Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Италија ги надмина Вухан и Кина!

artjazz/BigStock.com

Италија ги надмина Вухан и Кина!

Не така одамна, пред само десетина денови, Скопје/Глобал објави дека северот на Италија, а пред се, провинцијата Ломбардија, наликуваат како кинескиот град Вухан, кој останува обележен како епицентарот на незапирливиот и смртоносен коронавирус, откако овој развиен и богат дел на италијански крај, беше ставен под специјални мерки, а потоа и во карантин.

Сега, после овој релативно кус период, можеме да констатираме дека работите станаа многу пострашни и од најцрните очекувања, па северот на Италија, како и целата држава ги надминаа Вухан, тамошната провинција Хубеј и Кина, според бројот на починатите лица, заразени од болеста Ковид-19.

И во последните 24 часови, до четвртокот (19 март) бројот на починатите во Италија продолжи да расте, додавајќи му билтенот на смртта уште 427 лица, што значи дека според последните официјални податоци, бројот на италијанските жртви од глобалната пандемија- до сега – изнесува 3405 лица. Во ова исто време, Кина застана на 3248 починати.

„Пикот„ на заразата не е достигнат

На 19 март, кинеските власти дури и се пофалија дека за прв пат, во Вухан немало ново заболени и не починал никој, иако на ниво на целата земја се регистрирани 39 нови случаи, како и тројца ново починати пациенти. Оваа ситуација може уште повеќе да се влоши за сметка на Италија, затоа што таму како сериозни, или критични пациенти има 2500 лица, додека во Кина како такви се регистрирани 2136 пациенти.

Споредби меѓу државите, до сега не се правеа. Дури ни од Светската здравствена организација (СЗО) не ја врзува големината на една држава со бројот на заболените и починатите, па од тоа да се прават заклучоци, но како и да е, Кина е повеќе од 20 пати поголема од Италија. Во Кина и понатаму има далеку најмногу заразени (Кинезите признаваат 81 илјада), а во Италија таа бројка сега е за половина помалку.

Но, Италијанците се уште се далеку од „пикот“ на заразата и смртноста, па се стравува дека земјата би можела и по оваа основа да ја достигне Кина, земја со 1,5 милијарда население, наспроти Италија и нејзините 60 милиони.

„Ломбардија без контрола“

Според некои лондонски медиуми (за кои се сомнева дека не се баш најкоректни кон маките на Италијанците) се тврди дека вистинската бројка на заразените во Италија е поголема, најмногу затоа што се пишува дека „било прилично ограничено тестирањето на оние кои доаѓаат во болниците за да побараат помош).

Британската телевизија Скај се повикува на изјавата на една медицинска сестра од Милано која (како се тврди) рекла – „За жал не можеме да ја контролираме ситуацијата во Ломбардија“, но и дека болниците повеќе не ги бројат мртвите!?

Околу италијанската ситуација има бројни и контроверзни податоци, а меѓу нив, како што утврди и ЕУ и за тоа има направено посебен извештај, има многу лажни вести и дезинформации, чија основна цел е да се создава паника и малодушност во италијанската јавност и да се дезавуира тамошното здравство.

Во тоа апсолутно пред сите се руските медиуми, посебно оние про-Кремљ, како пропагандниот тв канал Раша Тудеј, од каде излегуваат бројни невистини, што потоа ги пренесуваат дури и некои британски медиуми, како приказната за тоа дека „лекарите одлучувале кој да живее, а кој да умре“ од пациентите што ги лекуваат.

Возрасните се 87 отсто од починатите

Меѓутоа, додека се чека на „пикот“ на епидемијата што се предвидува да се случи во средината на април, италијанската и европската јавност, нормално, прашува – како воопшто можеше да се случи сето ова во земја каква е Италија (сега третата економија во ЕУ).

Прашањата се јавуваат не само затоа што оваа земја плаќа најголема цена за „кинескиот вирус“ како што претседателот на САД Доналд Трамп го нарече, туку и затоа што преку Италија се рашири заразата и тоа многу брзо, низ ЕУ и низ Европа. Дури и некои заразени во Јужна Америка, вирусот го имаат закачено во текот на нивниот престој во некои од италијанските градови- првично оние на Северот од земјата.

Посебно се инсистира на прашањето – зошто земјата има далеку најмногу жртви на европскиот континент, кои се пред се, постари луѓе. Дури 87 отсто од вкупно умрените пациенти биле над 70 годишна возраст. А, 99 отсто од жртвите имале една или повеќе болести.

Кинески „лекции“

Според некои вирусолози, ваквиот биланс е последица на „колапсот на здравствениот систем“ во некои делови од Италија. Има и мислење дека високата смртност е последица на недисциплираноста на Италијанците, како и на благата реакција на властите на ваквото однесување – толерирајќи ја „традицијата“ на луѓето- да не се почитуваат правилата, наредбите и забраните.

Еден од членовите на делегацијата на кинескиот Црвен крст која била во посета на италијанскиот Север и во Милано, изјавил дека останал „шокиран колку многу луѓе среќавал на улиците и по парковте, колку многу јадат надвор од дома, или користат некои од средствата на јавниот превоз“.

Според овие Кинези, „пикот“ во Вухан дошол само после еден месец (?), но тоа било постигнато со РИГОРОЗЕН КАРАНТИН.

Кинезите кои биле дојдени да им го пренесат своето искуство на италијанските колеги сметаат дека властите во Италија би требало веднаш да запрат сите економски активности и да запре целосно движењето на луѓето – и тоа сите, без исклучок треба да седат дома.

„Италија не е Кина“

Ваквата кинеска лекција, сепак, не ја прифаќаат сите во Италија. Се тврди дека Кина и нејзиниот „тоталитаристички режим“ не би можеле да се споредува со Италија и со нејзината демократија. Кинеските власти се обвинуваат за (како се тврди) дека луѓето насила ги сместиле по нивните станови, дека квартовите во Вухан, град од 10 милиони жители, биле чувани од војска вооружена со митралези, дека случајните пешаци биле „ловени“ со мрежи, па дури (наводно) и ги претепувале. И сите морале да носат маски.

Во Италија, се тврди дека луѓето, сепак, носат маски, кога ќе успеат да ги најдат во аптеките. Нив сега ги нема. А, ги нема затоа што во Европа доаѓаат од Кина, од каде долго не се извезуваа, чувајќи ги за свои потреби. Освен тоа, во екот на силната епидемија од Кина бараа и добиваа маски од светот- како помош.

Во текот на јануари, Италија како помош за Кина ги има испратено речиси сите свои резерви со маски и со санитетска опрема во случај на зарази, па затоа сега ги нема кога им требаат на Италијанците, тврдат оние кои не ги прифаќаат кинеските критики. Овие сметаат дека не е точна забелешката и дека италијанските гадови се „преполни со луѓе“, па потсетуваат на сликите од Рим, Милано, Венеција, Фиренца, Неапол или Болоња, уште од 10 март кога почна карантинот во целата земја- со празни улици, без луѓе и без возила.

Што се случува со земјата?

Некои весници во Рим потсетуваат дека Италија беше првата во Европа која тргна со најострите мерки за целосно затворање на градовите и првата која „затвори“ и стави во карантин цела една држава. Италијанскиот „модел“ за остри мерки против ширењето на вирусот, потоа го преземаа другите тешко погодени држави во ЕУ, како Шпанија, Франција, Германија целиот европски Исток.

Така или не, факт е дека Италијанците, како и речиси сите јужноевропејци, од секогаш имаат проблеми со почитувањето на прописите.

Во почетокот на кризата со вирусот не мал број од тамошните луѓе имаат тргнато од претпоставката дека епидемијата што на светот му ја пренесе Кина ќе биде нешто како потежок грип. Но дури и редовните критичари во самата Италија на ваквиот тамошен менталитет, сега се согласуваат дека коронавирусот успеа да ги дисциплинира. Откако убаво ги исплаши. Сепак, останува да се одговори што се случи и што се уште се случува во Италија.

Зашто она што се случува во Италија делува страшно, како да се повторува страшната епидемија од 1918 година со тогашниот „шпански грип“. Особено кога ќе се разбере дека со воени камиони ги носат умрените во Бергамо, североисточно од Милано, директно во крематориум, без присуство на нивните најблиски- затоа што веќе нема место на градските гробишта.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе