Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Моделот на Германија

jmf23/BigStock.com

Моделот на Германија

Во борбата со глобалната пандемија епидемиолозите, лекарите вклучени во битката за спасување животи и медиумите низ светот, веќе извесно време зборуваат за некаков „кинески модел“ во елиминирањето на коронавирусот.

Кинезите, во оваа 2020 година ни го дадоа вирусот од Вухан, има мислење и дека бројките што Пекинг ги даваше за бројот на починатите, се пониски од вистинските, а сега ни нудат и решение како да се извлечеме од проблемите што ги создадоа.

Постои и „јужнокорејски модел“ кој како малку да е растресен со новата ситуација во оваа земја, каде оздравени пациенти, одново се позитивни.

Како најнов „модел“ се споменува случајот со 95 милионскиот Виетнам, каде (засега) нема починати од овој вирус, а од порано насекаде се посочува „италијанскиот модел“ – како пример каде имало премногу грешки (на почетокот), иако на Италијанците и посебно на италијанските лекари, сепак, би требало да им се одаде признание – за сето она низ што помина и минува оваа земја.

Дел од американските медиуми, меѓутоа, во последно време како модел за учење ја посочуваат Германија.

Помала смртност

Угледниот „Њујорк Тајмс“ побара од американската администрација да го проучи само германскиот „модел“ за да се утврди како тоа функционира оваа најнаселена држава во ЕУ, со над 85 милиони население, и посебно, како успева – и самата зафатена со глобалната пандемија – да има помалку починати пациенти дури и од една Белгија, која има осум пати помалку жители. Особено што за Белгија и не може да се рече дека нема развиено и добро организирано јавно здравство.

Според податоците на „Ворлдметер-корона“, користени во време на правење на овој текст, во Германија има околу 130 илјади заразени со вирусот, со 3050 починати пациенти, или со смртност од 36 лица на еден милион население.

Колку за споредба, Британија која толку се гордее со своето јавно здравство, има 89 илјади заразени, но 11.400 починати, што значи дека се регистрирани 167 починати на еден милион Британци, или пет пати повеќе од Германија.

Во САД, на пример, каде има далеку најмногу заразени – 580 илјади лица и 23.300 починати, смртноста на еден милион население изнесува 70 заболени, а тоа е два пати повеќе отколку во Германија.

Овие бројки се повисоки кај Шпанија – дури 374 починати на еден милион, во Италија – 338, или во Франција 229 умрени на еден милион жители. Сето тоа го прави германскиот „модел“ уште позначаен и поинтересен за проучување.

Примерот од Хајделберг

За њујоршкиот весник ваквите споредбени бројки само го покажуваат нивото на ресурси кои ги имаат Германците во здравствениот сектор.

Притоа се посочува примерот на Хајделберг, каде медицински персонал, во заштитни одела, ги посетува пациентите кои се во домашна изолација, откако шест денови пред тоа било откриено дека се заразени со вирусот.

Им земаат крв и ја гледаат нивната општа состојба, но се овластени да повикаат амбулантни возила за да некој од нив се префрли во болница, доколку забележат дека состојбата на овие луѓе е влошена.

Тоа се случува во Хајделберг каде се наоѓа еден од најпознатите европски и светски истражувачки центри, во богатата и економски моќна Германија. Но, САД, како и водечките пет европски економии, најтешко погодени со пандемијата, не се било кои држави. Сите се во групата на најмоќните од Г-7 до Г-20, или се водечки сили во ЕУ.

Германските епидемиолози кои и порано беа „на цена“, сега во услови на силно раширената епидемија се барни од целиот свет за совети и за консултации, но над се, за да откријат како им успева да одржуваат ниска смртност. А, тие може да посочат неколку работи кои можеле да појаснат како германските здравствени работници може да имаат вакви резултати.

Раното тестирање

Германските лекари, пред се, како важна ја посочуваат возраста на пациентите, барем на почетокот од епидемијата. Тогаш Германија имаше и малку заболени, затоа што првите кои ја имаат донесено корона во земјата се младите кои претходно биле на зимување и скијање во Италија и Австрија.

Како млади луѓе, сите биле без никакви хронични заболувања. Епидемијата почнала да се шири кога се вратиле дома, заразувајќи ги повозрасните, пријателите и сите другите со кои се имаат дружено и среќавано, по враќањето од скијање.

Затоа и Германија долго време имаше и ниска возраст на заболени, во споредба со возраста на заболени и починати во Франција и Италија.

Експерти сметаат дека, сепак, многу поважен елемент во германскиот случај било раното тестирање на далеку побројна маса луѓе, отколку кај нејзините големи соседни држави, но и низ целиот свет, вклучувајќи ги тука и САД.

Епидемиолозите велат дека тоа помогнало уште во најраната фаза да се утврди кои луѓе имаат слаби, или посилни симптоми, или пак се здрави. Оние позитивните, на тој начин, почнале да се лекуваат уште на самиот старт од нивната заболеност.

Германска дисциплина

Два други значајни елементи кои го прават германскиот модел да стане најатрактивен се големиот број кревети во интензивна нега, а тоа значи сите со распиратори, како и германскиот менталитет и дисциплина.

Кога канцеларот Ангела Меркел во своето обраќање побара од Германците да останат дома, да не се собираат на журки и по своите домови во поголеми групи, социјално да се дистанцираат, тие веднаш ја послушаа.

Не се однесуваа како Италијанците, или Шпанците, на пример, или како луѓето на Балканот (секоја чест на дисциплинираните) да прават политика и политичка пропаганда од коронавирусот (како во Македонија), непочитувајќи ги владата и властите – и продолжувајќи, на пример, да не се носат ракавици и заштитни маски.

Ако карактерот и менталитетот не може да се пренесе од една во друга средина, искуствата (во случајов) во здравството би можеле. А, сега станува јасно дека Германија уште во јануари има развиено свој тест систем чија формула веднаш била ставена на интернет, а здравствените служби биле снабдени со тестови.

Кревети во интензивна нега

Конечно, оваа земја уште од порано располага со голем број лаборатории за дијагностицирање, што може да постигнат, неделно да се прават и по 350 илјади тестови врз луѓето, што е далеку најголем број во Европа. Таа постапка ја забавува пандемијата, затоа што помага рано да се изолираат пациентите – уште додека се инфицирани, а не се заболени.

Сето тоа се врзува со уште од пред пандемијата силниот здравствен систем во земјата со што се заокружува она што сега се означува како „германски модел“.

Покрај постојниот голем број кревети во одделенијата за интензивна нега, Германците во овие месеци на кризата имаат уредено уште кревети, со распиратори и обезбедено дополнителен здравствен персонал, па токму затоа сега можат да им помагаат на другите во ЕУ – преземајќи од Италија, Шпанија и Франција заболени пациенти кај себе, во германските болници.

Во јануари, на почетокот од кризата со пандемијата, Германија располагала со 28 илјади кревети во интензивна нега, а тоа значи 34 на 100 илјади жители.

Во Италија тогаш имало 12, а во развиената и богата Холандија, само седум кревети на сто илјади луѓе. Сега Германија располага со 40 илјади вакви кревети.

Толку нема никој во ЕУ/Европа.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе