Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Путин ги задржа Лавров и Шојгу во владата

shganti777/BigStock.com

Путин ги задржа Лавров и Шојгу во владата

Рускиот претседател Владимир Путин го именуваше составот на новата влада на Русија, во која главните министерски ресори ги задржаа досегашните министри. Така, шеф на дипломатијата и натаму е Сергеј Лавров, а министер за одбрана, Сергеј Шојгу. На своите досегашни позиции останаа и министрите за внатрешни работи – Владимир Колоколцев и за енергетика Александар Новак.

Именувањето на новата руска влада доаѓа по изненадувачката најава на Путин, во текот на своето годишно обраќања пред Парламентот на 15 јануари, за тоа дека во Русија претстојат промени на Уставот, кои според рускиот претседател, најмногу ќе се однесуваат на овластувањата на Парламентот во доменот на изборот на премиер и именувањата на владините министри.

Ефикасен технократ

Веднаш потоа, руската и меѓународната јавност беше изненадена со оставката на досегашниот премиер Дмитри Медведев, инаку еден од најблиските и најлојалните соработници на рускиот лидер. За нов премиер, експресно, беше поставен Михаил Мишустин, досега целосно анонимна личност и на домашната политичка сцена, кој до ова именување беше директор на сојузната даночна управа на Русија.

Во Москва се верува дека тоа би требало да значи дека претседателскиот систем кој ќе остане и со уставните измени, како и со ваква личност одбрана да ја води владата, позициите на Путин уште повеќе ќе бидат засилени, а неговите извршни овластувања кои и досега беа големи, сега би можеле да бидат зголемени.

За самиот Мишустин, меѓутоа, некои руски аналитичари велат дека тој е „ефикасен технократ“ кој си има изградено позиции во Кремљ откако успеал да ја преуреди гломазната и неефикасна бирократска даночна служба.

Заспана економија

Тоа се толкува како знак дека Путин, сепак, не бил сосема задоволен од работата на доскорешниот премиер и на неговиот владин состав, без разлика на блискоста на претседателот со Медведев. Впрочем, Путин јавно рече дека владата не ги исполнила сите свои цели, иако Медведев беше пофален за неговата вкупна работа.

Новата влада, затоа, ќе треба да го направи она што досегашната не успеа – да ја покрене и да ја модернизира заспаната руска економија, до крајот на 2024 година, кога завршува сегашниот претседателски мандат на Путин. За таа цел, на располагање на владата, за инвестиции во сите економски сектори, и се оставаат 375 милијарди евра, според сегашниот (низок) курс на домашната рубља, кон европската единствена валута.

Како и да е, странски аналитичари целиот овој изненаден процес го гледаат само како маневар на 67 годишниот руски претседател за останување на позицијата – неприкосновен лидер на Русија и по 2024 година. За нив, измените на Уставот и оставката на инаку лојалниот премиер Медведев, кој го чуваше претседателското место за Путин, додека овој по два, едно по друго мандати како шеф на државата, беше премиер четири години, пред одново да се врати во Кремљ – се во функција на еден таков „таен план“.

(Р.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе