Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ердоган со мигрантите против ЕУ

palinchak/BigStock.com

Ердоган со мигрантите против ЕУ

Анкара и Атина максимално ги заострија своите и онака „традиционално“ студени односи, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одлучи да ги искористи бегалците и мигрантите кои се наоѓаат на турска територија, како оружје против ЕУ. Први на удар (засега) се најдоа „историскиот непријател“ Грција, нејзините источни острови (пред сите Лезбос) и областа Еврос, но многу брзо тоа може да и се случи и на Бугарија.

Овие две европски и балкански земји, ја чуваат надворешната граница на Унијата

Ердоган во својот веќе добро познат стил на авторитарен шеф на држава, од пред извесно време се закануваше дека „ќе ја отвори вратата (границата) за нов наплив на бегалци во Европа“. Во петокот тоа и го направи, порачувајќи и на ЕУ дека Турција „не може и не сака повеќе сама да се носи со бегалците“.

„Милионска маса“

Или тие луѓе ќе се вратат назад (во своите држави), за да може да живеат достоинствено, или пак, сите ќе треба да преземат дел од проблемот

Или тие луѓе ќе се вратат назад (во своите држави), за да може да живеат достоинствено, или пак, сите ќе треба да преземат дел од проблемотрекол турскиот претседател во обраќање преку државната телевизија, порачувајќи дека прво ќе тргнат илјадници бегалци и мигранти од логорите на турската територија, а дека подоцна тоа ќе прерасне во бран во кој ќе има „милионска маса“ луѓе кои сакаат да влезат во Европа/ЕУ.

Не е јасно како тоа Ердоган мисли да се вратат (околу 3,5 милиони бегалци, но и мигранти од Блискиот и Средниот Исток – Авганистан и Пакистан, на пример – како и од некои земји на Западна Африка ) во нивните држави и да им се обезбеди „достоинствен живот“, а да не каже кој тоа ќе треба да го обезбеди.

Тотално е погрешно адресирана неговата порака ако мисли дека тоа е работа само на ЕУ и дека таа е должна да ги прими сите за да работат и да живеат во западноевропските држави.

Бегалци и мигранти

Особено што ако внимателно се проанализираат снимките на оние во чамците кои се пронаоѓаат и запираат околу островот Лезбос, во Егејско Море, може да се забележи дека според облеката и однесувањето, тие ни малку не личат на луѓе кои бегаат од воени зони, очајнички настојувајќи да најдат засолниште.

Многу е очигледно дека станува збор за економски мигранти кои имаат и пари и можност за да платат за илегално префрлање на територијата на Грција, а од таму, со добиениот статус на политички азиланти, да се префрлат во некоја од земјите на ЕУ.

Друга е работата, ако станува збор за бегалци од Сирија, посебно од нејзините северни делови, како последица на растурената држава од деветгодишната граѓанска војна, за што голема заслуга има и Турција, нејзината армија и самиот турски претседател кој активно е вклучен во тамошните судирања. Ако Ердоган мисли на овие луѓе, тие навистина имаат потреба од достоинствена живеачка.

Но, за да се обезбеди тоа, треба да престане мешањето на Турција во сириската драма, бранејќи разни екстремистички, исламистички вооружени групи со кои, заеднички, ги прогонуваат сириските Курди, на кои исто така им е потребна мирна и достоинствена живеачка.

Анкара и Москва

И конечно, вистински да се договори со Русија, со која еднаш се пријатели, а потоа противници, за да се стави крај на војувањето во Сирија- во кое Анкара сака да го собори од власт Башар ал Асад, а Москва го заштитува и како сега стојат работите, на крајот и ќе го одбрани.

„Арапската пролет“ во Сирија и започна само за да се собори Асад, чија малцинска, шиитска заедница на алевитите доминира во земјата во која мнозинството се сунити, каде има силна и бројна курдска етничка заедница и дури десет отсто христијани, а и тие поделени на унијати и православни.

Асад се уште опстојува и со помош на руските авиони и ракети, неговата армија е насочена на провинцијата Идлиб која е сосема залепена со турската граница. Дамаск сака да ја врати под контрола, како што беше до март 2011 година, додека Анкара упорно настојува да ја има под некаква своја контрола.

Битка за Идлиб

А, токму острите борби изминатите недели, предизвикаа Сиријците да убијат 33 турски војници, на што турската армија, користејќи дронови уби 19 сириски војници, што го покрена најновиот бран бегалци од тие делови на сириската државна територија, кон Турција која им е веднаш зад границата. Ескалацијата на судирањата во зона за која Анкара мислеше дека е решено прашање со Москва, го покрена (за турската страна) дежурното прашање со бегалците, мигрантите и нивното чување.

Разгневен Ердоган, не сакајќи јавно да се расправа со Владимир Путин (најавено е тие да се сретнат во четврток, за да расчистат околу Идлиб), се нафрли врз ЕУ.

Уште еднаш го обвини Брисел дека не се држи за договорот постигнат по напливот бегалци 2015-2016 година. Според тој договор на Анкара и се даваат четири милијарди евра помош, за одржување на бегалските кампови, додека се бара трајно, мировно решение, а турската граница кон Европа да остане затворена за нив.

Без разлика дали ЕУ ги исполнила сите свои обврски, Турција во целата оваа зделка не може да се прикажува како жртва. Таа (исто така) не се држи за договореното, пред се, затоа што продолжува да ја одржува во живот војната во Сирија, а тоа значи и постојано да прави ситуации за бегање на луѓето кон турската територија. Тие, пак, едноставно и немаат каде на друга страна да бегаат.

„Безбедносни зони“

Турскиот претседател сега ја нападна ЕУ дека не се држи за договорот, кога станува збор за т.н. безбедносни зони, внатре на територијата од Сирија.

Безбедносни експерти, меѓутоа, сметаат дека тоа е работа која Брисел никако не може да ја направи сам, без претходно да се спогодат Русија и Турција, а и Иран чии Хезболах борци го помагаат Асад, заштитувајќи ја шиитска, верска кауза, за да се создаде атмосфера на сигурност, па бегалците да почнат да се враќаат во своите домови. Работата е во тоа што мора да се запре војувањето на теренот.

За Ердоган, пак, многу е полесно да ја „отвори вратата кон Европа“ и да се заканува со „милиони бегалци“ отколку да ја повлече својата армија од сириската територија и да прифати дека Асад (засега) останува.

Но, ако веќе може да направи дилови од милијарди долари (за руската нафта и гас), или да купува офанзивно ракетно оружје од Русија, тогаш Анкара може да се спогоди со Москва и за Сирија. Отворањето на границата за бегалците и мигрантите, како и заканите кон Европа/ЕУ не и ги решаваат проблемите на Турција, заглавена во сириската граѓанска војна. За да се излезе од тие проблемите, турската страна, многу е веројатно, бара од руската страна „нешто“ што треба да и го обезбеди тоа во Дамаск.

Атина ја обвинува турската страна

Засега тоа „нешто“ го нема, па во меѓувреме, Европа треба да се соочи со заканата со „милионскиот бран“ кој (се уште) го нема.

Владата во Атина уште во текот на викендот, остро реагираше на обидот на околу десет илјади мигранти да навлезат, на сила, преку грчката граница кај Еврос. Насилните мигранти фрлале камења и користеле метални шипки во пресметката со грчките полициски сили.

Грчката страна, меѓутоа, целиот случај го објаснува како подмолен обид на Анкара, со ширење ЛАЖНИ ВЕСТИ И ДЕЗИНФОРМАЦИИ, да создаде подлабока криза и судири со посериозни последици. Официјална Атина тврди дека инцидентот кај Еврос е намерно испровоциран, затоа што на социјалните мрежи „некој“ протурил вести дека „бранот бегалци е тргнат“ и дека Грците „веќе им одобриле азил на 75 илјади мигранти кои се префрлиле преку границата“!

Станува збор за чиста измислица. Ниту има милиони, ниту се дојдени илјадници луѓе, туку може да се зборува за околу десетина илјади изманипулирани, но насилни мигранти во обидот за предизвикување судири со специјалните сили

…се вели во грчкото владино соопштение, во кое уште се соопштува дека Атина, до понатаму, прекинува со издавање азил.

Според грчката страна, со ваквото свое однесување, Турција, практично, го поттикнува шверцот на луѓе и дека го контролира движењето на мигрантите, самата претворајќи се во еден „голем шверцер на луѓе“.

Лажни вести и дезинформации

Во секој случај, не сакањето на главните „играчи“ на сириската воена сцена да се стави крај на војната, ја стави ЕУ пред уште еден предизвик со бегалците и мигрантите кои чекаат на турската територија. Аналитичари во Брисел предупредуваат дека и доколку Путин и Ердоган, нешто постигнат во средбата во четврток, а турскиот претседател одново ја затвори вратата, заканата останува.

Агенцијата на ЕУ за заштита на надворешните граници ФРОНТЕКС, во еден свој извештај до Европската комисија вели дека „ситуацијата на надворешните граници на ЕУ е значително влошена“, затоа што проценките се оти би било тешко да се запре „реката од луѓе која би се упатила кон Грција и кон Бугарија. Заклучокот од овој извештај е дека и да не се оствари заканата на границите на овие две членки на ЕУ нема да биде лесно.

Особено што интернет се користи како силно оружје за создавање хаос во бегалските и мигрантски кампови, со ширењето лажни, неточни и алармантни вести кои создаваат нервоза и на двете страни.

Веќе се јавува за судири на жителите од Лезбос со мигранти кои доаѓаат од турскиот брег во гумени чамци. Имало сцени кога гневните жители во и онака преполниот остров со бегалци, ги нападнале мигрантите, насила враќајќи ги во чамците- викајќи по нив да се вратат назад. Бродови на грчката крајбрежна стража се тврди дека пукале во водата, за да ги натераат чамците да се вратат. Засега не се јавува дека било кој во ваквите спорадични инциденти бил повреден.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе