Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Нетанијаху обвинуван за диктатура

Roman Yanushevsky/Bigstock.com

Нетанијаху обвинуван за диктатура

Бенјамин Нетанијахи кој една година практично е само технички премиер на Израел, е обвинуван  во домашната јавност  за „самоволно“ воведување вонредна состојба во земјата и за „лична диктатура“, користејќи ја состојбата околу раширениот коронавирус.

Според неговите критичари, а тоа е опозицијата како и бројните продемократски организации и активисти за човекови права, „вечниот“ премиер ако што го нарекуваат Нетанијаху ја злоупотребува настанатата ситуација со Ковид-19 како орудие за воведување лична власт, со што се поткопува демократијата во државата.

Шин Бет против Ковид-19

Како директен повод за ваквите обвинувања е одлуката на владата, а тоа значи на самиот Нетанијаху, да побара од една од израелските тајни служби- Шин Бет- да се вклучи во борбата со коронавирусот, на тој начин што во настојувањето да се запре ширењето на заразата, се користат методите кои инаку оваа тајна служба ги применува во борбата со тероризмот- на палестинските територии. Во случајот со вирусот – за да се види дали луѓето ставени во самоизолација и во карантин се придржуваат на ограниченото движење.

Шин Бет , едноставно, го следи движењето на овие луѓе и ги слуша нивните телефони. Нивната веќе добро разработена работа, секако, дава резултати. Прислушувајќи ги телефоните на оние во карантин, тајната служба има откриено голем број повреди на системот за изолирање на „ сомнително заразените“ . Утврдено е дека тие ги напуштале своите домови, се среќавале со луѓе и примале посета, не ретко од други луѓе кои исто така биле во изолација.

Врз основа на ваквото дејствување на Шин Бет кон сопствените граѓани, судовите имаат покренато над 500 кривични постапки , обвинети за прекршување на владините мерки против ширењето на глобалната пандемија на израелска територија.

Злоупотреба на вирусот

Меѓутоа, Нетанијаху се критикува дека тој ја злоупотребува политичката криза во земјата која останува максимално сложена и после третите вонредни избори за помалку од една година, за да по секоја цена остане премиер и обезбеди и петти мандат, откако и онака минатата година стана првиот израелски премиер кој десет години бил на оваа функција.

Сега го обвинуваат дека ја користи кризата со вирусот за да ја продолжи политичката криза по последните избори, па наместо да овозможи да се трага по влада, за да се одблокира државата, тој како технички премиер воведе вонредна состојба и ги блокира сите процеси.

Прво, спечи да  почне неговото судење што беше закажано за 17 март, одлагајќи го на неодредено време. Тој е обвинет о три основи за корупција, за поткуп за обезбедување повисок партиски и личен рејтинг, потоа го блокираше Кнесетот ( Парламентот) кој требаше да расправа околу понудените решенија ( закон) за излез од политичката криза, така што ќе го елиминираше Нетанијаху- како формално обвинет за сторени три кривични дела. Конечно, тој го вовлече Шин Бет во борбата со корона вирусот, без при тоа да побара согласност од Врховниот суд  и од Парламентот.

Израел – заробена држава

Опозицијата реагираше гневно- тврдејќи дека Израел се претвора во земја во која нема судска , ниту законодавна власт, туку дека има „неизбрана влада“  на чие чело е човек кој нема победено на изборите.

На првите, во април 2019 година, десничарскиот Ликуд и Нетанијаху имаа само две пратенички места повеќе, па не можеше да се создаде влада. Тој не сака  да раководи со малцинска влада. Во септември имаше втори избори, на кои за еден пратеник повеќе се избори лево-центраистичката Сино-бела партија на Бени Ганц. Ни тогаш не се формира влада, па се отиде на трети вонредни избори. Во почетокот на март, одново најмногу пратеници, сега само тројца повеќе, обезбеди Нетанијаху.

Во услови кога го чекаше почеток на судењето, сепак, шефот на државата мандатот му го довери на Ганц, а не на лидерот на Ликуд. Но, тогаш уследи кризата со вирусот и одлуката на Нетанијаху да воведе вонредна состојба.

Ваквата состојба на државата, за која Бени Ганц вели дека е во состојба на „ заробеност“ од „ болната амбиција“ на Нетанијаху дека само тој може и треба да биде премиер, се смета дека станува неодржлива . Израел се претвора во власт на еден човек кој не сака да се повлече. И овој пат, тој не успеа да обезбеди мнозинство од 61 пратеник за да формира влада, иако му фалат само тројца пратеници. Дури се зборува дека се обидува да купи тројца од противничкиот табор за да остане во политички живот.

Популистичка мерка

Тоа предизвика револт кај дел од јавноста , па во Ерусалим се одржаа протести пред Кнесетот, иако тие се забранети- поради коронавирусот. Луѓето носеле транспаренти со барање да се ослбоди државата, да се врати демократијата, обвинувајќи го техничкиот премиер дека е „диктатор“.

Но, во Израел каде најважното при гласањето на избори е безбедноста, вклучувањето на тајната служба во заштитата од глобалната пандемија, изгледа дека не е најстрашната работа- ако таа носи резултат. Како што прислушкувањето на телефоните го имаат ставено под контрола тероризмот на палестинските милитанти.

Израел до сега има 885 заразени и еден починат. Само во последните 24 часови бројот на заразените се зголемил за 180 пациенти.

Излегува дека ни Шин Бет не му може ништо на вирусот, што само ја потврдува тезата на критичарите дека станува збор за обична популистичка мерка, за да се покаже дека само Бенјамин Нетанијаху се грижи за населението и дека само тој може да гарантира безбедност- дури и од страшниот коронавирус.

(Е.И.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе