Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бајден против демократскиот социјализам

Golden Brown/BigStock.com

Бајден против демократскиот социјализам

Американците гласаа во 14 сојузни држави, во нивниот т.н. „супер вторник“ во изборната трка на претендентите од Демократската партија за партиската номинација, за кандидатот кој ќе треба да го предизвика актуелниот претседател на САД, на изборите за Белата куќа, на почетокот од ноември.

„Супер вторникот“ традиционално е исклучително важен ден во изборниот процес затоа што меѓу овие 14 сојузни држави, се и Калифорнија и Тексас, кои даваат најмногу делегати за националната конвенција, што овој пат ќе се одржи во Милвоки од 13 до 16 јули.

Освен тоа, овие држави на САД обезбедуваат 1344 делегати за конвенцијата на партијата, од вкупно потребните 1991, па затоа се смета дека оној што ќе ги освои гласовите и ќе победи во „супер вторникот“, практично, како да ја има резервирано номинацијата за демократски претседателски кандидат.

„Кам бек“ на Бајден

Во трката влегоа Џо Бајден (77) поранешен потпретседател на САД, во администрацијата на Барак Обама, сенаторот од Вермонт Берни Сандерс (78), потоа милијардерот и екс градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг (78), сенаторката од Масачусетс Елизабет Ворен (70) и 38 годишната конгресменка Тулси Габард. Претходно од трката се повлекоа Бето О Рурк, Ејми Клобучар и Пит Бутиџиџ, сите тројца застанувајќи со поддршка зад Бајден.

На крајот, гледано според извојуваните победи по сојузните држави „супер вторникот“ му донесе триумфален „кам бек“ на Бајден.

Поранешниот човек на Обама, на почетокот делуваше изгубено, па некои дури предвидуваа дека тој ќе доживее понижувачки неуспех, уште на самиот старт од изборниот процес. Во секој поглед заостануваше зад Сандерс и неговите „полетни“ и енергични настапи пред гласачите, нетипични за возраста, ветувајќи им „револуција“ на Американците.

Бајден застана на нозе по важната победа во Јужна Каролина, со силната поддршка на афро-американските гласачи, а сегашната победа во десет сојузни држави, вклучувајќи го и Тексас, значат многу и за него, но и за натамошниот тек на трката за добивање на демократската номинација.

Неуспех на Блумберг и Ворен

Сандерс делува како да е во дефанзива. Победи во три држави, од кои едната е неговиот Вермонт. Но, на крајот, работите околу конечниот збир на делегатите, после гласањето во вторникот, сепак, може да се изменат, затоа што тој најверојатно ќе победи во Калифорнија, а тоа значи многу, бидејќи оваа држава, самата, обезбедува една третина од делегатите за номинацијата во Милвоки.

Во моментот, без калифорниските гласови, Бајден има обезбедено 525 делегати, Сандерс 455, додека Ворен само 35.

Во меѓувреме, продолжува чистењето на кандидатите, па милијардерот Блумберг по неуспехот во „супер вторникот“ иако во кампањата велат дека има вложено без малку половина милијарда долари, одлучи да се повлече од изборната трака. И тој му даде поддршка на Бајден и најави дека ќе остане зад него во натамошниот процес.

Многу е веројатно дека тоа наскоро ќе го направи и Елизабет Ворен, особено затоа што доживеа да биде уверливо поразена од Бајден на нејзиниот „терен“ во Масачусетс. Таа, пак, која идеолошки меѓу американските демократи важи за левичарка, кога ќе се повлече, најверојатно, своите обезбедени делегати ќе му ги префрли на Сандерс кој самиот е полево и од неа, а особено од Бајден.

Трка на двајца?

Доколку така се развиваат работите, тогаш се исполнува желбата на штабот на Џо Бајден, до крајот на прелиминарните избори и гласања, трката да се претвори во натпревар на двајца кандидати.

Едниот (Бајден) е умерен политичар, кој се држи до стандардите на Демократската партија за либералната демократија во американското општество и државата, главно, оние кои ги застапуваше и последната демократска администрација со Обама и со Бајден како негов потпретседател.

Во својата кампања тој нуди стабилност на вистинската демократија и враќање на САД на патеката која се движеше Америка до 2016 година. Бајден, секако, настојува да се оддели од претседателствувањето на Обама, но е против „залетување“ во стилот на другиот кандидат (Сандерс) затоа што смета дека секое револуционизирање, или нудење на социјализам, може само да му оди на рака на Доналд Трамп.

Особено што сите аналитичари предвидуваат дека битката меѓу актуелниот шеф на државата и неговиот демократски противкандидат ќе биде груба од страна на Трамп, без разлика дали со него би се натпреварувал Бајден, или Сандерс.

Две идеолошки опции

За републиканците и за самиот Трамп, изгледа, дека повеќе би им одговарал еден Сандерс, особено што ќе се пресметуваат со неговиот, за американските прилики, политички „екстремизам“.

Особено по изјавите за тоа дека Фидел Кастро, во Куба, има направено и добри работи, како и дека е време Америка да има „социјалистички систем“ како оној во Данска и во Шведска. Дури и мнозинството демократски гласачи не сакаат социјализам во САД и веруваат дека Америка не може да го копира скандинавскиот социјален, општествен и економски модел.

За Бајден, републиканците и посебно Трамп, се подготвуваат да го дисквалификуваат околу приказната за наводната корупција во Украина, за да се пресметуваат со него и со демократите за постапката за импичмент против актуелниот претседател.
Но, како и да е, засега, останува демократите прво да се определат за која идеолошка опција тие се наклонети на овие избори.

Зад Џо Бајден како умерен демократ стои и естаблишментот на Демократската партија која верува дека неговите позиции се поблиски до американските гласачи, отколку „револуционерноста“ на Берни Сандерс, а посебно недефинираниот „демократски социјализам“, критикувајќи ги и нееднаквоста во општеството и неолиберализмот.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе