Сорос против „црната алијанса“
Американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, учествувајќи во работата на годинешниов Светски економски форум во Давос, остро ги критикуваше, како што има речено – „авторитарните владетели“ низ светот. Не е прв пат Сорос, јавно да им се спротивставува на авторитарните режими и на недемократските процеси, секогаш бранејќи ги вистинската демократија и либерализмот.
Но, во оваа прилика, тој во својата критика ги изедначил кинескиот лидер Си Јинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп!
За претседателот на САД, Сорос има речено дека е „измамник и бескрајно нарцисоиден тип кој ги има прекршено сите ограничувања што ги поставува американскиот Устав“, а за кинескиот лидер дека „ја користи високата технологија за да ја прошири тоталната контрола врз кинеските животи“.
Борба со нетолеранцијата
„Светот би бил подобро место, доколку тие двајцата не се на власт“
…рекол Сорос во Давос, предупредувајќи при тоа на опасноста што ги носат со себе популизмот во политиката, како и климатските промени, за чие запирање тврди дека не се заинтересирани и едниот и другиот државник.
Според европските медиуми, овој милијардер, инаку редовен учесник на Форумот во Давос, при тоа ветил една милијарда долари за покренување една нова, глобална, универзитетска мрежа во борбата на светот со нетолеранцијата, откако предупредил дека Пекинг и Вашингтон претставуваат најголема закана за отвореното општество.
„И обајцата се обидуваат да ја прошират својата моќ на функциите на кои се наоѓаат“
…рекол Сорос, тврдејќи дека Трамп е подготвен да ги жртвува и националните интереси (на САД) за сметка на своите лични, за да извојува уште една изборна победа и уште еден мандат во Белата куќа.
За Јингпинг, пак, рекол дека е подготвен да ги користи трамповите слабости и „вештачката интелигенција за да наметне целосна контрола врз земјата и нејзините луѓе“.
Инвеститор и филантроп
Џорџ Сорос е Евреин, роден во Унгарија.
Холокаустот во текот на Втората светска војна го има преживеано сокривајќи се зад фалсификувани лични документи, а прикриено го има поминато и времето на унгарскиот комунизам, пред да пребега на Западот. Рано се вклучува во берзанскиот свет и во светот на финансиите и инвестициските трансакции, стекнувајќи богатство кое постојани го има надградувано.
Се смета дека сега „тежи“ околу 44 милијарди долари.
Британците го паметат како човекот кој (заедно со уште неколкумина инвеститори на девизната берза) во 1992 година ја „кутна на грбот“ и Банката на Англија и предизвика пад и девалвација на до тогаш несоборливата британска фунта. Велат дека само тој, од таа берзанска шпекулација, има заработено една милијарда долари.
Но овој човек, огромен дел од своето богатство – дури над 30 милијарди долари – има дадено на бројни и разни проекти за финансирање во образованието, во здравството, во обезбедувањето на и заштитата на човековите права и демократијата. Уште во 1979 година, десет години пред падот на комунизмот во Источна Европа, Сорос ја има создадено Фондацијата Отворено општество која сега дејствува во повеќе од 120 држави низ целиот свет.
Возвратен удар
Овој пат во Давос, најавувајќи го новиот проект за натамошна промоција на либералните демократски вредности, насекаде низ светот, Сорос објаснил дека „новата универзитетска мрежа силно ќе го застапува критичкото мислење во ова време на нетолеранција“. Ова треба да биде најновиот одговор на филантропот на „црната алијанса“ на ултра десницата и на популизмот и националистичката омраза, која одново е на сцената, после многу години и кога се мислеше дека тоа време од минатото е потиснато.
Сето тоа како реакција и на Трамп и јавната пресметка со него.
Европските аналитичари, пак, новиот проект го сметаат како реакција на распалениот национализам на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Особено што тој идеолошки се повеќе се приближува кон ултра-десницата и кон нејзината алијанса што овие десничари настојуваат да ја изградат на тлото во Европа, сами или во соработка и со истомислениците од другата страна на Атлантикот.
Сорос му има помогнато на Орбан, во времето на посткомунизмот во Унгарија да се дообразува на Западот.
Но овој некогашен анти-комунист и приврзаник на десниот центар, својата визија за Унгарија веќе со години на ред ја врзува за својата амбиција да владее со земјата, колку што може подолго, според неговиот концепт. А тоа значи, низ силниот национализам и популизам, што се оценува дека веќе е на границата од расизмот, за да направи од Унгарија етнички чиста држава.
Лажни обвинувања
Орбан се спротивстави на договорениот концепт на ЕУ за солидарен прием на мигранти, создаден врз основа на квоти, во екот на големиот наплив на бегалци од Блискиот Исток. За тоа му требаше „голем виновник“. Него го најде во својот некогашен ментор, унгарскиот Евреин, Сорос кого, сега како Американец, го обвини за „правење заговор“ против Унгарија, при тоа лажно обвинувајќи го дека дава пари, за да земјата се „наполни со мигранти“ со што „ќе се уништи унгарската национална посебност“!
Ова не беше прв случај некој политичар со авторитарни амбиции, или некои кои се во близина на ваквите луѓе, како добро платени советници, Џорџ Сорос да се дисквалификува и да се обвинува за правење наводни „меѓународни заговори“.
Прв пат такви обвинувања му се прикачувани уште во почетокот на деведесеттите години на 20 век, во времето на растурањето на европскиот комунизам и на тогашниот СССР.
Од тогаш, неговото инсистирање на градење отворени општества, врз основите на толеранцијата и либералната демократија, го направија „опасен„ за крајната десница, божемен заговорник за оние кои навиваат за тоталитаризам и за „цврста рака“ и вистинско „страшило“ за недемократските власти и за авторитарните режими.
Обид за атентат
Пред една година, во поштенското сандаче на неговиот имот и куќата во Њујорк, во која живее, еден ултра десничар од Флорида, остави пакет-бомба. Освен кај него, такви поштенски пратки, со дома изработени експлозивни направи полицијата откри и пред домовите на Барак Обама и Хилари Клинтон. Полицијата почна да трага меѓу припадниците на белата крајна десница и приврзаниците на Доналд Трамп, затоа што во тоа време траеше истрагата за „руската врска“ и за странското мешање во изборите во 2016 година.
Тоа предизвика гневна реакција на крајната десница во САД која преку нивните медиуми веднаш го обвини Сорос дека „прави лажни вести“ за сопствена промоција, а таквите fake news текстови и коментари, одеа до таму што му се припишуваше и дека „самиот си поставил бомба“.
Ниту една од експлозивните пратки не експлодира, но анти-Сорос фронтот беше отворен. Во САД тој силно се интензивира со изборот на Трамп за претседател и откако американската десница го смести овој милијардер и филантроп во политиката, на американската сцена со тамошните демократи, како еден од нивните големи донатори.
Таков каков што е, уште од самиот почеток, Трамп ги толерираше сите лажни обвинувања дека „луѓе на Сорос“ или ангажирани поединци, платени од Сорос, преку Фондацијата Отворено општество стојат зад немирите на југот од САД, во конфронтациите на тамошните либерали и ултра-конзервативци и крајни десничари. Никогаш ништо не се докажа, ништо од сите пишувања во медиумите на крајната десница не беше точно.
Меѓутоа, кога претседателот еднаш бил запрашан дали Сорос е навистина виновен – Трамп одговорил – „Ништо не би ме изненадило. Многумина велат дека е така!“
Анти-семитизмот на сцена
Сличната атмосфера била создадена во САД и кога почна да се зборува за караваните со мигранти кои од Средна Америка се упатија кон границата на САД, за да влезат на американска територија.
Кога Белата куќа почна гласно да прашува кој стои зад ваквите колони со луѓе, крајната американска десница реагираше со обвинувања дека „сето ова е типично за Сорос“ тврдејќи дека тој е „замешан во целата криза со мигрантите“.
Американските либерални медиуми тврдат дека зад клеветењето и обвинувањата се наоѓа антисемитизмот и измислените теории за некаков „еврејски заговор“ за – како што пишуваат и зборуваат ултра-десничарите во САД – спроведување „геноцид (на Евреите) врз белците (мислејќи на целата друга, нееврејска популација)“.
Ова расистичко друштво го има обвинувано Сорос и за тоа дека „како Евреин финансира ваков геноцид низ контролата на медиумите, а посебно преку весниците“.
Преку нив, според овие приказни, наводно, требало да се брани и подржува контрола врз оружјето во САД и отворање на американските граници. И двете работи, познати како дел на политиката на Трамп која тој ја промовираше веднаш по влегувањето во Белата куќа, а се однесува на можноста за поседување оружје по американските домови и за затворање на границите на земјата, не само кон југот, кон Мексико.
Удел и на македонските националисти
Ваквото насилство кон Џорџ Сорос и неговата амбиција светот да биде поинаков од она што го будат крајната десница и нивната „црна алијанса“ не се однесува само на Америка. Тој е обвинуван како „предводник на заговор“ и во Ерменија, во Австралија, како и во Хондурас или Филипините, во Русија и Кина.
Реџеп Таип Ердоган, уште како премиер на Турција, ќе го обвини Сорос дека „предводи еврејски заговор“ за ја подели Турција, но и други држави.
Поранешниот италијански заменик премиер Матео Салвини ќе обвинува дека Сорос „сака да ја наполни Италија со мигранти, затоа што тој сака робови“!? Во тоа друштво на националисти ќе се најде и Најџел Фараж кој во текот на кампањата за Брегзит не криеше колку мрази неангличани, па има дадено изјава дека токму овој американско-унгарски Евреин е „најголемата закана за западниот свет“.
Со истата и слична реторика се вклучи и режимот на избеганиот деспот, екс македонски премиер кој наместо во затвор за корупција, се сокри во Будимпешта, кај Орбан, што никако не може да се земе за случајно.
Го обвинуваше Сорос за револтот на македонската демократска и либерална јавност против неговата деспотија и грабежот на пари, гневна што нивната држава, тој и неговото опкружување ја претворија во партиско-семејна фирма.
„Државен непријател“
Медиумите на вмровските националисти, по бегството на нивниот лидер, сега под контрола на елементи од крајната европска десница, со добиени странски пари од фондовите на „црната алијанса“, со помош на домашни корумпирани новинари, прават се што можат- со домашна и странска помош- за да ја соборат проевропската и демократска влада, која за 30 месеци на власт направи неспоредливо повеќе за државата, отколку претходниот режим за 11 години. Само за да го вратат и режимот и бегалецот.
Во секој случај, Орбан беше и останува командантот на крајно-десничарската армија против Сорос.
Не помага одбраната дека Отворено општество не стои зад било какво отворање на било чија граница, па ни за унгарската. Од Фондацијата тврдат дека сите обвинувања и во САД, а и во Европа, и насекаде каде се појавуваат, се лажни и измислени, а дека владата во Будимпешта, со својата силна кампања, (многу е веројатно и со европски пари), има за цел од Џорџ Сорос да направи унгарски државен непријател.
За него и за Фондацијата, која од пред една година ја затвори својата канцеларија во Будимпешта, меѓутоа, најстрашното е што целата ваква атмосфера што ја создава крајната десница, насекаде, а посебно во Европа, многу потсетува на триесеттите години на 20 век, на годините на раѓањето на екстремниот анти-семитизам и на нацизмот. И сето тоа во втората деценија на 21 век.
(Спектатор)