Норвешка рециклира 97 отсто од пластичните шишиња
Норвешка е убедливо на првото место во Европа, по рециклирањето на пластичните шишиња и по тоа е цели десет години пред ЕУ. Дури 97 отсто од пластичните шишиња во оваа скандинавска земја се рециклираат.
Брисел со целата ЕУ, планира до 2029 година да се рециклираат 90 отсто од пластичните шишиња.
Сега, Франција и Британија прилично заостанува зад норвешките стандарди- во овие две високо развиени западни држави се рециклираат 60 отсто од пластичните шишиња.
Во Осло велат дека луѓето знаат дека ваквите шишиња и онака ќе мора да се фрлат и семејствата да се ослободат од нив, па затоа масовно се приклучуваат на операцијата. Машини за прибирање пластична амбалажа се поставени пред супермаркетите низ норвешкиот главен град и другите градови, покрај бензинските станици, или пред помалите продавници, а вградениот механизам во нив им отчукува признаница за „заработени“ 30 норвешки круни (околу 200 денари) за сите кои се ослободиле од пластиката.
Се смета дека за норвешкиот модел за ослободување од пластичната амбалажа, најзначајниот момент бил кога се направил сегашниот систем за враќање на шишињата. Тој е едноставен, но се покажал многу ефикасен- при купување на било што спакувано во пластично шише, Норвежаните плаќаат повеќе од основната цена, а тие пари им се враќаат кога ќе ги фрлат празни, во машините кои рециклираат.
Претставник на компанијата која работи на рециклирањето рекол дека купувачите, практично, го купуваат производот (тоа што е во шишето), а при тоа го „позајмуваат“ пакувањето, што ќе рече – шишето.
Во 2018 година, над 1,1 милијарда пластични шишиња (и лименки) биле вратени на овој начин во низа норвешки градови.
Земјата сега се посочува како пример за Европа (и за ЕУ). Циниците, меѓутоа, забележуваат дека ваквиот успех во рециклирањето е постигнат затоа што враќањето на пластиката се наградува- со пари. Само 30 отсто од празните, пластични шишиња биле рециклирани без материјална надокнада за оние кои ги вратиле. Очигледно е дека материјалната стимулација е потребна и во една развиена и богата Норвешка.
Други, пак, сметаат дека и покрај исплатата на 30 круни, свеста кај Норвежаните, но и кај сите други Скандинавци е мошне висока, кога станува збор за екологијата, за заштитата на природата и воопшто на човековата околина. Затоа и сите земји од тој дел на Европа делуваат бескомпромисно уредни и чисти, што не може да се рече за голем дел од европскиот континент.
ЕУ веќе навестува дека сака да го поддржи норвешкиот модел, како модел и на Унијата.
Експертите, пак, сметаат дека и покрај тоа што пластиката, а посебно пластичните шишиња ја валкаат човековата околина и завршуваат во океаните и светските мориња, не би требало да се осуди „ на смрт“. Според нив, пластиката е лесна, практична и евтина амбалажа и може и треба и натаму да се користи. Проблемот е во луѓето, во нивната несовесност, кога ја расфрлаат низ природата и ја претвораат во отпад.