Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Европскиот суд ги осуди Унгарија, Полска и Чешка

arsenisspyros/BigStock.com

Европскиот суд ги осуди Унгарија, Полска и Чешка

Европскиот суд во Луксембург ги осуди Унгарија, Полска и Чешка дека ги прекршиле законите на ЕУ, затоа што одбиле да примат бегалци, според претходно определените квоти на Унијата, во текот на големата криза со напливот на бегалци и мигранти во Европа, во 2015 година.

-Државите членки не може да ги оправдуваат таквите свои одлуки, тврдејќи дека настојувале да го зачуваат (својот) јавен поредок и да ја зачуваат (својата) внатрешна безбедност, како ни со наводната нефункционалност на целиот механизам (со квотите)- се вели во образложението на судот кој во ЕУ ја има улогата на Уставен суд, односно на давање оценки на законитоста на постапките на секоја од земјите-членки.

Вината на државите

Пријавата за тоа дали овие три држави ги имаат повредено своите основни обврски кои, инаку, произлегуваат од правилата уредени за сите членки на ЕУ, до судот во Луксембург ја има поднесено Европската комисија. Особено што ниту Унгарија, а и Полска и Чешка не го исполниле барањето на Брисел, до сите во Унијата, да даваат извештај, на секои три месеци, за тоа колку барања за меѓународна заштита (азил) може да прифатат.

Во средината на јуни 2015 година, во екот на напливот од бегалци и насобрани мигранти од Блискиот и Средниот Исток и од некои африкански држави (се уште, барем не јавно, не се знае кој тоа ги пушти, наеднаш кон Европа), почнаа да навлегуваат на териториите на Грција и на Италија, две членки на ЕУ од нејзиното јужно крило.

Полска, земја од 40 милиони жители, некако се согласи да прими 100 (!) од бегалците, но на крајот излезе дека не прими ниту еден. Чешка прифати само 50, а прими само 12 лица, додека Унгарија на Виктор Орбан одби дури и да преговара за оваа работа.

Анти муслиманска реторика

Во тоа време, на териториите на земјите надвор од Унијата имаше повеќе бегалци и мигранти, а некаде и сега ги има повеќе отколку во „чистите“ етнички, поранешни комунистички држави во кои сегашните нивни политичари и политички лидери имаат израснато врз принципите на пролетерскиот интернационализам. Тоа што го правеа и го направија пред пет години беше само обичен источноевропски национализам и шовинизам.

Едноставно, Орбан одби и да разговара за европската солидарност, која неговата држава и Унгарците „дебело“ ја имаат искористено, земајќи пари од европските фондови за побрз развој, во изминатите 15 години членство. А, тоа се пари кои инаку ги издвојуваат СИТЕ членки врз СОЛИДАРНА основа. Наместо тоа, Орбан почна да подига бариери и жичани огради на границите кон Србија и кон дел од Хрватска, давајќи при тоа анти-муслимански изјави кои беа на границите од расизам.

Изјави во стилот -„ Унгарија ја чува христијанска Европа од нехристијаните“- изјави какви до тогаш нема дадено ниту еден премиер на земја членка, уште од времето кога Унијата беше само Европска економска заедница (ЕЕЗ).

Повредени прописи

Судот во Луксембург заклучи дека сите три држави ја имаат повредено одлуката на Европскиот совет за задолжително префрлање на 120 илјади подносители на барања за меѓународна заштита (азил) кои беа собрани на грчка и на италијанска територија, за да се најде некое решение за луѓето, но и за да им се помогне на овие две членки на ЕУ кои беа преплавени со бегалците.

Унгарија, Чешка и Полска ги имаат повредено и одлуките кои произлегуваат од поранешната одлука за префрлање и на 40 илјади подносители на вакви барања.

Времето, овие три држави да ги испочитуваат одлуките на Унијата во која и тие членуваат, истече во 2017 година, па од тогаш е отворена постапката за испитување на законитоста на она на што тие се повикуваат.

Одбрана без докази

За Судот е очигледно дека не само што не се испочитувани договорите и се повредени европските правила, туку не е испочитувана и одговорноста што ја имаат преземено за солидарност кон другите во ЕУ – обврска што се презема при влегувањето во Унијата.

Во образложението, Судот има прифатено дека државите кои се членки на ЕУ, како суверени држави, имаат право да водат сметка за заштита на својата територија и за нејзината безбедност, но во случајот на овие три земји, ниту една од нив не можат да го оправдаат тоа свое право.

Едноставно, тие изнесуваат само општи тврдења, а не и било какви докази и сознанија, од некој посебен случај, дека може да бидат навистина загрозени и дека постои моментална закана.

Сигурно нема закана од оние стотина луѓе од кои Полска се „исплаши“ да ги прими, или за кои Унгарија подигна висока бариера, стравувајќи да не ја загрозат „чистотата“ на нејзините девет милиони Унгарци.

(С.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе