Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Оставка на Медведев

Belish/BigStock.com

Оставка на Медведев

Рускиот премиер Дмитри Медведев поднесе оставка на функцијата, која претседателот Владимир Путин ја прифатил.

Според руската државна агенција, претседателот на државата при тоа му се заблагодарил на Медведев за неговата досегашна работа, но иако ја пофалил владата, рекол дека таа, сепак, не ги исполнила сите зацртани цели.

Оставката на премиерот на Русија, има предизвикано големо изненадување во домашната политичка јавност, затоа што доаѓа сосема неочекувано и без било какво претходно навестување. Особено што оставката на Медведев беше објавена веднаш по годишното обраќање на претседателот Путин пред рускиот Парламент.

Најавени уставни промени

Повлекувањето на овој близок и лојален сојузник на претседателот предизвика изненадување и коментари и во меѓународната јавност, најмногу затоа што ваквите случаи на поднесување оставки на олку високо ниво, се исклучително ретки во руската политика, особено во изминатите 20 години, откако е Путин ја има под контрола целата власт во државата.

Сега се настојува да се утврди што се крие зад ваквите случувања, посебно што во својот говор во Парламентот, претседателот се фалеше со постигнувањата на земјата на сите полиња, а особено на воен план. На некој начин, тој при тоа му одговори и на американскиот претседател Доналд Трамп кој претходно, во текот на иранската криза, се пофали дека војската на САД е најсилна во светот и несовладлива. Путин во излагањето рече дека Русија е пред сите на тој план и дека веќе има оружје на иднината.

Во својот говор, рускиот претседател, меѓутоа, зборувал и за, како што рекол, „значајни уставни промени“ во земјата, што е исто така голема реткост за оваа држава. Според Путин, целта на тие промени ќе биде давање поголеми овластување на Парламентот при формирањето на владата, така што Парламентот ќе биде овластен да избира премиер, кого претседателот, потоа, ќе мора да го именува.

Нова функција за бившиот премиер

Долниот дом на Парламентот (Думата) сега, само го потврдува именувањето на премиерот што го избрал и го определил претседателот на државата.

Самиот Медведев, за руската државна агенција изјавил дека оставката била неминовно решение по најавата за уставните промени, па се добива впечаток дека сето ова било долго и темелно подготвувано во еден тесен круг на рускиот политички врв. Веројатно така и можеше да се случи, досегашен премиер веднаш да добие нова функција и тоа до шефот на државата.

Станува збор за функција која досега не ни постоеше во системот на власта и државната управа. Медведев сега е поставен за заменик претседател на исклучително значајниот претседателски совет за национална безбедност, со кој раководи Путин.

Посилна позиција за Путин

Првите анализи и проценки тргнуваат од тоа дека, сепак, во Москва не се најавува демократизација на рускиот политички систем, туку дека и најавените уставни промени се дел од настојувањето на Владимир Путин да изгради нова и посилна позиција за себе, за да може да остане на челото на државата и кога ќе му истече сегашниот претседателски мандат – во 2024 година.

Тогаш тој ќе ги надмине сите свои претходници на лидерската функција, вклучувајќи ги и сите од советското, комунистичко време, затоа што ќе има повеќе години поминати на власт и од сегашниот рекорд на генералниот секретар на КП на СССР, Леонид Брежнев кој 24 години беше советски лидер. Како и да е, Путин ќе има многу повеќе лидерски години и од еден Ленин, како и од Сталин и Хрушчов, од комунистичкиот период, или од Горбачов во времето на советската перестројка, или од Борис Елцин, како шеф на државата на пост-советска Русија.

До сега, на власт, прво како премиер, па потоа како претседател и одново како премиер, тој е рамно 20 години. Русија има претседателски систем, но постои и премиер на челото на владиниот кабинет (како и во Франција) но разликата е во тоа што кога Путин е премиер, целата власт е во негови раце. Кога ќе стане претседател, тогаш Русија станува вистински претседателска држава-како што предвидува Уставот.

Мишустин – нов премиер

Дмитри Медведев беше користен да ја чува претседателската функција за Путин, додека овој беше премиер, за да не биде три пати по ред шеф на државата. Медведев беше премиер од 2012 година. Четири години пред тоа, меѓу 2008 и 2012 година, беше претседател на Русија. Никогаш не ја добие можноста за два претседателски мандати, како што тоа го прави Владимир Путин.

Иако беше најавено дека Медведев ќе остане на премиерската функција до изборот на нов, тој беше определен само неколку часови по оставката на досегашниот. Тоа е Михаил Мишустин (58) кој е член на руската влада уште од 1998 година. Последната функција, во изминатите 10 години му била претседател на руската сојузна даночна управа.

Станува збор за функционер кој самиот нема никаква политичка тежина, па со сигурност се верува дека ќе нема ни независна улога. Таа, секако, ќе биде далеку помала од онаа на Медведев, иако и за него се случуваше долго време да не се огласи во јавноста.

Во секој случај, повлекувањето на Медведев, неговото селење до Путин и поставувањето на целосно анонимен човек за нов премиер, делувало прилично шокирачко во редовите на руската политичка елита. Изгледа дека никој не знаел што ќе се случи, па велат дека сега сите стравуваат за своите позиции и функции, околу тоа до каде и колку далеку ќе се оди со уставните реформи.

Стравот е дека со нив би можело да се исчистат многу од луѓето во огромниот бирократски апарат на Русија.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе