Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Џонсон во болница – Британија со в.д. премиер?

Andrew Parsons/i-Images CC BY 2.0

Џонсон во болница – Британија со в.д. премиер?

Британскиот премиер Борис Џонсон (55) е префрлен во една од лондонските болници на јавното здравство, откако десет денови се наоѓа во домашниот карантин, по откривањето дека е заразен со коронавирусот.

Самиот тој, во изјава дадена во петокот, од изолација има речено дека се чувствува добро, но дека и натаму има треска и зголемена температура, што инаку е почетен знак за заболеност од Ковид-19.

Во официјалното соопштение на владиниот кабинет во Даунинг стрит 10 се вели дека префрлањето во болница било „превентивна мерка“ и дека Џонсон „продолжува да биде премиер“ на Британија, но здравствени експерти во Лондон сметат дека неговата здравствена состојба не е добра, па ако веќе не се влошува, тогаш сигурно е дека нема знаци ниту дека му се подобрува.

„Знаме за тревога“

Еден од експертите изјавил за медиумите дека „доколку по 10 денови нема знаци на подобрување кај пациентот и тој се уште ги има симптомите на вирусот (а ситуацијата кај Џонсон е токму таква), тогаш се подигнува знамето за тревога“.

-Се додека пациентот не се чувствува целосно подобро, тој и тие кои го лекуваат, остануваат во „темна шума“, што ќе рече, да се соочуваат со секаква ситуација – рекол овој лекар.

Џонсон е тестиран како позитивен на вирусот и ставен во изолација на 26 март.

Од тогаш тој и не престојува во службените простории на владата, каде се наоѓа и официјалната резиденција, туку во соседната зграда, во Даунинг стрит 11, која е определена за министерот за финансии, кој во овие денови не е таму.

Во кабинетот на премиерот велат дека сите изминати денови Џонсон работел, раководејќи со секојдневните, утрински состаноци на комитетот за кризата со пандемијата.

Владата бара трпеливост

Но, покрај него, заболена е и неговата девојка Карли Симондс (31) која е бремена и која со него живее невенчано во службената резиденција на британските премиери.

Заразен со вирусот беше и министерот за здравство Мат Хенкок, помошник министерката Надин Дорис, шефот на кабинетот на премиерот и главниот советник за епидемијата, инаку лекар-епидемиолог.

Инфициран беше и престолонаследникот Чарлс (71), но тој после седум денови беше пуштен од изолација, а веќе почна да извршува и некои од протоколарните кралски обврски, како отворањето на импровизираната болница, во големата изложбено-саемска хала во источен Лондон.

На работа, после седум денови во карантин, се врати и министерот Хенкок, кој на јавноста и ги објаснуваше првите симптоми за болеста што се јавиле кај него (жестока болка во грлото).

Тој побара од Британците да бидат дисциплинирани и трпеливи со наметнатите мерки за заштита , за да може да се совлада оваа пандемија.

Раб како в.д. премиер?

Со истоветна порака, доцна вечерта во неделата се има огласено и Џонсон, веднаш откако бил префрлен во болница.

Во владиното соопштение се посочува дека тој заминал со службеното возило, а не со амбулантно, што треба да значи дека неговата состојба не е тешка.

Како и да е, Британија дискретно се подготвува да именува в.д. премиер.

Тоа би бил сегашниот министер за надворешни работи Доминик Раб.

Засега ништо официјално не се објавува, додека се очекува да се види каква е состојбата со Џонсон и каде тој ќе продолжи да се лекува, но Раб, во понеделник, на 6 април ќе раководи со комитетот за кризата со вирусот, наместо актуелниот, заболен премиер.

Борис Џонсон е првиот премиер во Европа кој е заболен од коронавирусот.

Во Британија забрзано се шири епидемијата, па иако инфицирањето на луѓето започна подоцна отколку во Италија, Франција, Шпанија и Германија , до сега се регистрирани без малку 48 илјади заразени Британци.

Над 4900 се починати, а меѓу нив има и не е мал бројот на луѓе од медицинскиот персонал на домашното јавно здравство.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе