Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ветувањето е доведено во прашање

byvalet/BigStock.com

Ветувањето е доведено во прашање

 

„Европската Унија потврди дека целосно ја поддржува европската ориентација на Западниот Балкан. Иднината на Балканот лежи во Европската Унија“, изјавија шефовите на државите во Европската Унија за Западен Балкан на Самитот во Солун во 2003 година.

Во изјавата од Самитот, дополнително потенцираа дека самите држави ќе бидат оние кои ќе одлучат колку бргу ќе го изодат патот до Европа.

Шеснаесет години подоцна ова ветување, сепак, е доведено во прашање бидејќи интересите на одделните земји-членки на ЕУ се очигледно поважни од европската идеја за солидарност.

Германија како гарант за интеграција

Германија е битен извор на надеж за Западен Балкан и ужива висока доверба во регионот. Оваа соработка дополнително ќе биде зајакната во 2020 година, пред сè за време на хрватското претседателство со Европската Унија, а потоа последователно и преку германско претседателство.

Германскиот Бундестаг остана доследен на својата европска одговорност кон регионот и на 26 септември 2019 година гласаше за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Пратеничките и пратениците во Европа и претходно се изјаснија за почитување на ветувањето дадено во Солун.

Овој став беше потврден и на Конференцијата на претседателки и претседатели на парламенти на ЕУ во април 2019 година. За мене ова претставува посебен знак на зрелост и самодоверба на европските парламенти.

Предворје на Европската Унија

Важно е на луѓето во Европа, особено на владите во земјите од Европската Унија, да им се објасни дека интеграцијата на Западен Балкан не претставува проширување на исток, туку дека се работи за предворјето на Европската Унија.

Во меѓувреме, Западен Балкан стана игралиште на: Кина, Русија и Турција, кои сакаат да се понудат себеси како партнер и алтернатива на Европската Унија.

Одбивањето од Европа им оди во корист на популистите и воените профитери низ целиот регион. Затоа, станува збор за превенција од кризи, стабилизација и, пред сè, зачувување на мирот во регионот и во Европа.

Симболика за сето тоа е процесот на пристапување во ЕУ.

Но, станува збор и за солидарност. За солидарност со луѓето, особено со демократските и демократите кои не ги напуштија своите земји и покрај насилството и злоупотребите што ги претрпеа во последните децении.

Наместо тоа, тие се бореа за функционални држави и никогаш не се откажаа од својата надеж во нашата солидарност.

И ризик и можност

Со одбивањето за отворање на разговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија, францускиот претседател Емануел Макрон ја торпедираше главната стратегија на ЕУ за трансформација на Западен Балкан. Оваа одлука има далекусежни последици бидејќи не влијае само врз земјите кои се директно засегнати од неа. Исчезнувањето на надежта за исполнување на ветувањето во Солун води кон можно менување на ставот и на другите држави.

Во исто време, ние во ЕУ се соочуваме со институционална криза – некои земји-членки на Европскиот совет експлицитно се спротивставуваат на одлуката и проценката на Европската комисија, особено во делот за исполнување на потребните услови за започнување преговори од страна на Северна Македонија и Албанија.

Сепак, важно е да се потенцира дека со оваа одлука Европската Унија не отстапува од Западен Балкан, туку дека сегашната состојба би можела да биде сфатена и како можност. Како можност во Брисел да се преиспита односот на шефовите на државите и владите со Западен Балкан. Притоа, апелирам до државите кои блокираа да го почитуваат даденото ветување во Солун.

Поранешниот британски премиер, Винстон Черчил, порача дека е штета напразно да се потроши добра криза – тоа важи и во оваа ситуација.

За Европската Унија ова може да биде моментот конечно да се развијат подобри стратегии за справување со автократи во регионот, кои немаат намера да се откажат од своите функции и конекции.

Иако, во меѓувреме, Франција го поднесе својот предлог за реформа на пристапниот процес до Европскиот совет во форма на „Non-Paper” за решавање на блокадата, според мене оваа иницијатива, сепак, би значела ставање на целиот процес на пристапување за Западен Балкан во мирување во блиска иднина.

Од оваа причина, сега е особено важно, при сите дискусии за реформа – да не се изгуби фокусот од основната цел на пристапниот процес – јасната перспектива за пристапување.

Поголема активност и во регионот

Сегашното расположение на темата – проширување на ЕУ, може да се класифицира во фундаменталната дискусија за „замор од проширување“ на Европската Унија.

Понатаму, ова може да се сфати и како важна лекција за реформаторките и реформаторите, кои делумно и премногу долго се потпираа врз аутсајдери. Шефовите на државите и владите на Западен Балкан сè повеќе разговараат за конкретни мерки за создавање заеднички пазар. Сепак, формирањето на „мал Шенген“ наметнува најнапред спроведување изобилство: мерки, регулативи и закони.

На средбата во Охрид, српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама, го потврдија овој чекор за формирање слободна трговска зона.

Акциониот план предвидува непречен прекуграничен сообраќај со лична карта меѓу: Србија, Северна Македонија и Албанија, како и овозможување на брз проток на тешките товарни возила на граничните премини и мерки за меѓусебно признавање на документацијата за сите видови храна и ветеринарни документи.

Накратко, треба да се потенцира основното признавање на движењето на: стоките, луѓето, услугите и капиталот. Ова потсетува многу на четирите основни слободи на Европа и на процесот на тогашните членки на Европската заедница за воспоставување единствен европски пазар.

Европа мора да го поддржи Заев

Ветото на Макрон има директно политичко влијание врз земјите од Западен Балкан. Особено за премиерот на Северна Македонија, Заев, бидејќи го загрозува опстојувањето на неговото владеење.

Заев постапи државнички кога заедно со поранешниот грчки премиер Ципрас, со потпишување на Преспанскиот договор, го реши повеќедеценискиот билатерален спор, знаејќи добро дека тоа ќе предизвика тензии на домашен план.

Европската Унија не смее тука да го изневери Заев, кој преку своето политичко дејствување ја направи Северна Македонија една од водечките земји во регионот. Земјата со него го зазема неопходниот и прав пат – патот кон стабилна демократија.

Во Германија немаше сомнежи дека Северна Македонија ги исполни сите очекувања на европската страна. Топката сега е во Брисел – европските институции мора да ја преземат одговорноста и да сторат сè за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија.

Давање шанса на Западен Балкан

Германија ќе продолжи да инсистира да се исполни ветувањето на Европската Унија кон Западен Балкан. Неприфатливо е условите да се менуваат произволно, или дека една земја-членка поради тактики на домашен план носи одлуки за судбината на цела Европа. И Северна Македонија, и Албанија, инвестираа голем политички капитал за да застанат на нозе.

Неприфатливо е Европската Унија сега да ги остави на цедило.

Бидејќи, на крајот, не станува збор само за кредибилитетот на пристапниот процес, станува збор за кредибилитетот на Европската Унија како целина. Затоа, до крај важи мотото: мора да му дадеме шанса на Западен Балкан.

На луѓето им треба нашата солидарност

Постојат многу луѓе во Западен Балкан кои со децении макотрпно се борат чекор по чекор за основен демократски поредок. Ние мора да ги поддржиме овие луѓе, со тоа што со доверба ќе ги интегрираме во трансатлантските и европските структури.

Важно е да се знае дека почетокот на преговорите за пристап во никој случај не е влез во ЕУ, туку е почеток на еден процес во кој демократијата и нејзините фундаментални вредности, за кои ние Европејките и Европејците се залагаме, ќе добијат шанса и во Западен Балкан.

Јосип Јуратовиќ
(Авторот е германски политичар од Социјал-демократската партија. Од 2005 година е пратеник во Бундестагот.)
Текстот е преземен од списанието „ Предизвици“ со одобрение на редакцијата

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе