Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Со екстра цена против хистерично купување

Супермаркет во Бризбен, Австралија 22 Март 2020. © Скопје/Глобал.

Со екстра цена против хистерично купување

Стравот што го зафати светот по глобалната пандемија со коронавирусот, предизвика на разни страни од светот, луѓето различно да реагираат. Но по едно нешто, реакцијата на исплашените луѓе е идентична – хистеричното и панично купување на залихи со конзервирана и замрзната храна, со средства за дезинфекција и чистење на живеалиштата и со тоалетна хартија.

Од САД и Канада, преку Аргентина и цела Европа, Блискиот Исток и Југоисточна Азија, се до Австралија и Нов Зеланд, луѓето потрчаа кон продавниците за храна и супермаркетите, веднаш по појавувањето на првите заразени пациенти во нивните држави. Исплашеноста предизвика иста реакција насекаде, без разлика колкав е бројот на заразените, или колкав е обемот на раширеноста на вирусот.

Средствата за дезинфицирање – најбарани

Можеби најтипични за тоа се Австралија и делумно Нов Зеланд, иако таму, раширеноста на пандемијата е далеку помала отколку во Европа.

Австралијанците продолжуваат и натаму да купуваат и да прават домашни залихи, па во големите градови сега е потребно да се поминат и по десетина продавници за да се обезбеди се што е потребно за едно домаќинство.

На европскиот континент, каде и се почна со хистеричното купување, ситуацијата сега е релативно смирена, откако луѓето видоа дека пандемијата не го нарушува снабдувањето и покрај бројните забрани за излегување од дома и воведениот карантин, а некаде и полициски час.

Она што сега е на цена и што е повеќе барано и од заштитните маски се средствата за дезинфекција на рацете и на просториите. Трговците велат дека не е проблемот во големиот интерес, туку во некоректноста на луѓето кон другите, со барањето и купувањето на повеќе шишиња со оваа „спасоносна“ течност. Ако еднаш се продаваа во помала амбалажа, сега ги има на пазарот и во поголеми пакувања- и одново ги нема, само затоа што се купуваат во големи количини.

Удар по џебот

Трговците реагираат различно. Едни не дозволуваат да се купува повеќе од три парчиња, други пак „удираат“ по џебот- воведувајќи екстра цена.

Еден трговец во Данска изгледа дека има смислено пооригинално решение. Тој не ограничува колку шишиња со средство за дезинфекција некој купувач ќе стави во кошницата, но на касата првото шише го наплатува според редовната цена, а за секое следно треба да се плати околу 25 пати повеќе!

Кај овој трговец едно шише чини 5,5 евра. Но за второто ќе мора да се плати 134 евра. За евентуално третото и за секое следно, по уште толку евра. Трговецот вели дека неговата „техника“ веднаш воспоставила ред во неговиот маркет. Никој веќе не купува повеќе од едно, па кај него сега секогаш има средство за дезинфекција.

„А, порано, имаше и тепачки, па морав да викам полиција. Сега нема такви работи“- изјавил трговецот.

Не кажува како дошол токму до екстра цената од 134 евра.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе