Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Вирусот го нападна „срцето“ на владата на Џонсон

Jakub Junek/BigStock.com

Вирусот го нападна „срцето“ на владата на Џонсон

Во само еден ден, во петокот (27 март), коронавирусот нападна директно во „срцето“ на владата на Велика Британија, откако во време на општа зараза, премиерот Борис Џонсон, министерот за здравство Мат Хенкок и главниот советник за кризата, епидемиологот, професор Крис Вити, соопштија дека се заболени со Ковид-19. Претходно, веќе една недела во карантин е и помошник министерката за здравство Надин Дорис, која прва објави дека е заразена. Не е познато кој од кого и како се заразил.

Џонсон, на тој начин, стана првиот премиер во светот што е заразен од вирусот.

Удар врз британскиот престиж

Пред него, канадскиот премиер Џастин Трудо, како и шпанскиот премиер Педро Санчез, беа извесно време во самоизолација, но затоа што заразени беа нивните сопруги. Онаа на Трудо, заразувајќи се во британскиот главен град, каде во првата половина од март, учествувала во работата на една меѓународна конференција.

Веста дека британскиот премиер е заразен од смртоносниот вирус, претставува удар врз престижот на британското здравство – дома и во светот.

Особено што доаѓа во време кога Британците откриваат дека дури и нивниот технички, силно развиен здравствен систем, не е подготвен за една пандемија од глобални размери – ниту кадровски, нити со сместувачки капацитети, а изгледа ниту материјално.

Освен тоа, во домашната јавност прашуваат, како било можно Џонсон да се однесува неодговорно и да не ги почитува мерките за заштита кои, инаку, самиот им ги наметна на луѓето во Британија, па слободно, кога станува збор за социјалното дистанцирање (општење) кое е основната мерка за одбрана од заразувањето, се има среќавано и комуницирано со голем број луѓе.

„Цунами“ од зараза во Лондон?

Лондонските медиуми кои инаку застана зад најновите потези на владата и на мерките што премиерот ги воведе, без малку истоветни како оние во Европа и насекаде низ светот, со бројни ограничувања сега сметаат дека Британија и нејзината влада се “ обезглавени“ во сегашната тешка ситуација во земјата, во која бројот на заразените забрзано расте, а бројката на починатите се зголемува и до правењето на овој извештај – 770 лица се умрени, како последица на коронавирусот.

Таа бројка, колку и на прв поглед да изгледа страшно, секако е далеку помала од оние во САД, Италија, Шпанија и Кина. Но, домашните епидемиолози предупредуваат дека вирусот, кога станува збор за британската територија, се уште не го кажал последниот збор, дека неговиот удар допрва доаѓа, а медиумите уште навестуваат „цунами“ од масовно заразување и смртност, посебно кога станува збор за Лондон.

Тоа никој официјално не го потврдува, но не го ниту демантира. Потврдено е само дека во еден од големите хангари на аеродромот во Бирмингем, се уредува простор за привремена мртовечница за 12 илјади тела!

Колективен имунитет

На почетокот од пандемијата, кога Европа и светот реагираа според кинескиот „модел“ за изолирање и карантин на луѓето, бурни реакции и осуди предизвика ставот на Џонсон да не ја прифати таквата одбрана од коронавирусот, инсистирајќи на теоријата за т.н. „колективен имунитет“ која ја заговараат и ја бранат некои британски вирусолози.

Според оваа теорија, станува збор за ситуација кога на заразата се реагира со создавање кај популацијата доволно имуни луѓе за да таа престане да се шири. За колективниот имунитет не е важно како тој се има создадено, било како резултат на вакцина и вакцинирање, или како резултат на АНТИТЕЛАТА на луѓето кои ја имаат прележано заразата (болеста). Важно е дека тие сега се имуни.

Најгневни реакции имаше околу тезата на овие вирусолози предизвика нивниот став дека колку повеќе се шири заразата со коронавирусот, се повеќе луѓе (заразени-заболени) ќе се опоравуваат, односно ќе станат имуни на идното заразување. Кога околу 70 отсто од популацијата ќе стекне имунитет, изгледите за ново заразување, односно за нова епидемија се многу намалени, затоа што мнозинството веќе е отпорно.

„Маса од заразени- маса од имуни“

Гневот го предизвика толкувањето на обичните луѓе дека во случајот на сегашната пандемија, наместо карантин и мерки за заштита, би требало да се остави масовно (!?) ширење на заразата, за да се создаде маса од отпорни луѓе, според принципот – кој ќе ја преживее епидемијата, ќе живее! Тоа, меѓутоа, претполага многу голема смртност, што Британците ја оквалификуваа како начин за „чистка“ од старите и возрасните кои сега се големо мнозинство од починатите во Британија, во Европа и во светот.

Сегашниот вирус, според професорот од Ливерпул, Метју Бајлс, вели дека тој дејствува така што еден заразен, заразува две, до три други лица. Па, така колективниот имунитет овој пат нема да се случи, затоа што намалувањето на ситуацијата – еден да зарази неколкумина – ќе се изведе со низа мерки, како што се социјално дистанцирање, затворање на училишта, работа од дома и со постојани миење на рацете.

Под притисок на јавноста, премиерот ја измени својата дотогашна стратегија и се согласи со професорот на Бајлс дека колективниот имунитет, сепак, настанува порано. Неговите критичари, меѓутоа, сметаат дека размислувајќи околу овие две опции, Британија има загубено драгоцено време за запирање на експлозијата од заразени луѓе, која сега се очекува.

Џонсон – самоизолиран

Според сопственото признание на Твитер, Џонсон во четвртокот вечерта ги имал првичните симптоми за вирусот- температура и изразено кашлање. Веднаш му бил направен тест, кој покажал дека е заразен со коронавирусот, но во соопштението од неговиот кабинет се вели дека станува збор за „полесна фаза“ на заразата. Тоа значи дека тој ќе се наоѓа во изолација, од каде ќе продолжи да работи, извршувајќи ги „сите премиерски работи, комуницирајќи со владините министри преку видео комуникација“.

Засега нема објаснување како ќе се изведе – тој да биде самоизолиран во Даунинг стрит 10, службена резиденција на премиерот, но и седиште на владата, каде постојано има членови на владата, министри, разни советници, како и броен состав од луѓе, ангажирани во кабинетот на премиерот.

Сите тие изминатите денови, пред да се појават симптомите кај Џонсон, се среќавале и разговарале со него, многу често од помала оддалеченост од дозволените два метри, па сега ќе наложи тестирање на целиот Даунинг стрит, што пак значи дека може да се случи да има уште нови заразени во владата.

Кој може да е следен

Во средата, еден ден пред да се разболе, премиерот имал состанок на владата, па средба со членовите на кризниот штаб за вирусот (сега повеќето од нив се заразени), а потоа учествувал во расправата во британскиот Парламент, каде имал средби со пратеници.

Медиумите пишуваат дека најблиску бил во контакт со министерот за финансии Риши Сунак кој, инаку, по правило би требало да живее во Даунинг стрит 11, (врата до врата со премиерот) и со министерката за внатрешни работи Прити Пател. Тие обајцата тврдат дека не се заразени.

Џонсон на 11 март се има сретнато и разговарано и со британската кралица Елизабета која следниот месец ќе наполни 94 години. За неа се вели дека е здрава и сега е сместена, привремено, во своевидна изолација, во кралскиот имот во Виндзор, недалеку од Лондон. Кралицата и премиерот имале уште еден разговор, една недела подоцна, но тој бил преку телефон.

Засега ништо не се знае само што е со неговата актуелна девојка Кари Симондс (32) која е бремена и со која, Борис Џонсон (55) навести дека ќе се ожени. Таа од почетокот на неговиот мандат живее, невенчано, во службената резиденција на британскиот премиер кој претходно ќе треба да се разведе од својата втора сопруга.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе