Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Црна Гора единствена во Европа без коронавирус

melis/BigStock.com

Црна Гора единствена во Европа без коронавирус

Додека цела Европа е во блокада, а Италија е претворена во европски Вухан, секој ден броејќи ги мртвите од коронавирусот, ЦрнаГора продолжува да биде единствената европска држава во која до сега нема заразени од овој вирус.

Во соопштението на црногорскиот Институт за јавно здравје се вели дека во државата нема регистрирано ниту еден случај. Директорот на Институтот за локалните медиуми рекол дека „сите досега тестирани лица биле негативни“. Тестови биле направени врз 88 лица, за кои постоеле сомнежи дека би можеле да бидат заразени, затоа што покажувале некои од симптомите кои се врзуваат за вирусот. И сите биле негативни.

Под санитарен надзор, меѓутоа, се ставени 1068 лица, сите дојденци од земјите и подрачјата на кои опасниот вирус, кој досега низ светот однесе над седум илјади човечки животи, е широко распространет.

Црна Гора, на тој начин, останува как0 мал феномен во регионот, а особено на континентот кој инаку никако не може да го запре ширењето на коронавирусот, плаќајќи висока цена со висока растечката смртност, но и со економскиот пад што може да заврши со тешка рецесија.

СЗО – Преку тестирањето може да се откријат заразените

Светската здравствена организација (СЗО) повика на ограничување на контактирањето и општењето меѓу луѓето, означувајќи го тоа како силно оружје во борбата на светот со коронавирусот, па од тој аспект ги одобрува и подржува мерките на државите кои одат во ваквата насока.

Но, СЗО смета дека е многу е важно да се врши и интензивно тестирање на луѓето, сомнителни за вирусот, како и на сите други, затоа што само на тој начин ќе се откриваат заразените, а така ќе може да се има контрола и врз ширењето на заразата. “ Не може да се запре оваа пандемија, ако не се знае кои се заразени“- рекол генералниот директор на СЗО Тедрос Гебрејесус, инсистирајќи здравствените власти во државите да ги тестираат сите кои би можеле да бидат заразени.

Над 180 илјади луѓе во светот- најмногу во Кина, а сега во Европа- до сега се регистрирани како заразени со овој вирус. До правењето на овој текст, над седум илјади ја загубија битката со него, починаа од болеста Ковид-19.

Швајцарија воведе вонредна состојба

Владата на Швајцарија прогласи вонредна состојба во земјата, како дополнителна мерка во борбата со смртоносниот вирус.

Ваквата состојба е привремена и ќе биде во сила до 19 април. Со неа се затвораат сите угостителски објекти и се откажуваат сите спортски и забавни настани, а како што е тоа низ најголемиот број европски држави, следните триесетина денови ќе работат само продавниците за храна и аптеките.

Претседателот на Швајцарската конфедерација Симонета Сомаруга изјави дека станува збор за мерка со која треба да се запре ширењето на опасниот вирус. Таа побарала од Швајцарците стриктно да се придржуваат на воспоставените нови правила.
Околу осум илјади војници ќе бидат вклучени како припомош на болниците и другите здравствени установи, а најавено е дека ако затреба војската ќе и помага и на полицијата во безбедносните операции.

Во Швајцарија досега се регистрирани над 2400 заразени лица, а 20 се починати.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе