Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Прв круг шпанско-каталонски разговори

yasonya/BigStock.com

Прв круг шпанско-каталонски разговори

Шпанскиот премиер Педро Санчез и каталонскиот претседател Ким Торе, заедно со своите соработници, го одржаа првиот круг разговори околу идниот статус на Каталонија.

Тоа е прв таков случај досега, затоа што сите претходни шпански премиери категорично отфрлаа секаква можност за вакви тип преговори.

Позицијата на каталонскиот преговарач Торе е неизвесна и не се знае дали тој и натаму ќе ги води преговорите со Санчез, затоа што според одлуката на шпанскиот Врховен суд, Торе не може повеќе да ја обавува функцијата претседател на Каталонија, затоа што го има повредено шпанскиот Устав, неспротивставувајќи се на сепаратистичките потези на неговата регионална влада. Според одлуката на судот, Каталонците треба да изберат нов претседател.

Историски преговори

Како и да е, првата ваква, историска, средба сепак, се одржа. Најмногу благодарејќи на храбрата решеност на Санчез да го затвори каталонскиот случај на мирен начин и со политички средства, настојувајќи да се приближат ставовите на владата во Мадрид и на умерените каталонски националисти кои, сепак, не инсистираат на отцепување од Шпанија.

Освен тоа, актуелниот шпански премиер има постигнато договор со левичарските каталонски националисти, нивните пратеници во Кортесот (Парламентот) да не го блокираат гласањето за доверба на новата влада, а за возврат Санчез да отвори процес на преговори за идниот статус на Каталонија. Со таквиот маневар, Санчез не само што обезбеди Шпанија најпосле, после три избори и едногодишна криза, да се создаде стабилна влада, туку отвори пат и за можниот историско шпанско-каталонски договор.

Првиот круг од разговорите траел три часа и како и што можеше да се очекува, не бил постигнат некој поголем напредок. Но, важно е дека двете страни се договориле да ги продолжат ваквите разговори, секој месец по еден, што наизменично би се одржувале во Мадрид и во Барселона.

Против референдум

Шпанските медиуми откриваат дека на првата средба, Ким Торе одново барал владата во Мадрид да дозволи организирање референдум во Каталонија, како и ослободување на сите деветмина каталонски, сепаратистички политичари кои се осудени на повеќе годишни затворски казни, за спроведување на нелегалниот и забранет референдум во 2017 година.

Санчез прифати да преговара со каталонските сепаратисти, но од порано има соопштено дека неговата влада нема да се согласи, ниту да одобри одржување референдум за независност.

Каталонија, како и Баскија и Галиција се трите шпански региони кои имаат висок степен на самоуправа и автономија. Анкетата што ја има направено еден каталонски институт за испитување на јавното мислење има утврдено дека и покрај силниот сепаратизам последниве години, мнозинството Каталонци, сепак, не се согласуваат со отцепувањето на нивниот регион од Шпанија.

(М.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе