Црна Гора ќе открие кои се во изолација
Здравствените власти на Црна Гора соопштија дека ќе ги објават имињата и идентитетот на сите оние кои сега се наоѓаат во изолација, што инаку е една од заштитните мерки за неширење на смртоносниот корона вирус.
Оваа поранешна ЈУ република, на тој начин, ќe биде можеби и единствената држава која ќе се одлучи на ваков чекор, па уште пред да се случи, ваквиот владин потег предизвика реакција на разните организации за човекови права. Тие тврдат дека на тој начин би се повредила приватноста на луѓето.
Властите во Црна Гора, меѓутоа, сметаат дека на оваа радикална мерка се одлучиле само „за да се спречи масовното прекршување на мерките за изолација“. И уште, како начин да се спречи ширењето на глобалната пандемија во државата.
„На овој начин, секој граѓанин сега ќе може да знае кој од неговите соседи и сограѓани е недисциплиниран и го доведува во опасност и нивното здравје“ – се вели во официјалното соопштение на црногорското Национално тело за заразни болести.
Се смета дека со откривањето на идентитетот на „непослушните“ тие ќе бидат уште повеќе изолирани, или можеби дури сега ќе се најдат во вистинска изолација, затоа што оние кои би контактирале со нив ќе знаат дека тоа е опасно и дека може да предизвика и тие да се заразат, доколку кај некои од изолираните се појави болеста Ковид-19.
Црна Гора долго време му одолеваше на вирусот и едно време беше единствената држава во Европа без ниту еден случај на заразување. Сега во оваа земја со околу 600 илјади население, има 22 болни, сега веќе еден починат пациент и дури 5200 кои се во изолација- под здравствено санитарен надзор, во изолација.
Во соопштението уште се вели дека „никој нема право, поради својата недисциплина да го загрозува здравјето на луѓето воопшто и здравјето на неговите најблиски“.
Националното тело за заразни болести уверува дека на оваа мерка се решиле откако било изанализирано искуството од некои други европски држави, а пред се, на Италија и на Шпанија, каде масовната зараза од овој вирус и високата смртност се последица на недостигот на дисциплина кај населението и на непочитување на мерките за спречување на нејзиното ширење.