Косово: Размена територии без формално признавање?
Престојот на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и на косовскиот претседател Хашим Тачи во Вашингтон и нивните разговори во Белата куќа, иако без средби со високи американски функционери, туку со Ричард Гренел и неговите луѓе, сепак, не треба да се окарактеризираат како „технички“ или само како знак на Белград и на Приштина за целосниот респект што го имаат кон настојувањето на домаќините да покажат дека се посветени на постигнување решение.
Иако во Белград, Вучиќ беше критикуван што отишол во САД за да има средби на „ниско ниво, недостојно за неговата функција“, а Тачи беше потсетуван дека не може да прави дилови без владата, обајцата политичари прифатија дека разговорите во американскиот главен град, сепак, се знак за постепено одмрзнување на целосниот застој во српско-косовскиот дијалог, без разлика што укинувањето на таксите е (само) најавено за 15 март.
Разговори, сепак, имало
Од средбата остана за јавноста само една заедничка фотографија која ја покажува „замрзнатата атмосфера“ во која се разговарало. Вучиќ по враќањето, во својот стил со намера да остави впечаток кај „патриотската“ јавност во својата држава има речено дека ништо не било договорено и дека ништо не било постигнато.
Студеното објаснување, всушност, претставува реакција на по оптимистичката изјава на Тачи, иако ниту тој нема речено ништо прецизно, а уште помалку дека за нешто бил постигна согласност.
Меѓутоа, зад ваквиот приказ за јавноста, изгледа дека има нешто сосема друго. А тоа е дека во Вашингтон, сепак, се разговарало и тоа за многу важни работи. Пред се, за основното прашање, а тоа е – ПРИЗНАВАЊЕТО на Косово и како и на кој начин тоа да се изведе, за да двете страни бидат задоволени.
Според британскиот публицист и новинар Тим Џуда кој важи за добар познавач на Балканот, идејата која се нашла на масата била – Србија да не мора (формално) да ја признае новата држава Косово, но во исто време и да не ја попречува косовската меѓународна афирмација, како што е членството во ОН.
Пазарлак на Белград и Приштина
Џуда уште тврди дека Вучиќ и Тачи во Вашингтон разговарале и за РАЗМЕНА НА ТЕРИТОРИИ.
При тоа, станало збор за варијантата – двете страни да разменат територии, но Србија да нема обврска да го признава Косово, но Белград, повеќе да не го попречува влегувањето и зачленувањето на новата балканска држава во меѓународните тела и организации. Тоа, де- факто би претставувало признавање.
Во една ваква варијанта, двете страни би биле задоволени за она што до сега го бараа- Косово да влезе во меѓународните организации и практично да го постигне најважното – целосен меѓународен легитимитет.
Со оваа варијанта, не се предвидува она што го бараат и го заговараат косовските политичари- двете соседни земји, меѓусебно да се признаат.
Но, српската страна би морала да ги тргне сите блокади и секако, да престане да притиска низ светот (со или без помош на Русија и Кина) некои земји да го повлечат признанието на Косово, а другите тоа воопшто да не го сторат.
Србија, од своја страна, би го постигнала она што единствено и останува да го постигне – да не мора некогашната југословенска (и српска) покраина, формално да ја признае како независна држава, а и дека ќе го исполни замисленото – во овој пазарлак да добие нешто- а тоа е северниот дел на Косово и половината од Митровица, онака како што градот сега е поделен, на српски север и албански југ.
Тачи е „слабата точка“
Ако ова што го открива Британецот Тим Џуда е точно, тогаш Вучиќ не би требало да биде онака одбоен кон иницијативите кои биле ставени на масата во Белата куќа. Разбирливо е дека во време, на еден ипол месец пред избори, тој не сака да оди со косовското прашање толку далеку за да навести скоро решение.
Едноставно, тој не е човек кој сака да губи Конечно, пред извесно време, како што Скопје/Глобал и пишуваше, тој отфрли еден план за кој рече дека ќе биде најдоброто што може да се добие, но дека тој нема да го прифати.
Тачи, пак, е пред крајот на својот мандат и со сите сили настојува да истурка решение кое би му овозможило да остане запаметен кај косовските Албанци дека го затворил спорот и овозможил меѓународно признание на Косово.
Освен тоа, и сега, иако се уште е претседател, тој практично нема никаква власт и не може да истурка прифаќање на некое решение, или нешто за што би можел да се спогоди со Вучиќ (или со некој друг во Белград).
Затоа, Џуда смета дека слабата точка во разговорите во Вашингтон е Хашим Тачи. „Американците се прават дека тој (Тачи) и натаму е некаков фактор во косовската политика. Но не е“ – смета британскиот експерт.
Цртање нови граници?
Во целата оваа „прошетка“ до американскиот главен град станува јасно дека на масата за разговори (преговори) веќе се става размената на териториите, колку и тоа, до скоро, да се сметаше дека било само „идеја за размислување“.
Впрочем, тоа пред две недели го навести и Метју Палмер, специјалниот пратеник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, кога не ја отфрли можноста- размената на териториите- да биде дел од решавањето на косовското прашање.
Останува уште рускиот фактор- односно, како би реагирала Москва доколку Белград се согласи со варијантите кои се разгледувале во Вашингтон, за тоа, Србија да изврши размена на територии, формално да не го признае независно Косово, а оваа држава да ја стекне својата меѓународна афирмација и целосна сувереност, со тоа што Белград нема да им прави блокади на Косовците.
Американската страна (Гренел) е оптимистички настроена. Се смета дека во една таква ситуација, „Русите не би се правеле поголеми Срби од самите Срби“ и (со Кина) не би ставиле вето на влезот на Косово во ОН.
(Д.Б.)