Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

ЕУ ги затвора своите граници

© Rawf8

ЕУ ги затвора своите граници

Лидерите на земјите од ЕУ на „самитот“ одржан, вонредно, преку видео врска, се согласија да се затворат надворешните граници на Унијата. Тоа значи, да се забрани влезот на територијата на ЕУ за сите државјани на трети држави, кои се надвор од Унијата.

Целта на оваа драстична мерка која ја предложи Европската комисија во Брисел, е здравствено-санитарна, да се спречи натамошното ширење на коронавирусот и да се запре заразата, која ја има ставено под опсада цела Европа, убивајќи луѓе и заканувајќи се со колапс на економијата.

Особено што сите до сега преземени мерки не даваат резултат, или барем сето тоа се одвива мошне забавено – чекајќи го „пикот“ на вирусот.

Најголем непријател

Надворешните граници на ЕУ се затвораат за 30 денови, а во исто време, од земјите членки се бара да уредат брзи сообраќајни ленти на нивните внатрешни, меѓусебни граници, за многу побрзо минување на транспортите со разни стоки.

„ Доколку затребаат уште нови мерки, ние сме подготвени и за тоа“ – изјавила во Брисел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, објаснувајќи дека Унијата во овој момент нема друг непријател, освен коронавирусот.

Во образложението на оваа мерка, Фон дер Лајен рекла дека овие ограничувања не се однесуваат на неевропските државјани кои уредно и легално работат во ЕУ, на нивните семејства и на државјаните на Унијата кои се враќаат во своите држави-членки, бегајќи поради вирусот од земјите каде биле испратени на работа, или каде едноставно престојувале.

Мерката на Европската комисија, освен за да се запре вирусот има за цел и да ги урне сегашните, веќе направени во изминатите недели, подигнати бариери меѓу самите земји-членки, кои ги носеа нивните влади во настојувањето да го заштитат своето население.

Уривање на внатрешните бариери во ЕУ

Се смета дека уривањето на меѓусебните блокади на некогашните граници, во земјите од Шенген зоната, што предизвика одново, како некогаш, да се испарцелизира европскиот континент, е исто толку важна колку и формално првичната-борбата со вирусот. Уривањето на подигнатите внатрешни бариери, нема само политичко значење, затоа што отвореноста на европскиот простор е основната суштина на која се потпира ЕУ, туку и од многу практични причини- во одржувањето на трговско-економската комуникација во рамките на Унијата.

Ваква слична мерка донесе САД, забранувајќи влез на американска територија на државјаните од земјите во Шенген зоната, плус Британија и Република Ирска, но како сега стојат работите тоа ниту малку не помогна за да се намали интензитетот на пандемијата со коронавирусот. Бројот на заразените и на починатите во САД секој ден, постојано расте.

Тоа е она на што и Светската здравствена организација (СЗО) постојано укажува – а тоа е дека затворањето на границите не е лекот против вирусот и против Ковид-19.

СЗО на 11 март прогласи глобална пандемија. Досега, на глобално ниво, без малку осум илјади лица починаа од последиците на вирусот, а со него се заразени над 180 илјади лица, во вкупно 160 држави на сите континенти. Далеку најмногу, во Кина.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе