Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Асанж тврди дека Трамп му нуди помилување

Асанж тврди дека Трамп му нуди помилување

Американскиот претседател Доналд Трамп му понудил помилување на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж кој се соочува со барањето на САД за негова екстрадиција, доколку соопшти дека Русија нема никаква врска со објавувањето на хакираната електронска пошта на Комитетот на американската Демократска партија, во текот на изборната кампања во 2016 година.

Адвокатот на Асанж, според американските медиуми, навестил дека поранешниот австралиски хакер информацијата за помилувањето ќе ја соопшти и на почетокот на судската постапка пред лондонскиот суд за екстрадиција, на отворањето на постапката закажана за во понеделник.

Адвокатот уште тврди дека за сознанијата околу понудата на американската администрација веќе го известил и обласниот судија на судот во Вестминстер кој ќе ја води постапката.

Која е улогата на Рорабахер

Ваквата одбрана на Асанж се засновува врз едно соопштение на поранешната американска конгресменка, од редовите на републиканците, Дејна Рорабахер, дадено откако таа во август 2017 година го посетила Австралијанецот кој тогаш се криеше во зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон.

Подоцна таа има речено дека кај Асанж била откако од Трамп примила инструкции за тоа да му понуди помилување, ако тој за возврат објави дека нема „руска врска“ во случајот со провалувањето на мејловите од Демократската партија во екот на претседателската изборна кампања, што инаку требаше да и напакостат на Хилари Клинтон, а да му помогнат на Трамп да стане претседател на САД.

Сите мејлови се појавија на Викиликс, а американскиот ФБИ, како и безбедносни експерти веднаш тврдеа дека зад хакираните мејлови стои Русија, која на тој начин, за прв пат, директно се има замешано во едни американски избори, за да му наштети на еден кандидат, фаворизирајќи го другиот, во случајов – Трамп.

Деманти од Белата куќа

Белата куќа во Вашингтон, меѓутоа, категорично ги демантираше ваквите информации од Лондон, објавени во медиумите на САД.

„Станува збор за целосно фабрикувани и комплетно измислени работи“ – има изјавено портпаролот Стефани Гришам.

Според неа, претседателот Трамп сосема малку ја познава поранешната конгресменка Рорабахер.

„Тој никогаш нема зборувано со неа, како за овој случај, така и за други. Сето ова е само измислица“ – рекла Гришам.

Британскиот судија кој ќе треба да пресуди околу тоа дали Асанж ќе им биде предаден на американските правосудни власти – потврдил дека од неговите адвокати ги добил информациите за „понудата“ на Трамп и дека ќе ги разгледува во следните неколку денови.

Седум години бегалец

Џулијан Асанж (48) седум години помина како бегалец, во еквадорската амбасада во Лондон. Таму побегна во јуни 2012 година за да не им биде предаден на шведските власти кои го бараа за сослушување, затоа што две негови поранешни соработнички од Стокхолм го обвинуваа за силување и за сексуално насилство.

Во април минатата година, еквадорските власти кои претходно му дадоа политички азил, побараа од него да ја напушти амбасадата.

Веднаш беше уапсен од британската полиција, затоа што против него Британците имаа издадено потерница бидејќи ја прекрши постапката за условна слобода и кауцијата да не биде во затвор, со тоа што избега и се сокри во амбасадата на Еквадор.

Тогаш, администрацијата на претседателот Доналд Трамп отвори постапка против Асанж – за 18 разни кривични дела, меѓу кои и за шпионажа и побара од Британија тој да биде екстрадиран во САД.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе