Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

COVID-19 почнува со треска

vasilevkiril/BigStock.com

COVID-19 почнува со треска

Смртоносниот коронавирус (COVID-19) што се уште не може да се стави под контрола, почнува со силна треска, утврдиле кинеските лекари врз основа на искуствата и анализите што ги имаат направено со пациентите во епицентарот на заразата – повеќе милионскиот град Вухан и провинцијата Хубеи. Дури во 99 отсто од случаите, заразата почнала токму на овој начин.

Но, болеста се манифестирала и низ чувството на голема измореност, како и низ подолгото суво кашлање. Според анализите на кинеските лекари, една третина од пациентите на почетокот имале чувство на болови на мускулите на телото. Тешкото дишење кое инаку кај најголемиот број пациенти се јавува после петтиот ден од заразеноста, во определени случаи се појавувало уште на самиот почеток.

Први на удар – повозрасни мажи

Експертите сметаат дека ова истражување би требало да им помогне на лекарите да ги откриваат порано тешките случаи, уште пред пациентот да се најде во критичната фаза, но и за да се утврди како се шири заразата. Кинеските искуства покажуваат дека вирусот повеќе „удира“ на повозрасни мажи кои имале здравствени проблеми. Над 54 отсто од пациентите во провинцијата Хубеи се мажи со просечна старост од 56 години.

Американски експерти кои правеле свое истражување, проценуваат дека луѓето „чекаат“ во просек до десет денови, пред да побараат лекарска помош, иако е многу можно дека тие биле заразени со вирусот уште пред да добијат температура со која се почнува. Проценка е дека еден пациент бил заразен барем пет денови, па и повеќе пред да се појават симптомите кои Кинезите ги имаат анализирано.

Или, како што сметаат Американците, пациент со овој вирус може да е заразен, некогаш и до три недели, пред да се најде во болница, а во целиот тој период тој слободно се движел, одел на работа, патувал, контактирал со луѓето, или едноставно – го ширел вирусот насекаде.

Интензитетот на нови болни слабее?

Коронавирусот се појави на еден пазар во Вухан уште во декември, по што брзо се рашири низ овој голем град и индустриски центар на Кина, а потоа низ целата провинција Хубеи, како и низ оваа голема држава со околу 1,3 милијарди население.

Податоците до правењето на овој текст покажуваат дека 1770 лица досега се починати од вирусот. Далеку најголем број од нив се од провинцијата Хубеи, каде во неделата, само во еден ден, имало уште 100 мртви пациенти. Регистрирани се 2700 ново инфицирани, а нивниот вкупен број сега изнесува повеќе од 67 илјади.

Надвор од Кина се смета дека има над 500 случаи. Во Европа прв пат е регистриран и смртен случај – во Франција – еден 80 годишен кинески турист. Прв смртен случај има и во Тајван, а еден заболен (Кинез) е регистриран и во Египет, што е прв пациент на африканскиот континент.

Кинеските здравствени служби, сепак, тврдат дека интензитетот на заболувањата полека се намалува, секој ден. Во неделата, на пример, бројот на ново заболените изнесувал 2006 пациенти, во саботата 2700, додека во петокот таа бројка била 5090 заболени.

Продолжува драмата со крузерот

Властите во Пекинг, во меѓувреме, наредиле сите негови жители кои биле некаде на одмор за време на кинеската Нова година, а сега се враќаат, да не излегуваат, да не одат на работа, туку во следните 14 денови да останат во карантин, дома, во своевидна само-изолација. Сите се предупредени дека ќе бидат остро казнети доколку не се почитуваа оваа наредба- пренесуваат западните медиуми.

Во исто време, продолжува драмата околу „проколнатиот“ крузер „Дајамонд Принцес“ кој стои заробен наспроти јапонското пристаниште Јокохама, со околу 3700 луѓе на него. Тие се на бродот од 3 февруари во еден карантин, а сега и во втор, повторно воведен, откако крузерот стана втората најзаразена локација во светот по Вухан.

Заразата со вирусот ја има раширено еден патник кој се симнал во Хонг Конг, а за кого се утврдило подоцна дека бил заболен. Од него, низ лесната и раширена комуникација на бродот, над 335 патници и луѓе од екипажот се заразени, што е десет отсто од сите луѓе на крузерот. Само во неделата се регистрирани нови 70 случаи.

Некои патници одбиле евакуација

Заболените се префрлаат во болници на јапонската територија, додека околу 400 Американци беа евакуирани во САД со два специјални авиони. Сите тие веднаш се ставени под карантин, во американски воени бази во Тексас и Калифорнија, каде ќе останат следните две недели. Никој од нив, а меѓу присилно евакуираните има цели семејства, следните 14 денови не ќе може да си дои дома.

Американските медиуми пишуваат дека дел од Американците на бродот, одбиле да заминат и одлучиле да останат. Станува збор за незаразени патници кои сметаат дека е подобро да останат во изолацијата, во своите кабини на бродот, отколку да се измешаат со сите другите – прво, во автобусите кои треба да ги префрлат до аеродромот, а потоа и да патуваат со нив, на летот до САД.

Овие луѓе се плашат дека некои од оние кои сега се сметаат за здрави можеби се носители на вирусот, во фазата пред да се појават првите симптоми.
Вакви вонредни летови најавија уште и Канада, Австралија, Израел и Хонг Конг.

Здравствени експерти, меѓутоа, сметаат дека ваквите операции за „извлекување„ можеби и не се најсреќното решение и дека во намерата да се помогне, може да се забрза ширењето на вирусот и таму каде го нема.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе