Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Франсоа Фијон на суд – за измама

hadrian/BigStock.com

Франсоа Фијон на суд – за измама

Поранешниот премиер на Франција, Франсоа Фијон е изведен на судење во Париз, на кое е обвинет за измама. Тој е обвинет дека на својата сопруга и има исплатено околу 900 илјади евра, како надоместок за нејзината работа како советник во неговиот кабинет, иако таа никогаш и ништо нема одработено.

Сопругата Пенелопе Фијон, инаку родена Велшанка и Британка, исто така, е обвинета и ќе и се суди за истиот случај. Обајцата и порано, а и сега тврдат дека немаат направено ништо незаконско

Формална асистентка кај сопругот

Скандалот избувна пролета во 2017 година, во екот на веќе започнатата партиска кампања за претседателските избори, закажани за есента таа година.

Фијон беше водечки кандидат на својата десно-центристичка Републиканска партија, а важеше и за главен фаворит за нов француски претседател кој требаше да го наследи Франсоа Оланд.

Зад кандидатурата на Фијон застанаа сите десноцентристички партии и организации, па тој многу рано ја доби номинацијата на својата партија за нејзин кандидат на изборите.

Неговиот углед како кандидат беше засилен и со тоа што меѓу 2007 и 2012 година, беше премиер, кога шеф на државата беше неговиот сопартиец, Никола Саркози.

Токму тогаш, француското сатирично списание „Окованиот патор“ откри дека сопругата на Фијон била само формално помошник во канцеларијата на својот сопруг, додека тој бил прво пратеник, а потоа и сенатор во францускиот Парламент, но дека за само шест години, како „асистентка“ кај својот сопруг, примила толку многу пари, мамејќи ја државата за чиј интерес, наводно, работела.

Според весникот, сопругата на поранешниот премиер, дури и не одела на работа, но примала „плата“.

Во скандалот вклучени и децата

Фијон на почетокот ги отфрлаше сите обвинувања, тврдејќи дека се „политички мотивирани“ и дека се дел од „кампањата на неговите политички противници“. Но, јавноста која беше шокирана од ваквите откритија на весникот, почна да му врти грб, па пред уште да се замеша полицијата со формална истрага, тој го загуби дотогашниот рејтинг и на крајот се повлече од изборната трка.

Подоцна се разбра дека измамата е многу поширока и дека во неа било вклучено целото семејство – и неговата ќерка и син.

Тие добивале високи хонорари дека работеле во канцеларијата на нивниот татко- како правни советници, иако во тоа време тие се уште не биле оквалификувани за тоа – едноставно – немале завршено факултет, за да може да се водат како „адвокати“.

Корупцијата, измамничките манипулации околу финансирањето на изборните кампањи и злоупотребата на службената должност, се често присутни во француската политика, па дури и во нејзините врвови.

Политичари-измамници

Судење за едно вакво кривично дело го очекува поранешниот претседател Саркози, чиј случај се провлекува уште од крајот на 2012 година. Со судење е соочен и некогашниот премиер, остарениот политичар Франсоа Баладур, а за кривично дело слично на она на Саркози беше осуден и сега веќе починатиот Жак Ширак. Тој беше осуден на три години затвор, но казната му беше заменета за условна.

Доколку Франсоа Фијон биде прогласен за виновен, се соочува со затворска казна до 10 години.

Неговиот морален и политички пад, во 2017 година ја искористи младиот новак во политиката, центристот и либерал Емануел Макрон, зад кого тогаш застанаа традиционалната француска десница и левица, само за да се порази крајната десница на Марин ле Пен.

Макрон извојува уверлива победа и влезе во Елисејската палата, како нов претседател на Франција.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе