Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шин Феин – Ова е момент за обединување на Ирска

Ben Gingell/BigStock.com

Шин Феин – Ова е момент за обединување на Ирска

Ова е момент за одржување референдум за обединување на Ирска. Тоа би можело да се спроведе во следните три години

…изјавила лидерот на Шин Феин, Мари Лу Мекдоналд, во еден од нејзините јавни настапи по парламентарните избори во Република Ирска, од пред една недела, на кои (практично) нема победник.

Мекдоналд која на лидерската позиција го замени Џери Адамс, вели дека ситуацијата која настана во Велика Британија после Брегзит не само што ја измени позицијата на Обединетото кралство во Европа, туку целосно ги промени и правилата на политичката игра во и околу Ирска.

А, тоа во изменетите услови, по британското излегување од ЕУ дава можност за организирање референдум за обединување на Северот (Северна Ирска) од островот, со неговиот Југ – со Република Ирска.

Меѓуирски делби

Шин Феин (преведено од келтски јазик- Ние Сами) е Ирска политичка партија создадена на почетокот од 20 век, која веднаш станала блиска со републиканските сили кои се бореле за ослободување од британската седум вековна  доминација и за создавање независна Ирска држава.

Но републиканското движење не било обединето околу тоа како да се дојде до независноста. Неговото тврдо крило, во кое доминира Ирската републиканска армија (ИРА) се залага за борба и за независна држава, на целата територија на островот, со прекинување на сите врски со Британците.

Шин Феин, пак, предводено од основачот на партијата (Артур Грифит) е за „помеко“ решение – да се прифати доминионски статус за независната држава Ирска, државата да биде дел од британскиот Комонвелтот и Алстер (Северна Ирска) да остане и понатаму под британска контрола.

Блискост со ИРА

Во 1918 година, на изборите во Британија на кој гласаат и Ирците, затоа што островот е дел од Обединетото кралство, во Ирска победува Шин Феин. Меѓутоа, избраните пратеници одбиваат да одат во Лондон и во британскиот Парламент да ги заземат своите места.

Наместо тоа, тие бараат свој, алтернативен Парламент (Даел) во Даблин. Од оваа меѓуирска поделба се раѓаат двете партии – Фине Гаел и Фиана Фаил.

Шин Феин, пак, после договорот во Лондон од 1921 година, останува блиска до ИРА, особено во нејзините активности во (сега веќе) поделениот остров – во Северна Ирска. Тоа особено ќе дојде до израз во текот на борбите во покраината, меѓу унионистите и републиканците кои не престанаа да бараат обединување на Островот.

„Избришан“ договорот од Велики Петок

Борбите почнаа во почетокот на шеесеттите години на 20 век и ја одбележаа целата втора половина од векот, се до 1997 година и до првите обиди за политичко решение – со одлуката на ИРА за прекин на огнот, а што се финализира во април 1998 година, со мировниот договор од Велики петок. Над 3500 луѓе загинаа во тие борби, а над десетици илјади други лица, беа повредени.

Со договорот, направен врз основите на принципите на ЕУ, со отворени граници и со слободна комуникација на луѓето, ирскиот остров, практично, го постигна по мирен пат сето она за што без малку половина век се војуваше во Алстер – да биде обединет во рамките на ЕУ.

Мари Лу, затоа и смета дека после Брегзит, наметнат по одлуката (главно) на англиските гласачи, земјата да излезе од ЕУ, ситуацијата е целосно изменета, па сега ништо не е како што беше. Пред се, изменети се приликите во самата Северна Ирска.

Северноирците се против Брегзит

Прво, на референдумот за ЕУ во јуни 2016 година, мнозинството Северноирци (а тоа значи дека така гласале и многу унионисти) беа против напуштањето на Унијата. Затоа и приклучувањето (на Алстер) кон Република Ирска сега изгледа како примамлива идеја, бидејќи значи останување во ЕУ.

Второ, на Северот и онака унионистите- лојалисти не се повеќе мнозинството.

Шин Феин која долги децении важеше како политичко крило на ИРА, за прв пат по подолго време, а овој пат и после ирските избори, се јавува со идејата за обединување. Сега не низ вооружена борба, туку преку демократски референдум.

На изборите во Републиката, Шин Феин постигна историски успех- стана втора партија во Ирска, само со едно пратеничко место зад Фиана Фаил.

За прв пат по 100 години ќе биде фактор за создавање нова влада во Даблин, иако резултатот не е поради нејзиниот национализам, туку поради левичарската идеологија која е доминантна кај младите гласачи.

Изјавата на Мари Лу Мекдоналд доаѓа по изјавите од Единбург и тамошната СНП партија на Никола Старџен дека Брегзит отвора пат за втор референдум за отцепување на Шкотска од Обединетото кралство.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе