Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Екс кралот на Белгија призна вонбрачна ќерка

Abhisit Vejjajiva/CC BY 2.0

Екс кралот на Белгија призна вонбрачна ќерка

Поранешниот белгиски крал Алберт призна дека пред половина век има извршено прељуба и дека од таа врска со друга жена има вонбрачна ќерка, што инаку со години на ред одбиваше да го направи.

Признанието доаѓа по извршената ДНК анализа и наодите од тој тест кои го потврдуваат она што тужителката Далфин Боел (51), со години на ред преку медиумите и судовите го тврдеше- дека е вонбрачна ќерка на екс кралот на Белгија.

Алберт (85) постојано одбиваше да се подложи на ваков тест, често пати повикувајќи се на својата позиција во државата и во општеството. Тој и неговите адвокати ја загубија правната битка во 2018 година, кога Апелациониот суд во Брисел му наложи на екс кралот да даде ДНК, а тој дури една година подоцна мораше тоа да го прифати како конечна одлука.

Случајот за неверството на Алберт, уште во времето додека бил белгиски престолонаследник, почна пред повеќе години, кога визуелната уметничка Далфин Боел откри во медиумите дека нејзината мајка имала долготрајна, тајна врска со, во тоа време, веќе оженетиот млад принц. Тајната љубовна врска почнала во шеесеттите години на 20 век и траела безмалку една деценија.

Од 1959 година, престолонаследникот Алберт е во брак со италијанската принцеза Паола Руфо де Калабрија.

Како белгиски крал, Алберт на престолот беше 20 години, од 1993 до 2013 година. Тој е татко на сегашниот крал на Белгија Филип, а Боел (барем правно) сега е полусестра на кралот. Кога се повлече од тронот, Алберт продолжи да ги отфрла тврдењата дека имал „тајна љубов“, но признаваше дека во тие години имало криза во бракот со Паола.

За неа, пак, во седумдесеттите години на 20 век, европските медиуми пишуваа за можната тајна врска на тогаш само младата, белгиска принцеза со францускиот (и белгиски) шансониер, Адамо.

Неговиот хит од шеесеттите години „Долче Паола“ се тврдеше дека и е нејзе посветен и дека инспирацијата за песната била токму „љубовта“ на Паола и на шансониерот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе