Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Британскиот заменик министер за здравство со COVID-19!

© denisismagilov

Британскиот заменик министер за здравство со COVID-19!

Британскиот заменик министер за здравство, Надин Дорис е заразена со коронавирусот, соопштија лондонските медиуми.

Откако се почувствувала болна, таа се јавила да се испита дали станува збор за обичен грип, или пак, за вирусот со кој е заразена целата планета. Утврдено е дека е позитивна на овој вирус и е ставена во самоизолација.

Засега не се знае каква е здравствената состојба на министерот за здравство, Мат Хенкок со кого заболената Дорис, по природата на работата секојдневно контактирала.

Таа е првиот пратеник на британскиот Парламент која е заразена со коронавирусот.

Бројот на заболените во Британија забрзано расте и во вторникот, здравствените власти соопштија дека досега има 382 заболени и шестмина починати пациенти. Владата, меѓутоа, предупредува дека „многу е веројатно дека бројот на новозаболените забрзано ќе се искачува“.

Медиумите како и властите, засега, се трудат да спречат создавање панична атмосфера, каква што се смета дека е создадена во Италија, но владини извори откриваат дека сите со „обичен“ грип, како и оние кои се позитивни на тестот за коронавирусот, во блага форма, наместо во болници ќе бидат натерани да останат во самоизолација, до 14 денови.

Надин Дорис, меѓутоа, во четвртокот била на прием во Даунинг стрит 10, во службената резиденција на британскиот премиер.

Таму Дорис се има сретнато, разговарано и ракувано со многу од гостите, па сега забрзано се трага за да се утврди со кого заразената заменичка министерка имала контакти.

Освен тоа, таа во текот на минатата недела била на неколку седници во Парламентот во Лондон, на кои природно, имала средби и контакти со низа пратеници и вработени во зградата во Вестминстер.

Некои од пратениците веќе побарале да се тестираат сите со кои Надин Дорис имала контакти.

Универзитетите во САД сугерираат он-лајн студии

Американските Универзитети, меѓу кои и Харвард, Принстон, Колумбија и Беркли, ги повикаа студентите предавањата да ги следат он-лајн, особено што многу предавања се делумно, или целосно прекинати поради коронавирусот.

За разлика од Италија и Јапонија, на пример, каде сите училишта и универзитети се затворени, во САД училиштата, засега, остануваат отворени. Затворени се повеќето од Универзитетите во САД, главно приватните, кои и онака за тоа самите донесуваат одлука.

Околу 40 Универзитети објавиле дека ќе префрлат на одржување виртуелни предавања. Во САД до сега се регистрирани 804 заразени лица. Од вирусот се починати 29 пациенти.

Според медиумски сознанија, Универзитетот Харвард ќе се префрли на он-лајн предавања од 23 март, кога завршува пролетниот распуст на студентите. Овој Универзитет побарал од студентите да не се враќаат од распустот, туку предавањата да продолжат да ги следат преку он-лајн.

Франција: 98 отсто од заболените од вирусот оздравуваат

Француските здравствени власти тврдат дека најголемиот број од заразените пациенти од коронавирусот, оздравуваат и од болниците заминуваат излекувани, сугерирајќи на тој начин, јавноста во Франција да не се зафати со паника.

Во овој момент, меѓутоа, заразата која во земјата се рашири, прво од Кина, од луѓе кои беа допатувале од оваа земја, а потоа доби на интензитет, откако италијанскиот Север се претвори во европски Вухан, кинескиот град што се означува како епицентарот на глобалната зараза, и натаму продолжува да се шири.

До вторникот (10 март) во Франција се регистрирани 18оо заразени, но загрижува тоа што во последните 24 часа бројот на заразените се зголемил за 372 лица.
Според тамошните власти, од заболените 86 се третираат како сериозни случаи. Досега од вирусот починале 33 пациенти, но лекарите објаснуваат дека најголемиот број од нив се возрасни лица- дури 23 биле постари од 75 години.

Франција е засега единствената земја во ЕУ каде меѓу заразените е и еден министер – министерот за култура.

Австрија забрани влез за патници од Италија

Австриската влада забрани влез на сите патници на територијата на Австрија кои доаѓаат од Италија, доколку со себе немаат здравствена потврда. Ваквата мерка е донесена во настојувањето да се спречи ширењето на коронавирусот, што на европскиот континент се рашири од луѓе кои доаѓаат од Италија.

Канцеларот Себастијан Курц изјави дека Австријанците кои се враќаат од Италија, ќе мораат да поминат две недели во самоизолација.

Во Австрија досега се регистрирани 158 случи на заразени со овој вирус. Во Италија, меѓутоа, ситуацијата е далеку потешка. Во вторникот вечерта, италијанските здравствени власти соопштиле дека над 10 илјади лица се заразени, а дека до сега се починати 631 пациенти.

Меѓу двете земји, главниот граничен премин е во реонот на Тирол, област која после Првата светска војна е поделена меѓу Австрија, која го има северот и Италија која го држи Јужен Тирол, што Италијанците го нарекуваат Алто Адиџе.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе