Џихадистите советувани да „бегаат од Европа“!?
Водството на џихадистичката Исламска држава (ИД) се има огласено по повод епидемијата од коронавирусот во Европа, повикувајќи ги своите терористи да бегаат од Стариот континент, а оние кои веќе се таму, да се прикријат и да го чуваат своето здравје (!?) – јавуваат некои европски агенции.
Откако во низа европски држави изведоа терористички напади во името на божемните религиозни норми, посебно „казнувајќи“ ги Франција и Британија, како и Шпанија, Белгија и Скандинавија, убивајќи стотици невини луѓе, ИД се загрижила за своите терористи, кога се дознало за забраните за патување низ континентот и за забраната за влегување во без малку сите европски држави.
Во билтенот на ИД на интернет, на кој се повикуваат агенциите, на џихадистите разбегани низ Европа и по светот, после ликвидацијата на нивниот лидер, во Сирија им се препорачува да не влегуваат во Европа, за да не се заразат и така да бидат откриени. Оние пак за кои се претпоставува дека се кријат низ европскиот континент, како и на симпатизерите на џихадистите и на ИД во Западна Европа, им се делат совети- да бидат внимателни со епидемијата за да не се разболат – да ги мијат рацете и да кашлаат само во марамчиња од хартија!
Пораката во билтенот, секако, има повеќе пропагандна цел. Прво, треба да се покаже дека ИД е се уште жива, иако обезглавена, а потоа, да се прати посредно и некаква закана – дека кога ќе помине заразата со коронавирусот – терористичкото друштво одново ќе се собере.