Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

“From Russia with love”- за пропаганда

SergeVo/Bigstock.com

“From Russia with love”- за пропаганда

Има еден филм од серијата за Џејмс Бонд, снимен во далечната 1963 година, во кој тајниот агент 007 на нејзиното кралско височество, е вплетен во тогашната силно распалена  „Студена војна“ меѓу Истокот и Западот. Се вика „From Russia with Love” (Од Русија со љубов) според истоимениот роман на Ијан Флеминг.

Сега, 57 години подоцна, насловот од овој роман и филм за Џејмс Бонд, се користи од пропагандата на Москва околу операцијата на Русија за испраќање помош на некои (внимателно одбрани) држави, во нивното настојување да се заштитат и да ја поразат глобалната пандемија.

Британската телевизија Скај, во една своја поширока  анализа,  меѓутоа, прашува – зашто претседателот Владимир Путин  не престане да испраќа медицинска помош во странство, за тамошниот медицински персонал кои се бори со коронавирусот и наместо тоа да почне да се грижи за сопствените здравствени работници- во време кога никој и во самата Русија не знае каква е состојбата со епидемијата со Ковид-19 во оваа голема земја .

Сомнежи во бројките

Србија беше последната од земјите која доби руска помош, откако претходно оваа балканска држава, со голема помпезност прими иста таква и кинеска помош. Пред неа, беа наградени Кина, па Иран и Италија, но и САД (или попрецизно Њујорк)- со маски и распиратори. Иронијата да биде поголема, распираторите  ги изработува руска воена фабрика „Ростек“ која инаку е на списокот на компаниите под американски санкции, за анексијата на Крим и за руската интервенција во источна Украина.

Сето ова се случува во време кога западните медиуми, повикувајќи се на руските опозициски гласила и на изјави на тамошни луѓе од медицината, обвинуваат дека ситуацијата со вирусот не е под контрола, како што тврдат властите, дека бројот на заболените и починатите е многу повисок од оној што се прикажува, како и дека наместо фалењето на властите во домашната јавност за големината и добрината на Русија, државата би требало да се погрижи за своето население и за домашните состојби.

А, дека тие не се добри покажува наглото заострување на мерките за заштита од ширење на заразата, во Москва, но и во државата. Првично најавената една недела платено работно отсуство, за да луѓето, наместо да одат на работа, да останат дома, сега се продолжи на до крајот на април.

„Здравството е во ужасна состојба“

Критичарите на власта во Русија инсистираат дека претседателот треба да поведе грижа за „ хаотичната состојба“ во која се наоѓа рускиот здравствен систем , наместо што се грижи за , како што велат, личниот имиџ на „добар светски лидер“. Уште повеќе што претходно, властите порачуваа дека Русија нема да извезува медицинска опрема, се додека не запре глобалната пандемија.

Анастасија Василева, од синдикатот на лекарите и медицинскиот персонал го повикала Кремљ да открие колку навистина случаи на корона има во Русија, објаснувајќи дека тоа е неопходно, бидејќи во домашната јавност се зборува дека податоците се сокриваат. Набргу потоа, Василева била уапсена со обвинение дека се обидела да испрати маски за лице и распиратори за болницата во Новгород, на која тие и биле неопхдни.

„Здравството во Русија е во ужасна состојба. Во една ваква земја нема доволно болници, нема доволно медицински персонал и што е најстрашно- ние во Русија немаме ниту индустрија за медицинска опрема“-изјавила Василева за Скај.

Русија се соочува со повеќе жртви

Независни аналитичари посочуваат дека власта не сака да признае дека има и повеќе заразени лица и многу повеќе починати пациенти, затоа што тоа ќе покаже дека работите од почетокот се погрешно насочени. Таквата состојба , пак, е последица на тврдењето што и се наметнува на домашната јавност, уште од самиот почеток, дека работата со епидемијата е под контрола. „ Ние, затоа, ќе имаме многу повеќе жртви од другите развиени земји, затоа што овде состојбата со здравството е мошне лоша“- рекол за телевизијата еден од соговорниците.

Како пример за тоа, се посочува случајот од локалната болница во Коми, во Сибир, каде е јавено дека 53 пациенти и медицински персонал биле заразени со вирусот. Две лица починале, од кои едната жртва била медицинска сестра. Сите заболени ги заразил еден од лекарите.

Според еден познат руски пулмолог, голем проблем за земјата е што таа нема капацитети и не може да ја држи под контрола инфекцијата, иако домашните лекари можат да се справат со тешки пневмонии.

Апел од Сенкт Пересбург

Тој смета дека втор голем проблем е просечната возраст на медицинскиот кадар. Нивниот просек се движи меѓу 50 и 60 години, а тоа е веќе возраст која влегува во т.н. ризична категорија од која лицата први и многу полесно се заразуваат и заболуваат, што значи дека тие уште во стартот се гледаат како потенцијални први жртви на еидемијата.

Група медицински работници од една болница во Санкт Петерсбург постирале на интернет „Апел“ со барање да им се доделат повеќе распиратори за болните од Ковид-19 кои ги имало во нивната установа.

Затоа, просечните Руси сметаат дека нема лошо во тоа Русија и Путин да градат имиџ, ако тоа им е воопшто потребно во оваа криза,  но не се согласуваат  да се делат на сите страни медицинска опрема, а посебно распиратори, кога нив  ги нема во руските болници, за потребите на домашните пациенти.

Наместо расфрлање со пропаганда по светот, во стилот „Од Русија со љубов“ , би било многу подобро , прво да се погледа какви се работите дома, во руското здравство за кое многу работи укажуваат дека не се добри – сметаат соговорници на британската телевизија Скај.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе