Хари и Меган поздравени со овации
Војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, во саботата вечерта, беа поздравени со овации и со долготраен аплауз , во лондонскиот Ројал Алберт Хол. Брачната двојка допатува минатата недела од Канада, каде планираат главно да живеат, во Британија, за да ги извршат своите последни кралски обврски, пред целосното повлекување, што самите го најавија на почетокот од оваа година.
Обајцата беа топло пречекани додека влегуваа во салата и додека ги заземаа своите места во свечената кралска ложа во Алберт Хол, за да го следат Маунтбатен музичкиот фестивал.
Хари бил облечен во свечена униформа на кралски морнарички офицер, затоа што до сега тој го имал патронството врз овој фестивал. Станува збор за фестивал на воени оркестри што овој пат се одржува по повод 75 годишнината од крајот на Втората светска војна и 80 годишнината од создавањето на единицата на британските командоси.
Присуството на фестивалот и на уште неколку други настани кои се под патронат на кралското семејство, се последните на кои Хари и Меган се појавуваат како претставници на кралицата Елизабета и на кралското семејство.
Конечното повлекување од сите вакви кралски обврски ќе се изврши на 31 март, но се смета дека во ваквата улога принцот и неговата сопруга последен пат во јавноста ќе се појават во понеделник, кога заедно со другите членови од кралското семејство ќе присуствуваат во Вестминстер Аби, на црковната миса, по повод денот на Комонвелтот.