Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сандерс се повлече – Бајден остана сам

mikeledray/BigStock.com

Сандерс се повлече – Бајден остана сам

Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс (78) објави дека се повлекува од трката за номинација на Демократската партија, за годинешниве претседателски избори во САД, предвидени за 3 ноември.

„Заклучив дека оваа битка за демократската номинација нема да успее, па затоа, со тешко срце, објавувам дека се повлекувам“- порачал Сандерс во своето видео обраќање до своите симпатизери и поддржувачи и до американската јавност, од својот дом во Барлингтон, во сојузната држава Вермонт. Тој беше кандидат на крајното лево крило на демократите.

Ваквиот расплет се очекуваше, иако глобалната пандемија на коронавирусот, што со задршка тешко ги погоди САД,  ја прекина изборната трка за партиската номинација.

Фијаско во „Супер вторник“

Повлекувањето на Сандерс беше навестувано веднаш по неговиот уверлив пораз од Џо Бајден во т.н. „ Супер вторник“ (кога демократските гласачи се определуваат за еден партиски кандидат во 14 сојузни држави, одеднаш), а посебно кога Бајден го порази и во „ малиот“ Супер вторник и веќе тогаш направи голема разлика во обезбедените делегати за партиската номинација, во јули.

Сите десетина кандидати, во меѓувреме, се повлекоа од изборната трка. Повеќето од нив, своите гласови и обезбедените делегати му ги дадоа на Бајден. Остана нејасно што ќе одлучи Елизабет Ворен, сенаторка од Масачусетс која се повлече по понижувачкиот пораз во нејзината сојузна држава, во која гласачите не ја подржаа како претседателски кандидат. Таа  е исто така, припадник на левичарскиот блок во партијата. Сандерс, меѓутоа, одби да се повлече, уверувајќи ги демократските гласачи дека битката се уште не е завршена.

Прекинот на изборниот процес во партијата, поради епидемијата, веројатно, го натера подобро да ги анализира сопствените позиции и изгледи , па во оваа пауза го направи она што го направи во 2016 година. Во тогашната трка за демократска номинација, тој долго време одбиваше да признае дека ја губи битката со Хилари Клинтон, на која во текот на кампањата многу често и правеше проблеми, а на крајот, можеби и несвесно, помогна таа да не успее , а претседател да стане републиканецо, Доналд Трамп.

Форсирање на левичарењето

Така, или не, со своето левичарење во кампањата од пред четири години, а и сега, можеби уште поизразито, нудејќи некаков американски, демократски социјализам, Сандерс успеа ја сврте Демократската партија кон нетрадиционаната левица, која ( барем до сега) никогаш немала корени во САД и да ги придобие младите гласачи.

Американците, меѓутоа,  имаат страв од било каков социјализам, па идејата (на Сандерс)- САД да се уредат по урнек на скандинавските држави во Европа, наидува на отпор не само кај конзервативните, анти левичарски определени републиканци, туку и кај демократските гласачи. Тие се наклонети кон традиционалните вредности на САД, на либералната демократија и се држат за политичкиот центар. На таа линија е и раководството на партијата, што го лутеше Сандерс кој на митинзите знаееше да ја критикува и сопствената партија.

Ваквиот расплет го остава Џо Бајден, поранешен потпретседател на САД, во администрацијата на Барак Обама, сам во изборниот процес за номинација кај демократите, што сега би требало да претставува само формалност. Бајден треба да ја заврши работата, по излегувањето на земјата од нападот на пандемијата, и на есен да му се спротивстави на актуелниот претседател Трамп.

Трамп го брани Сандерс!?

Во целата оваа работа на демократите, неочекувано, во ова време кога секојдневно трпи критики за забавената реакција на администрацијата и на Белата куќа на епидемијата и за неспремноста на САД, се замеша Трамп. Овој пат, бранејќи го Берни Сандерс (!) со кого зимоска ги плашеше Американците дека сака да донесе социјализам во САД. На Твитер, Трамп има запишано дека за неуспехот на Сандерс е виновна Елизабет Ворен. Доколку таа не се вклучила во трката (Ворен беше најостриот критичар на Трамп во кампањата) – сенаторот од Вермонт уверливо ќе триумфирал.

Факт е дека Трамп и неговиот тим го посакуваа Сандерс, со кого веруваа дека лесно ќе се пресметаат во изборната кампања. Со Бајден, меѓутоа,  кој уште од пред стартот на изборниот процес се навестуваше како можниот противник на актуелниот претседател , работите ќе одат потешко.

Особено што нивната битка почна од порано, кога стана јасно дека Трамп барал од властите во Киев да отворат истрага за Бајден за, наводна, корупција. Тоа замешување на една трета страна, странска земја- Украина, во изборите на САД,  беше и основа за покренувањето импичмент против Доналд Трамп.

(Д.В.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе