Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Алекс Салмонд го судат за силување

wfpa/BigStock.com

Алекс Салмонд го судат за силување

Поранешниот шкотски прв министер и екс лидер на Шкотската национална партија (СНП) Алекс Салмонд е изведен на судење, обвинет за сексуални насилства.

Тој се обвинува дека има извршено серија сексуални напади (!) врз десет жени – сите дел од шкотската државна администрација – во времето додека ја предводеше локалната влада во Единбург.

Тој ги отфрла сите обвинувања, но обвинителството во Шкотска го товари за дури 14 кривични дела, меѓу кои и за обид за силување, напад со намера да се изврши силување, како и десет други дела поврзани со сексуално насилство.

Напад и во службената резиденција

Според обвинувањето, сите кривични дела биле извршени додека Салмонд беше прв министер. Сите се случувале на разни локации во Шкотска, во периодот меѓу јуни 2008 и ноември 2014 година, вклучувајќи ја и службената резиденција на првиот министер во Единбург, потоа во еден клуб, како и во еден ресторан.

Доколку биде прогласен за виновен, по било кое од кривичните дела кои му се ставаат на товар, според шкотските закон казната ќе ја определи судијата во процесот. Се очекува судењето да трае еден месец, а вината ќе ја определи порота составена од 15 членови. Во Шкотска не се бара пресудата да е едногласна, туку е доволно за неа да се изјаснат осуммина од поротниците.

Една од жените кои биле нападнати и која се појавила на судењето за да даде исказ, детално објаснувала за случувањето. „Врескав и со целата сила што ја имав се обидував да се ослободам од него (Салмонд) кој разголен се нафрли врз мене“- изјавила на судењето жената чиј идентитет не се открива.

Страв од моќниот политичар

Медиумите во Единбург не смеат да го откриваат идентитетот ниту да даваат податоци за неа кои би можеле да ја идентификуваат, освен што се вели дека таа во тоа време била функционер во администрацијата во Шкотска. Таа го обвинува екс првиот министер дека на два пати се обидувал да ја силува.

Во текот на сведочењето, таа рекла дека после она што и се случило немала храброст да го пријави насилството, било во Парламентот, било на полицијата.

„Во тоа време тој беше исклучително моќен како прв министер и партиски лидер. Тогаш никој не можеше да му се спротивстави во шкотската јавност, кај која уживаше голема популарност и имаше голема поддршка“ – рекла нападнатата жена.

Таа зборувала дека доколку би го пријавила Салмонд во времето кога ја нападнал, би ризикувала да биде ставена на „столбот на срамот“ и таа да излезе како виновникот.

„Го сменив своето мислење по појавувањето на движењето на жените „MeToo“ кои како и мене биле жртви на насилството за кое морале да молчат, а особено откако гледав како се развива случајот околу холивудскиот продуцент Харви Вајнстајн“- објаснила жената – жртва на насилството на шкотскиот политичар.

Дното на кариерата

И двете жени кои досега се појавиле во судот, рекле дека прво за инцидентите разговарале (во голема доверба) со функционери на СНП во шкотскиот Парламент, а дури потоа случаите ги пријавиле во полицијата.

Како и да заврши процесот, Салмонд во својата долга и до оставката успешна политичка кариера, стигна до нејзиното дно, соочувајќи се со ризикот да заврши и во затвор, доколку биде осуден.

Некогашниот „патриот“ силен шкотски националист и моќен поборник за отцепување на Шкотска од Обединетото кралство, сепак, ќе остена запаметен како политичарот кој успеал малата, маргинална сепаратистичка партија СНП, да ја доведе до врвот на шкотската политика.

Половина век во Шкотска доминираше лабуристичката партија, се до изборите во 2007 година кога за прв пат, СНП се искачи да биде првата партија во локалната политика, иако само со еден пратеник повеќе од лабуристите.

Од тогаш, оваа националистичка, но идеолошки левичарска партија, остана да управува со шкотската политика, која традиционално е левичарска, затоа што и мнозинството од гласачите се така определени.

Политичар и насилник

Во 2014 година тој и СНП успеаја да издејствуваат и референдум за независност, што за малку не го добија- мнозинството Шкотланѓани, сепак, повеќе ја сакаа удобноста што им ја пружа унијата со Британија (повеќе од три века) отколку неизвесноста што би можело да ја донесе отцепувањето – во тоа време, од пред шест години. Салмонд и неговите, одеа во Брисел и бараа поддршка од ЕУ за „независна“ Шкотска. Дури бараа и прием во Унијата по забрзана постапка, сугерирајќи подготвеност за влез и во еврозоната.

Не добија поддршка од Брисел, а по поразот на референдумот тој поднесе оставка на сите свои функции. Како сега стојат работите, Шкотска по Брегзит, одново се подготвува за нов референдум за отцепување. Таа работа сега ја турка неговата наследничка и на двете функции – Никола Старџен – која би можела да се појави и како сведок на судскиот процес против нејзиниот некогашен прв министер и партиски лидер.

Жените кои го обвинуваат Алекс Салмонд, меѓутоа, не ги интересира политиката во која и самите некогаш биле вклучени. Тие сега настојуваат да ја уверат домашната јавност дека некогашниот голем шкотски „патриот“ и лидер-популист, во основа, бил сексуален насилник и престапник и дека треба да одговара за тоа.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе