Нетанијаху: Поткуп за подобар рејтинг
Бенјамин Нетанијаху кој веќе десет години е премиер на Израел, најдолго откако постои оваа држава, конечно, ќе оди на судење, обвинет за корупција, давање поткуп и за злоупотреба на службената должност. Тој е првиот израелски премиер кој ќе биден суден за кривични дела уште додека е на функцијата, иако таа, веќе една година, има само “техничко„ значење.
Во пролета 2019 година, по тогашните избори тој не успеа да формира влада, па закажа нови, за шест месеци подоцна. На овие, вторите, одново немаше победник, но позициите на „вечниот Биби“ веќе беа разнишани. Ако на првите имаше незначителна предност, на вторите, есеноска, тој освои едно пратеничко место помалку од лево-центристичкиот блок, предводен од движењето на Бенјамин „Бени“ Ганц.
Три обвинувања
Обајцата, меѓутоа, не успеаја да најдат компромис со ниту една партија за правење коалиција, а ниту да создадат „голема коалиција“, што изборните резултати и на двете гласања упатуваа на една таква солуција, па на почетокот од март ќе се одржат и трети вонредни парламентарни избори во изминатите 12 месеци.
Сепак, за случајот на Нетанијаху останува тоа дека премиерот со најдолг стаж на функцијата ќе биде и првиот кој е обвинет за криминал додека е на премиерската должност, затоа што сомничењето за прекршување на законите, како и обвинувањето за корупција, се од времето пред да се закажат минатогодишните избори кои тогаш беа редовни и со кои овој израелски политичар сакаше да го освои и својот пет по ред мандат.
Тој е обвинет за три кривични дела. Првото е дека (заедно со својата сопруга Сара), незаконско има примено подароци од холивудскиот продуцент Амон Милхан и од австралискиот милијардер Џејмс Пакер. Другите две дела, меѓутоа, се однесуваат за поткуп на медиуми и компании за да си обезбедува за себе висок рејтинг во домашната јавност и меѓу израелските гласачи.
Заговор со „Једиот Ахронот“
Првото од овие две дела е оквалификувано како правење заговор со најтиражниот домашен весник „Једиот Ахронот“. Бил постигнат договор меѓу Нетанијаху и водството на весникот за тоа да се обезбеди дури и законска подлога, со која на овој весник директно би му се помогнало, фаворизирајќи го на штета на другите весници. Како надокнада за тоа, весникот целосно би се ставил во функција на Нетанијаху и неговата политика, помагајќи му да одржува висок рејтинг во израелската јавност.
И другото од трите обвинувања е во истата оваа функција. Премиерот, уште како министер за комуникации, да направи се што владата може да направи за да и се помогне на (сега) водечката телекомуникациска компанија „Базек Телеком“, низ регулаторски мерки да ја направи најмоќна и најбогата во Израел.
Таа за возврат, пак, да му помага на секој начин на Нетанијаху да има висок политички рејтинг и водечко место меѓу политичарите, преку бројни написи и прилози на интернет весникот „Вала“ што е во сопственост на телеком компанијата. За ова, во обвинувањето се вели дека постоел договор, директно, меѓу премиерот и бизнисменот Шаул Елович, кој ја има контролата врз „Базек“ и врз интернет порталот.
„Циркуска претстава“
Постоеше можност обвинетиот политичар да не оди на судење, повикувајќи се на својот (се уште) важечки пратенички имунитет. Според израелските закони, додека не биде осуден (ако биде прогласен за виновен) тој може да се појави на изборите, но на изненадување на домашната јавност „Биби“ како што е прекарот на Нетанијаху, самиот се откажа од правото на имунитет, објавувајќи дека го повлекол барањето непосредно, пред да почне расправата во Кнесетот (Парламентот).
На својот профил на Фејсбук тој напишал дека не сакала од расправата за неговиот имунитет да се направи „циркуска претстава“ за која тој смета дека сигурно би се случила. Други веруваат дека откажувањето од затскривањето зад имунитетот е само една од тактиките за неговото политичко преживување, бидејќи расправата во Кнесетот секако ќе беше искористена за негов судење како политичар и човек, што на еден месец пред изборите ќе значеше негово дисквалификување како кандидат и лидер на партијата Ликуд.
Затоа, се верува дека се определил да ризикува – „судењето“ да им го остави на гласачите кои досега ги следеа него и неговата политика.
Заробена држава
Конечно, тој од почетокот на отворањето на неговиот случај инсистира дека не сторил ништо не законско и дека е невин. И сега Нетанијаху тврди дека станува збор за „политички процес“, за „обид за пуч“ за да се тргне од премиерската и лидерската функција, потоа ги обвинува обвинителството и полицијата дека „вршат притисок врз сведоците“ и зборува за „лов на вештерки“ во организација на левичарската опозиција и на медиумите.
Сето ова се добро познати методи за одбрана на сите политичари обвинети за корупција кога по секоја цена сакаат да не одговараат за сторениот криминал. Главниот обвинител ги отфрла обвинувањата за нечесност и пристрасност, откривајќи дека тој, приватно, е близок со Нетанијаху и дека како граѓанин и гласач, ја подржува неговата политика, но дека сите обвинувања се силни, па затоа не можело да дејствува поинаку, освен да подигне и формално обвинување за (се уште) актуелниот премиер.
Опозицијата и неговиот главен противник, Бени Ганц остро го обвинувата Бенјамин Нетанијаху дека со своите „болни амбиции“ да владее со Израел, ја има претворено земјата во „заробена држава“ на неговата опседнатост дека само тој може да биде премиер. „Само поради неговото одбивање да се повлече од функцијата лидер на Ликуд, Израел мора три пати да организира избори, иако сето тоа можеше да се заврши уште пред повеќе од една година, кога Нетанијаху беше обвинет“ – рекол Бени Ганц.
(Е.И.)