Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Нетанијаху (одново) брка мнозинство

Roman Yanushevsky/BigStock.com

Нетанијаху (одново) брка мнозинство

Лидерот на израелската десничарска партија Ликуд, Бенјамин Нетанијаху (70) прогласи победа на предвремените парламентарни избори во Израел, обезбедувајќи 36 пратенички места во Кнесетот (Парламентот). Според него, станува збор за „историска победа“, но како сега стојат работите неговото мнозинство, наспроти лево-центристичката Сино-бела алијанса која има обезбедено 32 пратеници, нема да му биде доволно за да формира влада.

Израелците гласаа на трети по ред (предвремени) избори за помалку од една година- откако изборите во април и во септември 2019 година, повеќе или помалку дадоа резултат кој е истоветен или близок до оној постигнат овој пат, што за Нетанијаху има „историски“ димензии.

И по два пати избори – без влада

На изборите минатата пролет, тој имаше две пратенички места повеќе, пред својот главен противник Бенјамин-Бени-Ганц и неговите сино-бели. Со традиционалните сојузници – ултра ортодоксните религиозни партии – тој тогаш дојде до сигурни 60 пратеници во Кнесетот кој има 120 пратенички места. Сепак, не можеше да создаде влада, за само еден пратеник помалку. Не сакаше да предводи малцинска влада, па без да го врати мандатот, се определи за нови избори- за есента минатата година.

На есенските избори, работите се изменија, овој пат повеќе пратенички места (само две) имаа Бени Ганц и неговата алијанса. Но, ниту тој, а ниту Нетанијаху во долгите политички преговори, не успеаја да формираат влада – било на десницата, било на левицата. А, не успеаја ниту обидите на шефот на државата да ги натера двете главни партии да се создаде голема коалиција и земјата да излезе од долгата политичка криза.

Преговорите пропаднаа затоа што „Биби“ Нетанијаху и Бени не можеа да се согласат околу тоа кој да биде новиот премиер. Нетанијаху инстира таа функција да ја има само тој, додека Ганц вели дека не може да има голема коалиција со актуелниот лидер на Ликуд како премиер. Прво, затоа што го има претворено Израел во „заробена држава“ во која се почнува и се завршува со него и второ, затоа што е обвинет за корупција.

Поддршка од САД

Третите избори, на почетокот од оваа недела, како што се гледа од резултатите- одново- не донесоа никаква разврска.

Овој пат, одново, Нетанијаху е во предност пред Ганц и неговата алијанса. Се смета дека за промената во определувањето на гласачите, најмногу заслуга има силната поддршка на САД и посебно на претседателот Доналд Трамп.

Во екот на подготовките за овие избори, во јануари, Вашингтон го промовираше својот нов план за мир меѓу Израел и Палестинците. Иако тој беше отфрлен од Арапите и од Палестинците, подржувајќи „тврда линија“ за мировното решение, му помага на досегашниот израелски премиер да ја зацврсти својата позиција кај Израелците, а пред се, кај десницата и меѓу доселениците, дека само тој може да и обезбеди на државата сигурност и безбедност.

Токму на таа линија Нетанијаху ја има водено својата изборна кампања, обвинувајќи ги Ганц и левицата дека не може да гарантираат безбедност за земјата доколку зависат од гласовите на арапските партии кои после секои избори, бележат постојан подем и стануваат значаен политички фактор во државата.

Одново пат позиција?

Постизборната математика, меѓутоа, покажува дека и по третите избори, на „вечниот“ израелски премиер кој по секоја цена сака да добие и пети по ред мандат, му фалат тројца пратеници за да стигне до магичната бројка од 61 пратеници.

Неговите 36 пратеници и 22 од блокот религиозни и ултра ортодоксни партии не му се доволни на Нетанијаху. Работите веднаш би се средиле доколку на неговата страна би се нашла и партијата Израел Бејтану, со нејзините седум пратеници. Но нејзиниот лидер Авигдор Либерман останува на позициите од после претходните две гласања- не влегува во сојуз со религиозните и ортодоксните партии. А без нив, „Биби“ нема влада.

На другата страна, работите исто така се нејасни. Практично, ниту Ганц нема некој голем маневарски простор. И нему му недостасува Либерман со своите седуммина пратеници, во една широка коалиција на која и се потребни и гласовите на арапските партии кои сега станаа група од 15 пратеници – најмногу откако постои Израел.

„Биби“ купува пратеници

Според израелските медиуми, Ликуд и Нетанијаху сега трагаат по тоа да „купат“ барем тројца пратеници од противничкиот табор. Десницата тврди дека се преговара со шестмина, без да се спомене за кого станува збор.

Ако тоа не помине, а Либерман остане доследен, Нетанијаху ќе треба да управува со малцинска влада, за што на два пати претходно, тој не се согласи. Доколку пак не помине ниту идејата за една голема коалиција на десниот и левиот центар, тогаш Израел ќе мора на четврти по ред избори.

Во сите овие варијанти останува да се види што ќе биде со процесот за корупција против Бенјамин „Биби“ Нетанијаху, што треба да почне на 17 март.

Тој во политичката историја на Израел веќе е влезен како политичар со најдолг стаж како премиер, но и како првиот кој бил формално обвинет за сторени кривични дела додека бил на функцијата.

(Е.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе