Палмер – Русија го дестабилизира Западен Балкан
Специјалниот пратеник на државниот секретар на САД, за Западен Балкан, Метју Палмер, уште еднаш предупреди на однесувањето на Русија на овој регион, преку настојувањето да го дестабилизира регионот, да го подели и да го попречи неговото интегрирање со Западот.
„САД се загрижени поради ваквите руски намери кон Западен Балкан“ – рекол американскиот дипломат во Софија. Според Палмер, Москва сака овој регион да биде „расцепкан и поделен, целиот исполнет со сомнежи, за да се создаде слика за овој регион како за место исполнето со хаос“.
Во оваа прилика Палмер истакнал дека силен предизвик за регионот и за земјите во него е и силно разгранетата руска разузнавачка мрежа, како и активностите на руските шпиони кои се на тој терен. Како пример за таа и таква активност тој ги има посочено случувањата во Црна Гора и во Македонија.
Москва против грчко-македонски договор
Станува збор за настаните во Подгорица, во октомври 2016 година, во текот на изборите, кога беше извршен обид за пуч. Намерата беше да се доведат на власт просрпските (и проруските) партии кои се противат на влегувањето на Црна Гора во НАТО и во ЕУ, туку се за врзувањето на државата за Русија.
Палмер потсетил и на силното мешање на Русија во македонските настани околу преговорите на Скопје и на Атина за надминување на три деценискиот спор околу разликите за името на државата. Москва по секоја цена се обидуваше да го поткопа постигнувањето договор меѓу двете соседни држави, а потоа, кога договорот (сепак) беше постигнат, со сите сили работеше за да се попречи неговата поддршка во домашната јавност, рекол американскиот дипломат.
Колку за потсетување за сите оние кои лесно ги забораваат случувањата од најблиското минато и тоа кој на која страна се наоѓал во судбоносните денови кога требаше да се одлучува за европската иднина на државата, или за нејзиното оставање во балканската периферија – неколку работи не треба да се забораваат.
Атина протерува руски „дипломати“
Русија, како на македонскиот, дејствуваше и на грчкиот политички терен. Настојуваше и таму да ги покрене крајно-десничарските и националистички сили за да ја попречи атинската влада да го затвори прашањето кое и на Грција и создаваше да се соочува со еден отворен проблем во најблиското соседство.
Прв пат досега, во Атина имаше влада и лидерство кое беше подготвено да ја прифати и признае реалноста на нејзината северна граница и постоењето на еден народ кој се нарекува македонски, што досега со децении го негираше.
Во тие услови, Москва се обидуваше да искористи за себе и своите интереси и елементи во Грчката православна црква (ГПЦ), на што официјална Атина реагираше со експресно протерување на двајца руски „дипломати”. Тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас отиде во Москва за да ги расчисти работите, а пред се, како што беше тогаш споменато, да побара да не се користи ГПЦ во политичките работи на атинската влада.
Русија зад анти-западниот режим
А, во Македонија, ја користеше (и се уште ја користи) својата инсталација во овдешната националистичка опозиција која останува да биде под контрола на избеганиот екс премиер-осуденик.
Русија со своето дејствување уште од порано, со директното мешање околу законот за употребата на јазиците кој ескалираше со обидот и овде да се изведе пуч според црногорското сценарио, со директно инволвирање на странската агентура, настојуваше на секој начин да ги задржи на власт недемократскиот и антизападен режим и малиот деспот кој за да остане на власт, побара и доби заштита од Москва.
Подоцна, пак, кога требаше да ја отслужи затворската казна „мистериозно“ побегна, за да сега од странство управува со своето партиско друштво и продолжува да ја блокира државата на нејзината европска патека.
Москва, освен тоа, создаде и своја сателитска партија од, како што овде се вели „русофилските кадри“, која сега, откако работите полека слегнуваат, се приклучи таму, каде што природно си припаѓа, како подружница на вмровското друштво.
„САД сакаат да видат отворена врата“
Историскиот договор од Преспа се потпиша во јуни 2018 година, затворајќи еден билатерален спор и едно регионално безбедносно прашање. Токму Преспа го отвори патот на државата кон НАТО и кон ЕУ, окончувајќи ја четврт век долгата грчка блокада.
Што се однесува до Метју Палмер, тој во Софија, како пример за руското дестабилизирање на регионот го споменал и обидот на Москва за убиство на еден бугарски трговец на оружје, според сценариото употребено при труењето на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал, во англискиот град Солзбери.
Во една ваква атмосфера во Западен Балкан, која се наметнува од надвор, овој американски дипломат цврсто верува дека ЕУ, како што рекол, конечно, овој март, ќе определи датум за почеток на пристапните преговори за влез во Унијата на Република Северна Македонија и на Република Албанија, затоа што двете држави одговорија на барањата на Унијата.
„САД сакаат да видат дека вратата е отворена, па верувам дека Европскиот совет тоа ќе го признае – отворајќи го процесот на пристапните преговори“ – рекол Метју Палмер.
(И.Т.)