Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Закана од санкции за Србија?

© icholakov

Закана од санкции за Србија?

Официјален Белград, преку соопштение на американската амбасада во главниот град на Република Србија, е предупреден дека би можел да се соочи и со санкции од САД, доколку земјата не престане со купувањето и набавката на разно оружје од Русија – тврдат дел од белградските медиуми.

Амбасадата уште еднаш изразила загриженост од продолжувањето да се набавува руско оружје и ги повикало српските власти да престанат со ваквите трансакции, за кои би можеле да заработат и санкции.

Србија со „Панцир“

„Ги повикуваме сите наши сојузници и партнери да се откажат од трговските зделки со Русија, затоа што врз нив би можело да се променат санкциите, врз основа на американскиот закон за спротивставување на американските противници.

САД досега на неколку пати изразија загриженост поради набавките на руска воена опрема за Србија, вклучувајќи го тука и купувањето на ракетниот систем „Панцир-С„ – се вели во изјавата на амбасадата на САД во Белград.

Според оваа изјава, американската страна тврди дека САД и Русија имаат „многу различни визии за иднината на Западен Балкан“.

Од една страна е Вашингтон, кој го подржува европскиот пат на Србија и нејзиното членство во ЕУ. Москва, меѓутоа, силно и активно се спротивставува на западната интеграција на регионот и со сите сили се труди да спречи да се решат и надминат етничките тензии.

Целта на Русија е да се маргинализираат САД и ЕУ, како и да се попречат државите од Западен Балкан да ја следат својата независна ориентација- се вели во изјавата на американската дипломатска мисија.

„Неутралност“ на Белград

Вака остро интонираната изјава доаѓа после испораката на двата, од вкупно шесте купени против-воздушни ракетни системи од типот „Панцер“. Србија упорно се брани дека тие не се насочени спрема никого и дека станува збор за дефанзивно оружје, кое српската армија би требало да го употреби за одбраната на земјата.

Но, и Брисел и Вашингтон не мислат така, па на неколку пати до сега, ја изразуваа својата загриженост, а посебно трупањето руско, но и друго оружје го отвора и прашањето со кого тоа Србија мисли да војува и од кого би се бранела, доколку биде нападната.

Од сите страни, освен од БиХ, таа е опкружена со земји- членки на НАТО кои со зачленувањето стануваат дел од колективната безбедност, врз која се потпира Алијансата.

Во Белград и натаму се инсистира на одржување на политика на некаква „неутралност“ кога станува збор за воено-политичките сојузи, но Србија иако води преговори со ЕУ за членство во Унијата, има соопштено дека Русија е нејзиниот стратешки партнер.

Во исто време, настојувајќи да ја одржи „неутралноста“ Белград има и договор за соработка со НАТО, колку и да е таа соработка маргинална и продолжува да инсистира оти земјата никогаш нема да биде дел од Алијансата.

Трка во вооружување?

Тогаш, кој и се заканува на Србија и со кого таа би војувала, кога на Истокот нема непријатели, а на Западот и југот се држави од поранешна Југославија, со кои самиот Белград тврди дека нема непријателски односи.

Некои белградски воени експерти проценуваат дека какво и да оружјето за кое (само за Панцирите има платено 90 милиони евра) троши пари, би било сосема погрешно доколку тоа значи само за домашни, внатрешно-политички и пропагандни потреби. Уште повеќе што според договорите со Москва, сето набавено оружје ќе мора да се сервисира во Русија, од каде и ќе се купуваат сите резервни делови.

Тоа ја прави земјата уште по зависна и повеќе врзана за Русија. Од друга страна, се смета дека би била голема грешка доколку Србија е во некаква трка во вооружување со Хрватска и дека сето ова е со таква намера.

Силната набавка на руско оружје беше критикувана од Питер Стано, портпаролот на високиот советник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Јосеп Борел. Тој има речено дека Брисел очекува Србија да се држи за своите обврски (кон Унијата) и да се однесува во склад со тие обврски.

„Две столчиња“

Стано во таа прилика, практично, на Белград му порача дека не може бесконечно да седи на „две столчиња “ забележувајќи дека Белград, конечно, ќе треба да ја усогласи својата надворешна политика, со онаа на ЕУ, што е составен дел од преговарачкиот процес.

„Владата во Белград, интеграцијата во ЕУ ја има означено како стратешки приоритет на државата. Ние (ЕУ) очекуваме Србија да се однесува во склад со обврските кои ги има преземено“ – рекол Питер Стано.

За можноста од воведување санкции од САД, неодамна, за прв пат зборуваше и Метју Палмер, специјален советник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, најмногу поради засиленото вооружување на Србија со разно руско оружје.

Колку што се знае, Белград до сега има, на старо купени, шест Мигови-29, а очекува и од Белорусија, каде се на ремонт. Има набавено оклопни транспортери, очекува тенкови од типот „Т-72“, а од Москва има примено, како подарок, резервни делови за оклопни транспортери.

Словенско братство

Конечно, неодамна Србија учествуваше со Русија на заедничката воена вежба „Словенско братство“. Има од 2013 година договор за воена соработка со Русија, а од октомври 2019 година земјата е дел од економско-политичката група Евроазија, што ја предводи и контролира Москва и која е замислена да биде пандан на ЕУ.

Сето тоа се прави во време кога Русија е под санкции од ЕУ, поради анексијата на Крим во март 2014 година и воената интервенција во Источна Украина, пролета истата таа година. Официјален Белград и натаму повторува дека нема да се воведат санкции кон Русија, додека поранешниот руски амбасадор во Србија има речено дека оној премиер кој би вовел санкции на Русија, веднаш би останал без функцијата!

Заканата од САД за можни санкции, останаа овој пат без директен коментар на српскиот претседател, но неговиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ има речено дека „нема ништо тајно во врските со Москва“.

Министерот за одбрана Александар Вулин, пак, во негов стил, на критиките и заканите рекол дека Србија не е колонија, па дека затоа сама одлучува од купува оружје. Меѓутоа, тие на кои, наводно, Белград сака да им се приклучи, не мислат како овој српски министер.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе