Митрополит Михајло: Можна е и војна за законот во Црна Гора
Митрополитот на Црногорската православна црква (ЦПЦ) Михајло, предупредил дека во Црна Гора „лесно би можело да дојде и до граѓанска војна, доколку не се спроведе новиот закон за верски слободи“.
Во разговор за хрватската телевизија Z 1, тој остро ја критикувал Српската православна црква (СПЦ), обвинувајќи ја дека „нејзините пари, извлечени од Црна Гора, биле користени за бегствата на српските воени злосторници од судот во Хаг“. Според Михајло, некои од овие бегалци се криеле по манастирите на СПЦ на црногорската територија, па дури и во Острогорскиот манастир.
Митрополитот зборувал и за законот кој подигна силна – повеќе политичка, отколку верска – тензија меѓу Подгорица и Белград, и при тоа рекол дека црковниот имот на територијата на Црна Гора е сопственост на црногорската држава, како и дека со донесениот закон, имотот, најпосле, и се враќа на државата.
Митрополитот Михајло за Z1 рекол СПЦ располага дури со 600 цркви и манастири, додека црногорската црква нема ниту еден, само затоа што „сите се окупирани од српската црква“.
Во својата реакција на неодамнешната прослава на 800 години од автокефалноста на СПЦ, овој митрополит смета дека Србите немаат право тоа да го слават затоа што, како што рекол „едноставно, тоа не е вистина“.
СПЦ постоела како што постоеле и верниците, но постоела БЕЗ ТОМОС кој СПЦ го немала се до Берлинскиот конгрес во 1878 година- кога Црна Гора, како кнежевство, била признаена како независна држава на Балканот. Дури подоцна, српската црква го добила и вториот томос, па ги присоединила кон себе црногорската и другите цркви во една – српска црква. Но, за тоа му платиле на Цариградскиот патријарх 1,5 милион златни швајцарски франци – тврди митрополитот Михајло.
Многу остро тој ја обвинува и државата Србија за тоа дека она што и го направила на Црна Гора, во 1918 и во 1920 година (при спојувањето на црногорското кнежевство во тогашното Кралство СХС, а потоа Југославија) претставува „геноцид поголем дури и од оној во Сребреница“!