во ЕУ, но најмногу во Скопје, каде се очекува сега и во Мадрид, како последна од 29-те членки на Алијансата, да се ратификува спогодбата на Република Северна Македонија и НАТО.

Австриската министерка Задиќ под заштита

Новоименуваната австриска министерка за правда, Алма Задиќ, е ставена под полициска заштита и под постојан надзор на специјалната единица за антитероризам „Кобра“, откако има добиени бројни закани, на социјалните мрежи и директно, во „бранот омраза“ само затоа што таа е по потекло од Босна и Херцеговина.

Таа е ќерка на родители бегалци од воените судирања во БиХ, во деведесетите години. Во Австрија е дојдена во 1994 година, како десетгодишно девојче, а таму има завршено, основно, средно и факултетско образование. Бројни усовршувања и специјализации има во Австрија и низ светот, па важи за правен меѓународен експерт. Во австриската политика е влезена како член на партијата на Зелените.

Задиќ се најде на удар на тврдите австриски националисти и на ултра-десничарските и про-нацистички групи на кои не им се допаѓа нејзиното муслиманско потекло. На социјалните мрежи таа се оквалификува дури и како „исламист“.

Австриската крајно-десничарска Слободарска партија ги предводи националистичките напади врз министерката.

Тоа е партијата на поранешниот лидер Хајнц Кристијан Страхе кој мораше да се повлече од политиката поради корупцискиот скандал, откако беше тајно снимен како преговара со една руска бизнис жена, со пари од Русија, да му се помогне да се избори за преземање на власта во Австрија.

Неговата партија беше коалициски партнер во претходната влада на канцеларот Себастијан Курц, а самиот Страхе беше вицеканцелар. Но коалицијата се растури во мај 2019 година, по избувнувањето на скандалот.

Политичката криза во земјата траеше од мај до почетокот на овој месец, откако во меѓувреме се одржаа предвремени парламентарни избори на кои Народната партија на Курц освои 37,5 отсто гласови. После долги преговори за создавање коалиција, за партнер во австриската влада, овој пат, беа одбрани Зелените, кои за прв пат досега освоија 13,9 отсто од гласовите. Оваа партија за прв пат е коалициски партнер на еден владин кабинет во Австрија.

Оваа влада е првата и по тоа што има повеќе министри жени, отколку мажи. Курц е одново канцелар и со своите 33 години е најмладиот политичар во светот на чело на една влада. Засега тој нема реагирано за националистичките напади врз една негова министерка.

ММФ ја затвора канцеларијата во Атина

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и владата на Грција се согласиле да се затвори канцеларијата на Фондот во Атина.

Затворањето е предвидено да се изврши во најскоро време, по цели десет години од нејзиното отворање, на почетокот на големата финансиска криза, за потребите на операцијата за спасување на оваа земја, членка на ЕУ и на еврозоната од целосен финансиско-економски крах.

Во соопштението на владата се вели дека Грција ќе ја продолжи соработката со ММФ, како земја која излегла од строгата контрола на оваа меѓународна финансиска институција. Затворањето на канцеларијата во Атина се смета за симболична потврда за враќањето на Грција во светот на респектабилните економии.

Во 2010 година, Грција од своите партнери во еврозоната и во ММФ бараше на три пати спасоносни финансиски пакети, со помош во пари и за менаџирање на нејзините долгови за што таа самата не беше способна. Требаше да се спаси земјата од целосен финансиски колапс, за да се спасува и еврото и зоната на заедничката валута, но и другите финансиски пазари од поголеми потреси.

По избувнувањето на кризата се откри дека владите во Атина, со години на ред, ги криеле клучните финансиски податоци. Грција и понатаму останува под надзор на меѓународните доверители.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе