Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Европејците во Британија со нов статус

Alena.K/Bigstock.com

Европејците во Британија со нов статус

До крајот на јуни 2021 година, или шест месеци по завршувањето на периодот на транзиција по Брегзит, над 500 илјади Европејците- државјани на земјите членки на ЕУ и на Унијата-  кои живеат и работат во Велика Британија ќе мораат да го регулираат својот нов статус, по „разводот„ на Лондон и Брисел.

Станува збор за сите оние (сега) странци кои досега не побарале и немаат британско државјанство, ниту имаат статус на жители на Обединетото кралство, туку престојувале на британска територија и ги користеле сите права како и Британците, врз основа на основното правило на ЕУ-за слободни движење (и населување) на Европејците на целата територија на Унијата.

Полјаците- најбројни

Проценка е дека во Британија сега има околу три милиони државјани на ЕУ. Добар дел од нив имаат земено и британско државјанство, како натурализирани Британци, покрај своето, од земјите од каде потекнуваат и од каде се дојдени. Најбројни во оваа категорија се луѓето од поранешниот европски Исток, од државите на поранешниот советски комунистички блок. Убедливо најбројни се Полјаците- се верува дека ги има над 700 илјади кои се дојдени со целите свои семејства.

Меѓу нив има и етнички Македонци кои за да земат бугарско државјанство и бугарски пасоши, преку кои можеле да се населат во Британија, станале Бугари и како такви се регистрирани кај британските имиграциски власти. Сега и овие, претходно натурализирани Бугари, ќе мора да одлучат- дали ќе останат и натаму во Британија, земја сосед на ЕУ, или ќе бараат нова дестинација, на територијата на Унијата.

Но, освен оние од Истокот кои не успеале, или едноставно не сакале да станат британски државјани, во Британија има и луѓе дојдени од државите на Западна Европа, од оние кои ја чинат основата на некогашната ЕЕЗ и денешната Европска Унија.

Нови имигрантски прописи

На пример, има над 400 илјади Французи, не сметајќи ги оние кои работат, главно во Лондон, а за викендот се враќаат, дома во Франција. Има многу Белгијанци и Холанѓани кои досега живееја на британската територија со своите домицилни државјанства и пасоши. Ним, едноставно, не им требало да менуваат државјанство, затоа што како државјани на ЕУ , по автоматизам, ги имаа сите привилегии на британското државјанство. Освен правото да гласаат за пратеници во британскиот Парламент.

Сето тоа, сега се менува по Брегзит, особено што Велика Британија воведува најголема промена во контролата на британските граници, во последните без малку 50 години. Најважното е што дојденците од ЕУ, повеќе не ќе имаат приоритетен и привилигуван статус во однос на оние од другите држави.

Голем број од Европејците имаат поднесено барање за да добијат т.н. „решен статус“. Тоа значи дека тие ќе имаат право на  постојано жителство во Велика Британија, односно дека ќе може да останат да живеат и да работат на британската територија. За ваков статус, ќе мора да аплицираат до крајот на јуни следната година.

Лондон очекува реципроцитет

Условот е ако престојувале во Британија подолго од пет години. Оние , пак, кои се помалку од пет години, може да се пријават за статус „пред решавање“ . Оваа категорија е воведена за да им се овозможи на државјаните на ЕУ да продолжат да живеат и да работат во оваа земја.

Целата оваа процедура е договорена со Брисел и со ЕУ за да се спречи вистински егзодус и  голема преселба на луѓето- да мора да се селат во други држави , или да се враќаат во своите, матични, по одлуката на Британците , по 47 години, да ја напуштат Унијата.

Министерката за внатрешни работи во Лондон, Прити Пател сите овие британски потези и мерки ги оценува како хуманитарни.

Многу од Европејците имаат купено имот, главно куќи и станови во Британија, платиле и плаќаат данок на државата, па би било нехумано тие да мораат да се селат некаде. Пател има изјавено дека сега се очекува од сите други држави на ЕУ, каде живеат трајно, над еден милион Британци, да го направат истото со нив- задржувајќи им го нивниот европски, или статус на жители ( или државјани) на земјите каде сега живеат и работат.

(Д.Л.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе