„Никој не се заразил во црква“!
Во соборната црква во Нови Сад, во неделата (21 март) било организирано причестување за верниците, поради што бил направен подолг ред пред црквата во кој имало луѓе од разни возрасти, но повеќето биле помлади луѓе.
Настанот го пренесувала и ТВ Војводина, јавен сервис во оваа српска покраина, а од него се појавиле и бројни фотографии на социјалните мрежи, кои меѓутоа, имаат предизвикано бранување и различни коментари. Не толку околу самиот верски чин, затоа што религиозноста на луѓето е дел од човековите права и слободи, колку што сето тоа се случува во време на глобалната пандемија со коронавирусот и на бројни мерки за ограничување, за да се спречи ширењето на заразата.
Прекршени сите мерки
А, критичните реакции во војводинската и српската јавност, најмногу се однесуваа на вака организираната причест затоа што со неа биле прекршени низа санитарно- здравствени прописи определени за ова време на раширена зараза и во Србија и во самиот Нови Сад.
Прво, изгледа дека била погазена и пораката на поглаварот на Српската црква кој 24 часови порано му порачал на свештенството богослужбата да се усогласи со одлуките на владата на Република Србија. Во земјата има до сега регистрирано 222 заразени лица со коронавирусот, со двајца починати пациенти. Едниот починат е умрен во Клиничкиот центар токму во Нови Сад.
Но, без разлика на бројните апели од вирусолозите и наредбите на власта, на причестот (се гледа од фотографиите) никој нема на себе заштитна маска, како и гумени ракавици. Најголемо вознемирување, сепак, има предизвикано сознанието дека сите верници добиле причест од едно исто лажиче!
Причест со едно исто лажиче
Во ова време на пандемија дури една милијарда луѓе во светот е ставена во карантин. Низа држава (вклучувајќи ја и Србија) имаат дополнително, воведен и полициски час. И сите експертски предупредувања тргнуваат од тоа- да не се излегува од дома, а доколку се излегува, задолжително да се носат маска на лицето и ракавици.
Во една таква ситуација, кога вирусот до сега има однесено околу 15 илјади човечки животи, да се случи на верски обред, со едно исто лажиче да се причестат стотици луѓе, претставува само начин како уште повеќе да се рашири вирусот и болеста.
Приказната дека овој вирус е опасен за старите, а дека младите (и децата) се безбедни, е апсолутно неточно- велат лекарите и тоа се верува дека најголемиот дел од луѓето пред црквата во Нови Сад го знаеле. Тоа здравствените експерти и самата Светска здравствена организација (СЗО) постојано го повторуваат.
„Верата чува од зараза“
Сега останува само да се чека резултатот од она што се има случено во главниот град на Војводина, во врска со ширењето на вирусот. Јавноста се прашува како тоа никој нема реагирано – прво зашто се случило собирање на повеќе од пет лица на јавно место, што е спротивно на владините мерки, а второ, како тоа сите тие луѓе (неодговорно) биле необезбедени.
Користењето на едно исто лажиче, пак, е посебна приказна.
Некои верници, меѓутоа, на реакцијата и на критиките гледаат, без малку, како да станува збор за богохулство. Според еден кој токму така мисли – „Никој никогаш се нема заразено во црква, иако секогаш се бакнува една иста икона и се зема причест од една иста лажичка“! Овој човек е убеден дека верата ги чува верниците од заразување.
(Н.С.)