Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Кривична пријава за Јосипа Лисац

Josipa Lisac by Ivan Stojic (CC BY-NC-SA 2.0)

Кривична пријава за Јосипа Лисац

Против познатата Хрватска, а порано и југословенска пејачка ѕвезда, Јосипа Лисац е поднесена кривична пријава за тоа дека користела, како што се вели во пријавата, „потсмешлива артикулација и тоналитет“ при пеењето на хрватската химна, со што предизвикала „кривично дело против угледот на Република Хрватска“.

„Делото“ било направено за време на инаугурацијата на новиот претседател Зоран Милановиќ, што за конзервативниот и „патриотскиот“ дел од хрватската политичка јавност претставува и скандал, на самиот почеток од мандатот на новоизбраниот шеф на државата.

Граѓанин-патриот

Пријавата до Обвинителството на Хрватска била дадена од приватно лице, извесен Бошко Жупановиќ . Тој за себе тврди дека е правник, дека не се разбира премногу во музиката, но за загрепските медиуми рекол дека пријавата против пејачката Лисац морал да ја даде, зашто ја сметал за „своја граѓанска должност“ .

Локалните медиуми, меѓутоа, се заинтересирале за овој граѓанин, па утврдиле дека тој е многу добро познат кај хрватските правосудни власти. До неговата 25 годишна возраст против него имало насобрано дури 66 кривични пријави, а дека му се судело за измама и за плаќање со фалсификувани пари.

На неговиот профил на Фејбук, пак, загрепските новинари регистрирале негови фотографии со двајца (во Хрватска) познати бегалци од правдата- браќата Мамиќ, но и слика со досегашната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ.

Сега останува дилемата како еден ваков човек (единствен) се јави со обвинување до пејачката дека ја „навредила државата“, па се смета дека целата работа, сепак, е дело на конзервативната, националистичка и десничарска политичка кујна во Хрватска, која тешко го проголта поразот на претседателските избори.

„Работа на слободата“

Самата Јосипа Лисац, позната по својот специфичен начин на пеење и на интерпретација на песните, рекла дека начинот како таа ја испеала химната е „работа на слободата“. Според неа, „треба да се сака својата земја за да се биде слободен во неа“.

Јавноста, меѓутоа, останала поделена, иако на повеќето од луѓето – нејзината интерпретација на државната химна воопшто не им се допаднало.

Сето ова по малку потсетува на квази-патриотските реакции на македонските партиски диригирани националисти кои се пресметуваа на Фејсбук, со нашата пејачка Тамара Тодевска и ја „судеа за предавство“ затоа што во една прилика ненамерно прескокна една строфа од химната на Република Северна Македонија.

Тоа беше истото друштво кое го бојкотираше нејзиниот настап на Евровизија- досега убедливо најуспешниот – покажувајќи одново колку малку си ја сакаат државата.

И овие кај нас, а и оној „патриот“ во Хрватска очигледно е дека се од една иста матрица.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе