Либан пред банкротство
Либанската влада соопшти дека не може да ги плаќа девизните долгови и дека државата не ќе може да плати 1,2 милијарди долари од еврообврзниците кои доспеваат во понеделник (9 март).
Ова е прв пат оваа држава, некогаш позната како Швајцарија на Блискиот Исток, да објави дека се наоѓа во длабока економска и финансиска криза и дека не може да ги исплаќа своите долгови.
Премиерот Хасан Диаб кој е на функцијата само шест недели, призна дека девизните резерви на земјата се на критично ниво, па затоа, наместо за плаќање на доспеаните долгови, тие пари ќе се користат за задоволување на основните потреби на Либанците.
Вкупниот долг на оваа мала држава, сместена меѓу Израел и Сирија и Медитеранот, изнесува 90 милијарди долари, што е еднакво на 170 отсто од Бруто националниот производ (БНП).
Тоа го прави Либан еден од најзадолжените земји во светот. За исплата на долговите, заедно со каматите, земјата оваа година би требало да плати 4,6 милијарди долари, што по признанието на премиерот Даиб, сега изгледа невозможно.
Проблемите на Либан се усложнуваат и со тоа што вредноста на домашната валута е намалена за 40 отсто во минатата година, што е последица и на долгите и масовни улични протести, кои траеја неколку месеци, како и од политичката криза која ја зафати земјата се до изборот на сегашната влада.
Владата на Даиб објави дека Либан во овие услови не може да го сервисира својот долг и бара негово реструктуирање.
Економски и политички експерти проценуваат дека земјата која некогаш ги помагаше другите арапски земји околу себе, сега е на работ од финансиски колапс.
Доколку кризата продолжи да се продлабочува, а граѓаните не би можеле да ги користат своите штедни влогови, сместени во домашните банки, економско-финансиската криза ќе прерасне во политичка и безбедносна.
Според овие експерти, таквиот развој на настаните би можел да предизвика дестабилизација на Либан, која би била најголема по граѓанската војна која траеше од 1975 до 1990 година.