Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Мегзит против Меган

Office of the Governor-General, Official calls and evening reception for TRH The Duke and Duchess of Sussex (5), CC BY 4.0

Мегзит против Меган

Англичаните кои 3,5 години беа опседнати од тоа да излезат од ЕУ и на светот да му покажат дека тие можат сами и без Унијата, обвинувајќи ја Европа за „разводот“. Дури изменија тројца премиери за ова прашање и создадоа и посебен збор – „брегзит“.

Но, кога изгледаше дека се е веќе готово, само уште да се врати империјалното време, брзо најдоа нова закачка.

А, таа не е никој друг, туку втората кралска снаа, сопругата на помладиот син на престолонаследникот Чарлс, Американката Меган Маркл, која по венчавката со принцот Хари, ја доби ројалистичката титула војвотка од Сасекс.

Без аргументи

Оваа 38 годишна поранешна актерка, разведена и дете од расно мешовит брак, сега е новото „зло“ со кое се опседнати – не толку Британците, колку Англичаните – прогласувајќи ја за виновна што кралството, или многу повеќе кралското семејство, се наоѓаат во криза. И за оваа пригода, брзо беше создаден нов збор – „мегзит“ што треба да го означи нејзиното (и на сопругот, принцот Хари) излегување од семејството, со кое, без малку 68 години, управува кралицата Елизабета.

За Брегзит, Европа/ЕУ не беа и не се воопшто виновни. Никој не ја бркаше Британија, напротив, Унијата потроши 3,5 години убедувајќи се со британските евро-скептични политичари.

За Мегзит, се случува речиси истоветна ситуација. Американската снаа многу добро знаела каде се мажи, за да сега растура едно од најстарите и најугледните европски кралски семејства, одделувајќи го сопругот од неговите најблиски.

Конечно, зашто тоа би го правела, по само неполни четири години, кога во семејството е влезена со благослов на кралицата, а во меѓувреме стана и мајка.

Како што ториевските евро-скептици и националистичките Англичани немаат никаков аргумент против ЕУ за да оправдуваат било што од својата арогантна политика, така ни запалените англиски ројалисти немаат никаков аргумент, да се пресметуваат со Меган Маркл на интернет, пред се, на разните социјални мрежи и во лондонските таблоиди – главно оние кои и на времето, се пресметуваа со покојната принцеза Дијана, мајката на Хари.

Признанието на Хари

За „народната принцеза“ како што од почит ја има наречено Дијана, тогашниот премиер Тони Блер, можеби би можело и да се најде простор за критики- особено по разводот од Чарлс. Но за Меган, никој нема ништо за што оваа млада жена би требало да се „сече“ на страниците од весниците. Уште помалку да се споредува со Дијана.

На Меган и се припишува дека таа ги има раскарано браќата Вилијам и Хари кои долги години беа прикажувани како многу блиски и неразделни. Таа блискот продолжи и кога во семејството влезе Кетрин (Кејт) Мидлтон, но дека работите се измениле кога се појави Меган.

Уште по нејзината свршувачка со Хари, а посебно по венчавката, се тврдеше дека новата снаа не ја поднесувала Кејт. Двете обвинувања се покажаа подоцна како неточни, а за заладувањето на односите на Хари со постариот брат и иден крал, принцот Вилијам, излезе дека не е дело на Меган, (а ниту на Кејт) туку дека станува збор за братска работа.

За тоа стана јасно уште во јуни 2о19 година, кога Хари излезе од (до тогаш) заедничката Ројалистичка хуманитарна организација, создадена од двајцата браќа, за да прави своја, посебна, со сопругата. Конечна потврда за тоа дека нешто не е во ред меѓу браќата, беше интервјуто на Хари за британската телевизија Ај-Ти-Ви.

Во разговорот тој ја открива кризата и признава дека со Вилијам се „на различни патеки“, како и дека понекогаш се блиски, но дека има периоди кога не комуницираат!

Меган која исто така се вклучила во разговорот, пак, признава дека многу тешко ги поднесувала написите во лондонските таблоиди. А, во нив таа беше и напаѓана и исмејувана -како не знае да се шминка и да се облекува како што треба, дека ја копира Кејт во облекувањето, но дека не може да ја достигне, дека сака да јаде сендвичи со авокадо (!?) дека ги чува рацете во џебовите, а во последно време и дека погрешно го држи во рацете својот син – бебе Арчи.

Против кралскиот протокол

Хари многу рано покажа дека ќе ја брани сопругата, па направи неколку „преседани“ не придржувајќи се на кралските протоколи и правила. Прво, со тоа што јавно прозборе за своето несогласување со братот, потоа, што доби дозвола да се исели од Кенсингтонската палата во Лондон, каде живееше со братот и снаата, за да се пресели во Виндзор, во еден за него, сопругата и синот, уреден бунгалов.

Тој не прифати Меган, со бебето да се појават пред репортерите, пред зградата на болницата каде таа се породи, а малиот Арчи-Харисон за прв пат беше покажан во кралската палата во Виндзор, заедно со кралицата Елизабета и со нејзиниот сопруг, принцот Филип.
Ова беше означено како „преседан“ и нешто што е спротивно на традицијата, но тогаш не се откри зашто е тоа така направено.

Хари, меѓутоа, во едно интервју на почетокот од есента делумно откри каде лежи проблемот – според него, во расната разлика, или во тоа што неговата сопруга, по мајка е афро-американка.

Некои тогаш зборуваа дека таткото Хари бил гневен што по раѓањето на синот, новинарите и јавноста во Британија, повеќе ги интересирала бојата на кожата на бебето, отколку самото новороденче, седмото правнуче на кралицата.

Во интервјуто за списанието „Вог“ принцот отворено ги критикуваше Британците дека прикриено се склони кон расизам, што ги разгневи англиската јавност и таблоидите во Лондон.

Разделба со кралските задолженија

Атмосферата изгледаше смирена кога Хари и Вилијам се појавија заедно, со своите сопруги, при полагањето венци за спомен на сите британски жртви во војните што ги водела британската армија. За Божик и Нова година, меѓутоа, младиот принц, пак, направи преседан. Наместо да остане за празниците заедно со семејството, што е стара кралска традиција, соопшти дека со своето семејство во тоа време ќе биде во Канада, а дека со нив ќе биде и мајката на Меган.

И, веднаш после празниците, британската јавност доживеа „вистински шок“ кога на интернет се појави заедничкото соопштение на Хари и на Меган (војводата и војвотката од Сасекс) во кое тие објавуваат дека се повлекуваат од своите високи ројалистички задолженија, дека ќе живеат малку во Британија, а малку во Канада, како и дека сакаат да бидат „финансиски независни“.

Сите британски медиуми на ова соопштение му дадоа првостепено значење, како на „драма во кралството“, поголема дури и од сето она што се случуваше со и околу Брегзит, тврдејќи дека семејството „болно“ го примиле решението на младиот принц, практично, да се раздели од кралското семејство, не кажувајќи никому претходно за својата намера.

Веднаш после тоа, Меган заминала назад во Канада, кај својот син кој останал кусо време без своите родители, додека за Хари почна да се пишува дека тој и неговата сопруга би требало трајно да се иселат од Британија, на другата страна на Атлантикот и да се населат во Канада.

Тоа е земја доминион на Обединетото кралство, членка на британскиот Комонвелт, но и држава за која се зборува дека Меган многу ја сака, која едно време и живеела во Торонто уште додека снимала филмови и тв серии.

Рок од 72 часови

Таквата верзија никој не ја има потврдено, а лондонските медиуми во меѓувреме објавија дека кралицата побарала од синот Чарлс и од Вилијам да најдат начин да ја средат состојбата околу Хари, во најкус рок од само 72 часови.

Медиумите потоа објавија дека веќе се преговара (?) за идниот статус на принцот Хари, а последно од Бакимгамската палата е дека кралицата побарала таа лично да се сретне со својот бунтовен внук и низ директен разговор да ја надмине кризата.

Таа добро знае, од искуството со Дијана, дека развлекувањето на кризните состојби и оставање на медиумите да се занимаваат со семејството води само кон влошување.

А медиумите тоа веќе го прават, па Меган се обвинува дека без малку „се однесува како Дијана“.

Една анкета на „Дејли Меил“ меѓу неговите читатели (главно Англичани, ројалисти, конзервативни според своите погледи и евро-скептични) покажа дека мнозинството го осудува Хари за „односот кон кралицата, неговата баба“, а дека не малку анкетирани сметаат оти Хари и Меган треба да се казнат со одземање на титулите и со укинување на финансиската поддршка!

Американците ја бранат Меган

Од другата страна на Атлантикот, од Канада и од САД, меѓутоа, доаѓаат сосема спротивни реакции, најчесто со одбрана на „нивната“ Меган Маркл. Во тамошните написи, на бројните интернет весници, но и во угледниот „Њујорк Тајмс“ се инсистира дека не е ниту фер, ниту е чесно, а нема ниту основа, сето ова што се случува во семејството на британската кралица, да и се натовари на сопругата на принцот Хари.

Некои во САД и натаму инсистираат дека нападите врз Меган се резултат на нејзиното расно и национално потекло, па случајот со денешните војвода и војвотка од Сасекс, се споредуваат со случувањата во средината на триесетите години на 20 век и абдикацијата на британскиот крал Едвард Осми (чичко на кралицата Елизабета), поради љубовта кон една жена – Американка и два пати разведена – Волис Симпсон.

Американците уште потсетуваат дека самиот Хари уште од најраната младост е познат како „немиркото“ во семејството, но дека тоа тогаш (во Британија) било прифаќано со симпатии, а дека тој бил повеќе омилен од неговиот постар и од секогаш посериозен брат.

И, конечно, се потсетува дека сопругот на Меган се уште е под стрес од трагичната смрт на мајка му, за што и натаму ги обвинува медиумите, а пред се, лондонските таблоиди. „Еднаш сето ова (што се пишува и се прави) околу Меган го имам доживеано за мојата мајка.

Нема да дозволам тоа одново да се повтори, сега со мојата сопруга“- има речено принцот Хари.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе