Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Над 150 членови на саудиско кралско семејство – заразени

quatrox/BigStock.com

Над 150 членови на саудиско кралско семејство – заразени

Најмалку 150 членови на инаку бројното кралско семејство во Саудиска Арабија, се заразени со коронавирусот, вклучувајќи и припадници на т.н. повисоки хиерархиски ешалони во семејството – јавуваат американските медиуми.

Саудиските власти потврдија дека првите случаи на инфицираност со вирусот биле регистрирани пред шест недели, но дека сега во земјата има околу 3400 заразени и 44 починати пациенти. Меѓу нив бил и гувернерот на Ријад, главниот град на кралството, принцот Абдулазис ал Саид. За него се вели дека неговата состојба е посериозна и е сместен во болница, во одделението за интензивна нега. Ал Саид е внук на саудискиот крал Салман.

Кралот Салман во изолација

Според доверливи извори на кои се повикува „Њујорк Тајмс“, болниците забрзано се доопремуваат со нови 500 кревети за интензивна нега , како и со распиратори, подготвувајќи се евентуален посилен бран од новозаболени припадници на кралското семејство, како и за оние кои се сосема блиску до нив.

Кралот Салман кој има 84 години е одведен во само-изолација на еден мал остров, во Црвено Море, наспроти градот Џеда. Неговиот син, крунскиот принц Мохамед бин Салман (34) за кого сите тврдат дека, практично, тој управува со кралството, исто така е тргнат од Ријад, заедно со сите министри во владата, во една кралска резиденција , сместена на саудискиот брег од Црвено Море.

Министерот за здравство признава дека коронавирусот се заканува со голема брзина да се рашири низ целото кралство. Проценка на министерството е дека бројот на заразените би можел да достигне меѓу десет и 200 илјади Саудијци.

Веднаш по избувнувањето на епидемијата, владата забрани секакви патувања од и кон Саудиска Арабија, а во големите градови е воведен 24 часовен карантин, со сосема мали исклучоци за определен број професии и за одделен број лица.

Пандемијата ја запре војната

Саудиските власти, за прв пат, ги откажаа и сите верски патувања и забранија пристап на сите верници до светилиштата во Мека, каде годишно доаѓаат и по 2,5 милиони верници.

Американските медиуми тврдат дека токму брзото ширење на пандемијата во земјата, како и предвидувањата таа да достигне високи размери, била причина Саудиска Арабија да прифати прекин на огнот во Јемен. Тоа е за прв пат во оваа подзаборавена граѓанска војна, која се води меѓу владините сили на сунитската власт во Сана, што инаку не ја поседуваат и бунтовничките Хути, кои се шиити.

Саудиските воени сили се вклучија на страната на меѓународно признатата јеменска влада, создавајќи притоа сунитска коалиција, заедно со државите од Персискиот Залив и Египет. Властите во Ријад го оправдуваат своето вклучување во војната поради помошта што Хутите ја примаат од Иран, тврдејќи дека на тој начин настојуваат да го оневозможат иранското навлегување во Јемен.

До сега, Саудиска Арабија, која на власта во Техеран гледа како на најголема закана во регионот, отфрлаше секаква можност за прекин на огнот на јеменскиот фронт.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе