Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Штедливите“ против „трошаџиите“ во ЕУ

Magryt/BigStock.com

„Штедливите“ против „трошаџиите“ во ЕУ

Специјалниот Самит на лидерите на земјите членки на ЕУ, посветен на новиот седмогодишен буџет на Унијата, почна и заврши без да се постигне брз компромис околу тоа колкав процент од Бруто националниот производи (БНП) на секоја земја ќе треба да се издвојува, за полнење на касата на ЕУ.

„Дежурните„ евроскептици и сеирџиите од двете страни на Унијата, а сега и од Британија, побрзаа да порачаат од Брисел дека – ете – се „растура единството“ на Унијата. Во својата се уште силно одржувана анти-европска еуфорија, некои лондонски медиуми радосно и порачаа на својата јавност дека ова само покажува оти било добро што Британците не се повеќе во тоа друштво.

Пазарење околу буџетот

Но, барем оние од Лондон, би требало да знаат дека никогаш досега не се случило (и кога ЕЕЗ/ЕУ беа помали) земјите-членки, веќе на самиот старт да се спогодат околу нивниот заеднички буџет – за неговата висина, околу процентот на издвојувањето и за тоа како и за што да се употребат парите. Колку за потсетување – предводници во тоа несогласување, во инатењето и во правењето проблеми, во изминатите години, секогаш беа токму Британците. Редовно требаше да им се угодува на британските евроскептици кои сакаа да бидат во една Унија, но ако може таа да се уредува и води, онака како што тоа на Британија најмногу ќе и одговара.

Францускиот претседател Емануел Макрон, затоа, заедливо во Брисел ќе прокоментира – ајде да се спогодиме побрзо- сега ги нема Британците!

Сето тоа, по минатонеделниот Самит поедноставно го објасни австрискиот канцелар Себастијан Курц кој на новинарите им рекол дека за два- до три Самити, ЕУ на крајот, сепак, ќе постигне консензус.

Конечно, Унијата не е федерална (супер) држава, туку сојуз на независни држави, па од таа позиција, лидерите на земјите членки, секогаш настојуваат да се “испазарат“ и да им „покажат заби“ на Брисел, на Европската комисија и на како што се вели, европската бирократија.

Тоа им е потребно за да собираат политички поени кај своите гласачи, на домашната политичка сцена, но и за да се изборат за подобра позиција. Што ќе рече – ако може помалку да издвојуваат, а повеќе да извлечат од европските развојни фондови.

Колкав процент од БНП

Тоа е формулата на земјите од Истокот на континентот, поранешни комунистички земји од советскиот идеолошки и економски блок, во изминатите 15 години, откако се дел од ЕУ, но ниту оние од Западот, па и постарите во Унијата, не ретко ја имаат применувано таа тактика.

Конечно, во текот на кампањата околу Брегзит, се откри дека Британија, како членка на Унијата, користела европски пари, за побрз развој, не само за Велс и Северна Ирска, на пример, туку и за Фокландските острови, кои се оддалечени 15 илјади километри од британските острови и се на 400 км. до брегот на Аргентина.

Овој пат, несогласувањата околу преговорите за новиот буџет за периодот меѓу 2021 и 2027 година, избувнаа меѓу т.н. „штедливи“ земји и другите кои овие првите, обично ги означуваат како „трошаџиите“.

Во групата на „штедливите“ се Австрија, Данска, Холандија (или сега Нидерландија) и Шведска и тие инсистираат за новиот европски буџет да се издвојува по 1 отсто од БНП на секоја земја-членка. Нивниот аргумент е дека тој буџет и онака ќе биде покус за 75 милијарди евра (колкаво беше британското учество во целиот буџетски период), па ако е така тогаш ЕУ ќе има помал прилив, но ќе има и помалку трошоци, затоа што сега во Унијата има една земја помалку.

„Амбициозна Европа“

На другата страна е групата земји која до сега се нарекуваше „Пријатели на кохезијата“, а од после овој Самит се преименуваа во „Пријатели на амбициозна Европа“- вкупно 17 земји се во ова друштво и тука е цела Источна Европа. Тие не го прифаќаат барањето на „штедливите“ и сугерираат секоја земја да издвојува по 1,3 отсто од својот БНП, а тоа е процентот што го сугерира и Европскиот Парламент.

Во вакви услови, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се определи за еден нов приод.

Наместо на пленарна седница, на која консензус би се барал со сите членки, како што тоа беше на октомврискиот Самит, околу распределбата на европските функции, па настрада Македонија, на која налутениот Макрон и го блокираше давањето датум за старт на преговорите за прием, Мишел ја отвори и по 20 минути ја затвори седницата. Се определи консензус да бара разговарајќи со секоја од овие две групи и со лидерите на секоја од земјите членки.

Општа согласност не успеа да постигне, па сега Европската комисија, но и членките, секоја за себе, ќе продолжат да бараат нова „математика“ која би можела да ги задоволи сите.

Буџет од 1094 милијарди евра

Комисијата предводена од Урсула фон дер Лајен прво предложи, секоја земја да издвојува во буџетот на ЕУ по 1,1 отсто од БНП. На тој начин се смета дека би се обезбедил буџет од 1094 милијарди евра (без малку 1,1 билион), што пак е еднакво на издвојување од 1,074 отсто од БНП од 27-те земји на Унијата. Кога „штедливите“ останаа на својата позиција, Брисел понуди како компромис 1,07 отсто за кое нема одговор од штедливите, а ниту од „трошаџиите“.

Аргументот на групата за „Амбициозна Европа“ се дека четирите „штедливи“ кон кои е наклонета и Германија, но е пофлексибилна и подготвена за брзо спогодување, се дека оваа група богати и економски силно развиени земји, користат и рабат.

Станува збор за своевиден попуст, или за враќање на дел од парите кои ги даваат во заедничкиот буџет, па затоа не би требало да бидат толку тврди и „скржави“. Тој попуст, е измислен за да ниту една земја не издвојува повеќе во буџетот (или како го нарекуваат во солидарниот фонд) само поради својот повисок економски потенцијал. Сето тоа со цел да се почитува и одржува принципот на солидарност на кои се потпираат и поранешната ЕЕЗ, а и сегашната ЕУ.

А, рабатот, прв пат е измислен за Британците, на барање на Лондон и на силниот (често пати заканувачки) притисок на поранешниот британски премиер Маргарет Тачер.

Рабат за Британците

Долго време траеја тогашните преговори на Лондон и Брисел, кои потоа се префрлија на билатерален терен, како преговори меѓу Британија и Франција, или уште попрецизно – меѓу Тачер и тогашниот француски претседател Франсоа Митеран. Договор, најпосле, се постигна во 1984 година, кога „челичната леди“ и „студениот“ Французин најдоа солуција за она за што претходно и двете страни мислеа дека правото е на нивна страна.

Британците бараа право на рабат поради тогашната, според нив, не фер распределба на средствата од европските фондови за субвенции. Дури две третини од буџетот на тогашната ЕЕЗ, во тоа време, одеа за субвенционирање на аграрот, при што големо мнозинство од парите (околу 70 отсто) се префрлаа во Франција, за тамошните производители на вино и на сирење, пред се, поради крајно уситнетото тамошно земјоделство.

Во исто време, Британија од тој фонд извелкуваше далеку помалку пари, затоа што и тогаш, а и сега, аграрот не е примарната гранка во британската економија, ниту пак значајно учествува во создавањето на британскиот БНП.

Постепено укинување?

Во такви услови, за да си ја задржи привилегираната позиција околу субвенциите во овој сектор, што за секоја француска влада значи „мир во куќата“, Митеран тогаш, а подоцна и сите претседатели по него, го прифаќаа извојуваното право на Британците – да користат рабат на парите кои ги издвојуваат за буџетот во ЕЕЗ/ЕУ. Во меѓувреме, право на рабат имаат стекнато и Австрија, Данска, Шведска, Нидераландија, но и Германија, кои исто така, не се типични аграрни земји.

Европската комисија и Фон дер Лајен сега сугерираат, кога веќе ги нема Британците, рабатот, едноставно, да се прекине, за сите кои сега го користат.

Математиките од едно време покажуваа дека Лондон примал назад, или благодарејќи на рабатот помалку уплаќал и до три милијарди фунти. Оние од Истокот и сите кои не примаат ваков „попуст“ се согласуваат со Брисел. Меѓутоа, четворката „штедливи“ плус Германија кои сега, по одењето на Британија единствени ќе користат рабат- се против предлогот за негово укинување.

Веројатно е дека ова прашање во наредните недели ќе стане едно од прашањето околу кое ќе се трага по компромис. Шарл Мишел, освен околу процентот на уплаќање за буџетот, сега настојува да постигне општа согласност и околу рабатот, што инаку се врзува за заедничката аграрна политика на ЕУ (ЦАП). Според сознанијата од Брисел, Мишел бара од сите да се согласат за постепеното намалување на рабатот- до неговото исчезнување.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе